Контролирај го својот гнев и „надвладеј го злото“
‚Не одмаздувајте се, сакани... туку надвладејте го злото со добро‘ (РИМ. 12:19, 21)
1, 2. Каков убав пример оставиле една група Сведоци што патувале со авион?
ЕДНА група од 34 Јеховини сведоци патувале со авион на свеченото отворање на една подружница, но кога застанале да наполнат гориво, се појавиле технички проблеми и летот бил одложен. Она што требало да биде пауза од еден час се претворило во 44-часовен кошмар на зафрлен аеродром каде што немало доволно храна, вода ни тоалети. Многу од останатите патници биле лути и им се заканувале на вработените на аеродромот. Но, браќата и сестрите останале смирени.
2 На крајот, Сведоците стигнале на последниот дел од програмата за свеченото отворање. Иако биле уморни, останале во пријатното друштво на тамошните браќа. Подоцна дознале дека нивната стрпливост и самоконтрола не поминале незабележано. Еден од другите патници ѝ рекол на авио-компанијата: „Да не беа тие 34 христијани на летот, на аеродромот ќе избиеја немири“.
Живот во гневен свет
3, 4. а) Како и колку долго постојат насилството и гневот меѓу луѓето? б) Можел ли Каин да си го исконтролира гневот? Објасни.
3 Животните притисоци во денешниов свет ги прават луѓето гневни (Проп. 7:7). Честопати, тој гнев раѓа омраза и насилство. Беснеат меѓународни и граѓански војни, а напнатите односи во семејството се причина за расправии во многу домови. Ваквиот гнев и насилство имаат долга историја. Каин, првиот син на Адам и Ева, го убил својот помлад брат Авел од гнев предизвикан од љубомора. Каин го извршил тоа подло убиство иако Јехова го советувал да си ги контролира чувствата и му ветил дека ќе го благослови ако го стори тоа. (Прочитај 1. Мојсеева 4:6-8.)
4 Иако наследил несовршенство, Каин имал избор. Можел да си го исконтролира гневот. Затоа, носел потполна одговорност за злосторството што го извршил. Слично на тоа, бидејќи сме несовршени, и нам не ни е секогаш лесно да го контролираме гневот. И други сериозни проблеми го зголемуваат стресот во овие „особено тешки времиња“ (2. Тим. 3:1). На пример, економските проблеми можат да нѐ стават под стрес. Полицијата и организациите кои обезбедуваат поддршка на семејствата сметаат дека има врска помеѓу економската криза и сѐ почестите изливи на гнев и случаи на семејно насилство.
5, 6. Кој став што светот го има кон гневот би можел да влијае врз нас?
5 Освен тоа, многу луѓе со кои доаѓаме во контакт се „себељубиви“, „вообразени“, па дури и „сурови“. Многу е лесно и ние да ги прифатиме ваквите лоши особини и да станеме склони на гнев (2. Тим. 3:2-5). Всушност, филмовите и ТВ-програмите честопати ја прикажуваат одмаздата како нешто исправно, а насилството како природно и оправдано решение за проблемите. Еден типичен филмски расплет го тера гледачот да го чека моментот кога негативецот „ќе си го добие своето“ — обично насилен крај од рацете на јунакот во филмот.
6 Ваквата пропаганда не ги поттикнува луѓето да размислуваат како Бог, туку го разгорува „духот на светот“ и на неговиот гневен владетел, Сатана (1. Кор. 2:12; Еф. 2:2; Отк. 12:12). Тој дух става акцент на желбите на несовршеното тело и е во апсолутна спротивност на Божјиот свет дух и неговите плодови. Впрочем, едно од основните учења во христијанството е дека не треба да враќаме со иста мера кога сме провоцирани. (Прочитај Матеј 5:39, 44, 45.) Тогаш, како можеме уште поцелосно да живееме во склад со Исусовите учења?
Добри и лоши примери
7. Што се случило затоа што Симеон и Леви не си го контролирале гневот?
7 Во Библијата има многу совети во врска со контролирањето на гневот, но и примери кои покажуваат што може да се случи кога го правиме и кога не го правиме тоа. Да размислиме за она што се случило кога Симеон и Леви, синовите на Јаков, му се одмаздиле на Сихем затоа што ја силувал сестра им, Дина. ‚Тоа ги погодило и многу ги разлутило‘ (1. Мој. 34:7). Потоа, другите синови на Јаков го нападнале градот на Сихем, го опљачкале и ги заробиле жените и децата. Тоа не го направиле само заради Дина, туку затоа што им била повредена гордоста, затоа што им било оцрнето името. Сметале дека Сихем ги навредил нив и татко им, Јаков. Но, како гледал Јаков на нивната постапка?
8. Што учиме за одмаздата од извештајот за Симеон и Леви?
8 На Јаков сигурно му било многу тешко поради она што ѝ се случило на Дина. Сепак, тој ја осудил одмаздата на своите синови. Симеон и Леви се обиделе да се оправдаат, велејќи: „Зарем смее некој со нашата сестра да постапува како со блудница?“ (1. Мој. 34:31). Но, со тоа не бил решен проблемот, зашто и Јехова не бил задоволен од нивната постапка. Многу години подоцна, Јаков прорекол дека поради насилството и гневот на Симеон и Леви нивните потомци ќе бидат распрснати низ другите племиња на Израел. (Прочитај 1. Мојсеева 49:5-7.) Да, поради својот неконтролиран гнев наишле на неодобрување и од Бог и од својот татко.
