ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w10 1/8 стр. 18-21
  • Библијата менува животи

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Библијата менува животи
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
  • Сличен материјал
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2009
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Библијата менува животи
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2010
w10 1/8 стр. 18-21

Библијата менува животи

КАКО една зависничка од дрога што била самохрана мајка од Русија успеала да престане да се дрогира и да си го подобри односот со децата? Како еден бездомник од Кјото (Јапонија) собрал сили и храброст да ги остави лошите навики што го довеле до просјачки стап? Што му помогнало на еден сточар од Австралија да прекине со пијанчењата? Да видиме што има да ни каже секој од нив.

„Сфатив дека сум должна да заработувам за себе“ — НЕЛИ БАЈМАТОВА

ВОЗРАСТ: 45

ЗЕМЈА: РУСИЈА

НЕКОГАШ: ЗАВИСНИЧКА ОД ДРОГА

МОЕТО МИНАТО: Израснав во Владикавказ, главниот град на Република Северна Осетија (сега Аланија). Моето семејство беше релативно богато. Но иако материјално бев задоволена, не бев среќна. На 34 години веќе имав два пропаднати брака зад себе. Десет години се дрогирав, и покрај тоа што двапати бев во клиника за одвикнување. Иако имав две деца, тогаш не чувствував никаква љубов кон нив, ниту, пак, имав нормални односи со пријателите или семејството.

Мајка ми стана Јеховин сведок, и често ја слушав како плаче и го моли Јехова да ми помогне. Си мислев: „Колку е наивна! Како може Јехова да ми помогне?“ Пробав да ја оставам дрогата, ама сама не можев да успеам. Еднаш издржав цели два дена без дрога. Потоа решив да излезам надвор од куќата и скокнав од прозорецот. За жал се наоѓав на вториот кат. Од падот си ги скршив раката и ногата и си го повредив грбот. Не можев да станам од кревет повеќе од еден месец.

За тоа време мајка ми се грижеше за мене и никогаш не ме прекори за она што го направив. Ѝ беше јасно дека сум емоционално и ментално ранлива. Но, ми остави покрај креветот неколку броја од списанието Разбудете се!a Едно по едно ги прочитав и видов дека се многу интересни и информативни. Тогаш одлучив да ја проучувам Библијата со Сведоците.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Со помош на Библијата научив да бидам одговорна. Наместо да очекувам да ме издржува мајка ми, сфатив дека сум должна да заработувам за себе и за моите деца. Но, бидејќи со години мислев и живеев само за себе, не ми беше лесно да се навикнам редовно да одам на работа.

Многу ми помогна и советот од 5. Мојсеева 6:5-7, каде што на родителите им е кажано да ги поучуваат своите деца за Бог. Сфатив дека сум одговорна пред Бог и за начинот на кој ги воспитувам моите две деца. Тоа ме поттикна да поминувам повеќе време со нив и да почнам да чувствувам мајчинска љубов.

Од благодарност што Јехова ми овозможи да ја дознаам вистината, му се заветував и се крстив како Јеховин сведок.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Научив да си ја контролирам избувливоста, и сега имам многу подобар однос со мајка ми и со децата.

Бидејќи научив да ги мразам сите безбожни работи, исчезнаа многу од проблемите што беа последица од мојот поранешен начин на живот. А многу сум среќна што можам да им помагам и на други да ја дознаат вистината за нашиот добар Бог, Јехова.

„Имам чувство како дословно да ми е спасен животот“ — МИНОРУ ТАКЕДА

ВОЗРАСТ: 54

ЗЕМЈА: ЈАПОНИЈА

НЕКОГАШ: БЕЗДОМНИК

МОЕТО МИНАТО: Пораснав во градот Јамагучи со татко ми и со баба ми. Не ја знаев мојата мајка. Кога имав 19 години, баба ми умре, а јас продолжив да живеам со татко ми. Работев како готвач, слично како него. Работевме во различни смени, така што речиси и не се гледавме. Животот ми стана шаблон: цел ден работев, а потоа пиев со другарите.

Но, со текот на времето, работата ми здодеа. Се карав со шефот и почнав уште повеќе да пијам. Некаде пред да наполнам 30 години решив да си заминам од дома и да патувам. Кога ги потрошив сите пари, се вработив во коцкарница. Запознав една девојка и се венчавме. Но, по само две и пол години се разделивме.

Бев во депресија, без волја за ништо, и до гуша задолжен кај лихвари. Избегав од луѓето на кои им должев и извесен период пак живеев во родниот град со татко ми, но го лажев и си го расипав односот со него. Некое време му крадев пари од дома и се коцкав. На крај останав без ништо и еден период живеев на железничка станица. Се преселив во Хаката, потоа во Химеиџи, а оттаму во Кјото. Две години живеев како бездомник.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Во 1999 год., бев во еден парк близу реката Камогава во Кјото, кога ми пристапија две жени. Едната од нив ме праша: „Дали би сакал да ја проучуваш Библијата?“ Се согласив. Ја проучував Библијата со зрели христијани од локалното собрание на Јеховините сведоци, кои ми помогнаа да видам колку е важно да постапуваме според начелата во неа. Ми предложија да побарам работа и живеалиште. Само заради нив појдов на неколку разговори за работа, но немав голема желба да се вработам. Сепак, подоцна почнав да се молам за помош и посериозно се трудев да најдам работа, што на крајот и ми успеа.

