Дали Бог бара да ги исповедаме гревовите?
Исповедањето на гревовите пред свештено лице е дел од верските ритуали во многу религии. Но, во денешново толерантно општество, дали е важно, па дури и потребно да се исповедаме?
МИСЛЕЊАТА за ова се различни. На пример, за канадскиот весник National Post еден човек изјавил дека, иако е многу тешко да ја признаеш грешката пред некого, „чувствуваш некое посебно олеснување кога знаеш дека и некој друг е свесен за неа, се моли со тебе и ти кажува што да правиш за да ги поправиш работите“. Спротивно на тоа, во книгата Благослови ме, Татко, зашто згрешив (Bless Me, Father, for I Have Sinned) е цитиран еден друг човек: „Исповедувањето на гревовите е еден од црковните обичаи што најмногу нѐ осакатуваат емоционално. Тоа создава немир во нас“. Што ни кажува Библијата за ова?
Што вели Библијата
Во законот што Бог му го дал на израелскиот народ јасно било кажано што требало да направи некој кога ќе згреши. На пример, ако еден човек му згрешел на друг или прекршел некој од Божјите закони, морал да си ја признае грешката пред избран свештеник од племето на Леви, кој потоа ќе извршел за него обред на очистување така што ќе му принел жртва за грев на Бог (3. Мојсеева 5:1-6).
Неколку векови подоцна, кога Давид направил сериозни гревови, пророкот Натан дошол кај него и го укорил. Како реагирал Давид? Тој веднаш признал: „Му згрешив на Јехова“ (2. Самоилова 12:13). Потоа во молитва го преколнувал Бог да му се смилува. Каков бил резултатот? Давид напишал: „Конечно ти го признав гревот и не ја прикрив вината. Реков: ‚Ќе му ги признаам на Јехова своите престапи‘. И ти ја прости вината за моите гревови“ (Псалм 32:5; 51:1-4).
И од христијаните во првиот век. Бог барал да си ги признаваат гревовите. Јаков, кој му бил полубрат на Исус и бил еден од оние што предводеле во собранието во Ерусалим, ги поттикнал сохристијаните: „Признавајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да оздравите“ (Јаков 5:16). Тогаш, за што треба да се исповедаат христијаните, и кому?
За што да се исповедаме?
Бидејќи сме несовршени, склони сме секој ден да направиме или да кажеме нешто непромислено и така да згрешиме (Римјаните 3:23). Дали треба да се исповедаме за секоја грешка пред некој човек назначен за тоа?
Иако за Бог секој грев е прекршок, тој милостиво зема предвид дека многу наши пропусти се должат на несовршеноста што сме ја наследиле. Свесен за ова, псалмистот напишал: „Ако гледаш на престапите, о Јах, о Јехова, кој ќе опстане? Зашто, во тебе е вистинското простување, за да се бојат од тебе“ (Псалм 130:3, 4). Тогаш, што да направиме кога ќе згрешиме некому, можеби ненамерно? Сети се дека молитвата Оченаш, која Исус им ја кажал на своите следбеници за да им покаже како треба да се молат, го содржи и ова барање: „Прости ни ги нашите гревови, зашто и ние му простуваме на секој наш должник“ (Лука 11:4). Бог ќе ни прости само ако го молиме за тоа во името на Исус (Јован 14:13, 14).
Сепак, забележи дека Исус спомнал еден услов: и ние да му простиме на „секој наш должник“. Апостол Павле ги потсетил своите соверници: „Бидете милостиви еден спрема друг, имајте сомилост, спремно простувајќи си еден на друг како што и Бог преку Христос спремно ви прости вам“ (Ефешаните 4:32). Ако ние им ги простуваме грешките на другите, имаме добра причина да очекуваме и Бог да ги прости нашите.
Но, дали истото важи и за тешки гревови, како што се крадењето, намерното лажење, сексуалниот неморал, пијанството итн.? Секој што прави вакви гревови го прекршува Божјиот закон и со тоа греши пред Бог. Треба ли и за тоа да се исповеда?
Пред кого да се исповедаме?
Бог не овластил ниту еден човек да ги простува гревовите што се направени против Него. Таквите гревови ги простува само тој лично. Библијата јасно ни кажува: „Ако ги признаеме своите гревови, Бог ќе ни ги прости и ќе нѐ исчисти од секаква неправедност, бидејќи е верен и праведен“ (1. Јованово 1:9). Но, пред кого треба да ги признаеме ваквите гревови?
Бидејќи единствено Бог може да ни прости, нему сме должни и да му ги признаеме. Како што видовме, така направил Давид. Но, на која основа би ни простил Бог? Библијата вели: „Покајте се и обратете се за да ви бидат избришани гревовите, за да дојдат времиња на закрепнување од лицето на Јехова“ (Дела 3:19). Значи, дали ќе ни биде простено не зависи само од тоа дали сме увиделе дека сме згрешиле и сме го признале гревот туку и дали сме престанале да постапуваме погрешно. Ова обично е најтешкиот чекор. Но, не сме оставени без помош.
Сети се на зборовите на ученикот Јаков што ги спомнавме претходно: „Признавајте си ги гревовите еден на друг и молете се еден за друг, за да оздравите“. Откако го кажал тоа, Јаков додал: „Сесрдната молитва на праведникот има голема сила и може да направи многу добра“ (Јаков 5:16). „Праведникот“ може да е некој од „старешините од собранието“, кои Јаков ги спомнал во 14. стих. Тие имаат задача да им помагаат на оние што сакаат Бог да им прости. Ова во никој случај не значи дека старешините можат да простат нечиј грев или да ослободат некого од одговорност, зашто ниту еден човек не е овластен да му прости на оној што му згрешил на Бог.a Но, тие се духовно зрели луѓе и затоа можат да го укорат оној што згрешил, да му помогнат да го смени својот став, да ја согледа тежината на својот грев и потребата да се покае (Галатите 6:1).
Зошто да ги признаеме гревовите?
Без разлика дали станува збор за тежок грев или не, оној што згрешил си го расипал односот со својот ближен и со Бог. Затоа може да биде вознемирен или загрижен. Таквите чувства се реакција на нашата совест која е дар од нашиот Творец (Римјаните 2:14, 15). Што може да направиме?
Повторно во книгата на Јаков ги наоѓаме овие утешни зборови: „Болен ли е [духовно] некој меѓу вас? Нека ги повика старешините од собранието, па тие нека се молат за него и нека го намачкаат со масло во името на Јехова. И молитвата упатена со вера ќе го оздрави болниот, и Јехова ќе го подигне. И ако направил гревови, ќе му биде простено“ (Јаков 5:14, 15).
И овде е кажано дека старешините треба да се грижат за потребите на стадото. Како? Не е доволно само да го сослушаат оној што згрешил. Бидејќи станува збор за духовно болен човек, треба да направат нешто кое „ќе го оздрави болниот“. Јаков спомнал две работи што може да ги направат.
Прво, рекол да „го намачкаат