9. Во која ситуација Давид за малку ќе се препуштел на гневот?
9 Цар Давид постапил многу поинаку. Тој повеќепати имал можност да се одмазди, но не го сторил тоа (1. Сам. 24:3-7). Меѓутоа, во една прилика за малку ќе се препуштел на гневот. Еден богат човек по име Навал им се развикал на луѓето на Давид, иако тие му ги штителе стадото и пастирите. Можеби Давид се навредил, особено поради начинот на кој постапил Навал со неговите луѓе, и решил да се одмазди. Додека биле на пат да го нападнат Навал и неговиот дом, еден млад човек ја известил Авигеја, разумната жена на Навал, за она што се случило и ја молел да направи нешто. Таа веднаш подготвила голем дар и тргнала да го пресретне Давид. Понизно се извинила за дрскоста на Навал и го молела Давид да не го изгуби од вид стравот од Јехова. Давид се вразумил и рекол: „Благословена да бидеш ти, која ме задржа денес да не бидам виновен за крв“ (1. Сам. 25:2-35).
Ставот на христијаните
10. Како треба христијаните да гледаат на одмаздата?
10 Она што се случило со Симеон и Леви и помеѓу Давид и Авигеја јасно покажува дека Јехова не ги одобрува неконтролираниот гнев и насилството и дека ги благословува напорите да се зачува мирот. Апостол Павле напишал: „Ако е можно, колку што зависи од вас, бидете во мир со сите луѓе. Не одмаздувајте се, сакани, туку дајте му место на Божјиот гнев, зашто е напишано: ‚Одмаздата е моја, јас ќе вратам, вели Јехова‘. Напротив, ‚ако твојот непријател е гладен, нахрани го, ако е жеден, напој го, зашто, правејќи така, му натрупуваш жив жар врз главата‘. Не дозволувај да те надвладее злото, туку надвладеј го злото со добро!“ (Рим. 12:18-21).a
11. Како една сестра научила да си го контролира гневот?
11 Можеме да го примениме овој совет. На пример, една сестра му се жалела на старешината од новата шефица на работа. Рекла дека е неправедна и нељубезна. Била гневна на неа и сакала да ја напушти работата. Старешината ја поттикнал да не избрзува. Сфатил дека со својата гневна реакција поради лошото однесување на шефицата, сестрата само уште повеќе ја влошила ситуацијата (Тит 3:1-3). Братот ѝ нагласил дека, дури и да најде друга работа, сепак ќе треба да го смени начинот на кој реагира на нељубезност. Ја посоветувал да се однесува со шефицата онака како што би сакала таа да се однесува со неа, како што нѐ поучил и Исус. (Прочитај Лука 6:31.) Сестрата се согласила да се обиде. Каков бил резултатот? По некое време, шефицата смекнала, па дури и ѝ се заблагодарила на сестрата за вредната работа.
12. Зошто може да биде особено болно кога ќе се појават проблеми меѓу христијаните?
12 Можеби не нѐ изненадува кога вакви проблеми се појавуваат со некој надвор од христијанското собрание. Знаеме дека животот во светот на Сатана честопати е неправеден и дека не смееме да им дозволиме на злобните да нѐ извадат од кожа (Пс. 37:1-11; Проп. 8:12, 13; 12:13, 14). Но, кога ќе се појават проблеми со некој наш духовен брат или сестра, болката може да биде многу подлабока. Една сестра раскажува: „Кога ја запознав вистината, најголемата пречка што морав да ја надминам беше фактот дека Јеховините слуги не се совршени“. Доаѓаме од студен, бесчувствителен свет со надеж дека сите во собранието ќе бидат љубезни еден со друг, како што им прилега на христијани. Затоа, ако некој брат, особено некој што има одговорности во собранието, е непромислен или постапи нехристијански, тоа може да нѐ повреди или да нѐ разгневи. Можеби си мислиме: ‚Како може вакво нешто да се случува помеѓу Јеховиниот народ?‘ Всушност, такви работи се случувале дури и меѓу помазаните христијани во времето на апостолите (Гал. 2:11-14; 5:15; Јак. 3:14, 15). Како треба да реагираме кога ние сме засегнати?
13. Зошто и како треба да ги надминеме проблемите?
13 Сестрата што ја спомнавме погоре вели: „Научив да се молам за секој што ќе ме повреди. Тоа секогаш помага“. Како што веќе читавме, Исус нѐ поучил да се молиме за оние што нѐ прогонуваат (Мат. 5:44). Колку повеќе треба да се молиме за нашите духовни браќа и сестри! Исто како што еден татко сака неговите деца да се сакаат така и Јехова сака неговите слуги на Земјата да бидат во добри односи. Со душа го чекаме времето кога засекогаш ќе живееме во мир и среќа, а Јехова нѐ учи уште сега да го правиме тоа. Тој сака да соработуваме во величественото дело што ни го дал. Затоа, да ги решаваме проблемите или едноставно ‚да преминеме‘ преку престапот и да продолжиме напред. (Прочитај Изреки 19:11.) Наместо да се оддалечиме од нашите браќа кога ќе дојде до проблеми, да си помагаме еден на друг да останеме меѓу Божјиот народ, сигурни во прегратката на Јеховините ‚вечни раце‘ (5. Мој. 33:27).
Добри резултати кога сме благи со сите
14. Како можеме да се бориме против обидите на Сатана да посее раздор?
14 За да нѐ спречат да ја шириме добрата вест, Сатана и демоните постојано прават сѐ за да ги разнишаат семејствата и собранијата. Се обидуваат да посеат раздор, затоа што знаат дека внатрешните поделби се погубни (Мат. 12:25). За да се бориме против нивното злобно влијание, треба да го следиме советот на Павле: „Робот на Господарот не смее да се кара, туку треба да биде благ кон сите“ (2. Тим. 2:24). Да не заборавиме дека „не се бориме против крв и месо, туку... против злите духовни сили“. За да успееме во оваа борба, треба да ја користиме духовната воена опрема, во која спаѓа и ‚спремноста да ја проповедаме добрата вест на мирот‘ (Еф. 6:12-18).
15. Како треба да реагираме на нападите надвор од собранието?
15 Јеховините непријатели злобно го напаѓаат неговиот мирољубив народ. Некои од овие непријатели физички ги малтретираат Јеховините сведоци. Други нѐ клеветат во медиумите или во судовите. Исус им рекол на своите следбеници да очекуваат такво нешто (Мат. 5:11, 12). Како треба да реагираме? Никогаш не смееме ‚да враќаме зло за зло‘, ни со збор ни со постапка (Рим. 12:17; прочитај 1. Петрово 3:16).
16, 17. Во каква незгодна ситуација се нашло едно собрание?
16 Што и да ни направи Ѓаволот, можеме да дадеме добро сведоштво ако ‚го надвладееме злото со добро‘. На пример, едно собрание на еден остров во Пацификот изнајмило сала за Спомен-свеченоста. Кога дознале за тоа, тамошните црковни лица им рекле на своите верници да се соберат во таа сала за богослужба во истото време кога била закажана нашата прослава. Но, шефот на полицијата им наредил на црковните лица да ја ослободат салата до времето кога била закажана Спомен-свеченоста. Сепак, кога дошло времето за прославата, салата била полна со верниците од таа црква и тогаш почнале со својата богослужба.
17 Додека полицијата се подготвувала да ја испразни салата со примена на сила, главниот свештеник дошол кај еден од нашите старешини и го прашал: „Имавте ли нешто посебно планирано за вечерва?“ Братот му кажал за Спомен-свеченоста, а свештеникот му одговорил: „Ох, не знаев!“ На тоа, еден полицаец извикал: „Ама ви кажавме утрово!“ Свештеникот му се свртел на старешината и со саркастична насмевка му рекол: „И, што ќе правите сега? Имаме полна сала со луѓе. Ќе барате полицијата да ги избрка?“ Тој подмолно ги свртел работите така за да изгледа како Сведоците да ги прогонуваат неговите верници! Што направиле браќата?
18. Како браќата реагирале на провокација, и каков бил резултатот од тоа?
18 Сведоците предложиле црквата да одржи богослужба од половина час, по што браќата би продолжиле со Спомен-свеченоста. Богослужбата траела подолго, но откако членовите на црквата си заминале, браќата ја одржале Спомен-свеченоста. Следниот ден, властите свикале комисија што ќе го испита случајот. Откако ги разгледала фактите, комисијата ја натерала црквата јавно да каже дека причината за проблемот не биле Сведоците, туку главниот свештеник. Освен тоа, комисијата им се заблагодарила на Јеховините сведоци за тоа што останале смирени и стрпливи во таа тешка ситуација. Тоа што Сведоците се труделе ‚да бидат во мир со сите луѓе‘ дало добри резултати.
19. Што друго може да придонесе за мирољубиви односи?
19 Друг важен фактор за да се зачуваат мирољубиви односи со другите се пријатните зборови. Во следната статија ќе разгледаме што се пријатни зборови и како можеме да се научиме да зборуваме така.
[Фуснота]
a Изразот „жив жар“ укажува на еден древен процес на топење руда при што таа се вжештувала и одозгора и одоздола за да се издвои металот. Кога покажуваме добрина кон оние што се нељубезни со нас, може да го омекнеме нивниот став и на површина да излезат нивните добри особини.
Можеш ли да објасниш?
• Зошто луѓето во денешно време се толку гневни?
• Кои библиски примери покажуваат какви се резултатите ако се контролира, а какви ако не се контролира гневот?
• Како треба да реагираме ако некој сохристијанин нѐ повреди?
• Како треба да реагираме на нападите од Јеховините непријатели?
[Слика на страница 16]
Симеон и Леви се вратиле, но дури откако го истуриле својот гнев
[Слики на страница 18]
Љубезноста може да ги смекне другите