Молитвата ми помогна и во уште една тешка ситуација. Ме најдоа оние на кои им должев пари и бараа да им ги вратам. Бев под силен притисок. Еден ден, додека ја читав Библијата, ги прочитав зборовите од Исаија 41:10. Таму Бог им ветува на своите верни слуги: „Јас... ќе ти помогнам“. Тоа ветување ми влеа сила и храброст. Работев напорно и постепено успеав да ги вратам долговите. Во 2000 год. ги исполнив условите да се крстам како Јеховин сведок.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Она што го научив од Библијата ме поттикна да се обидам да си го подобрам односот со татко ми, и тој ми прости за она што го правев во минатото. Беше многу среќен што научив да живеам според библиските мерила. Имам чувство како дословно да ми е спасен животот.

Освен тоа, можам да работам и материјално да се издржувам (Ефешаните 4:28; 2. Солуњаните 3:12). А во христијанското собрание стекнав вистински пријатели (Марко 10:29, 30). Од дното на душата сум му благодарен на Јехова за сѐ што ме научи.

„Не ми беше лесно да се сменам“ — ДЕЈВИД ХАДСОН

ВОЗРАСТ: 72

ЗЕМЈА: АВСТРАЛИЈА

НЕКОГАШ: ЧЕСТО СЕ ОПИВАЛ

МОЕТО МИНАТО: Бев единаесетто дете на моите родители, Вили и Луси. Моето семејство живееше во абориџинската заедница Орукан, која се наоѓаше во најсеверниот дел на Квинсленд. Нашата заедница се простираше на бреговите од живописната река Арчер, близу до морето. Родителите нѐ учеа да ловиме дивеч и риби за да преживееме. Во тоа време, на абориџините законски им беше забрането да ракуваат со пари, и можевме да живееме само на ограничено подрачје.

Моите родители дадоа сѐ од себе за да всадат во мене убави особини и нѐ учеа нас, децата, да ги почитуваме постарите и да го делиме со другите она малку што го имавме. Како резултат на тоа, сите постари ги гледавме како мајки и татковци и како тетки и чичковци.

Татко ми умре кога имав седум години, и тогаш се преселивме во една мисија меѓу Абориџините во Мапун, која се наоѓа околу 150 километри северно од Орукан. На 12 години почнав да учам да работам со коњи и добиток, и до пред да наполнам 50 години работев на многу ранчеви со говеда како сточар (каубој). Таквиот живот не беше лесен. Често се опивав. Тоа ми донесе многу главоболки и проблеми.

Еднаш, мртов пијан, излегов од еден хотел и се дотетеравив до патот токму кога поминуваше еден залетан автомобил. Следните две години ги поминав на рехабилитација и физикална терапија, што значеше крај за мојата работа.

КАКО БИБЛИЈАТА МИ ГО ПРОМЕНИ ЖИВОТОТ: Додека бев на рехабилитација, една пријателка ми донесе неколку броја од списанијата Стражарска кула и Разбудете се! Но, бидејќи баш и немав некое образование, не можев добро да читам. По некое време, во еден многу жежок ден, дојде еден 83-годишен господин. Го поканив на чаша ладна вода. Ми даде неколку библиски публикации и ме праша дали може да дојде пак за да ми ја објасни содржината. Така почнав редовно да ја проучувам Библијата со него и ми стануваше сѐ појасно дека треба да сменам некои работи во мојата личност и начин на живот ако сакам да го радувам Бог.

Не ми беше лесно да се сменам. Но, благодарение на поуките од мајка ми, чувствував голема почит кон постариот човек што ја проучуваше Библијата со мене и имав големо ценење за духовното разбирање што го добивав од него. Сепак, се колебав да му го заветувам својот живот на Бог. Мислев дека морам да знам сѐ што пишува во Библијата.

Но еден колега ми помогна да си го исправам мислењето. Тој беше Јеховин сведок и ми рече да си ги прочитам охрабрувачките зборови од Колошаните 1:9, 10. Таму пишува дека треба ‚сѐ подобро да го запознаваме Бог‘. Колегата ми помогна да сфатам дека секогаш ќе учам нешто ново, па затоа нема вистинска причина да дозволам заради моето ограничено знаење да тапкам во место.

Кога почнав да одам на состаноците на Јеховините сведоци, бев вистински воодушевен. Со свои очи видов како луѓе со најразлично потекло и статус обединето му служат на Бог. Тоа единство потполно ме убеди дека ја пронајдов вистинската религија, па така, во 1985 година се крстив како Јеховин сведок.

МОЈОТ ЖИВОТ СЕГА: Сега читам подобро и минувам многу часови секоја седмица помагајќи им и на други да научат да читаат и да ја проучуваат Библијата. Освен тоа, и пријателката што прва ми ги донесе списанијата Стражарска кула и Разбудете се! ја проучуваше Библијата со Сведоците, се крсти и сега ми е сопруга. Заедно, со најголемо задоволство им помагаме и на другите во абориџинската заедница да научат повеќе за Јехова Бог.

[Фуснота]

a Издадено од Јеховините сведоци.

[Истакната мисла на страница 21]

Жена ми и јас со најголемо задоволство им помагаме и на другите во абориџинската заедница да научат повеќе за Бог

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели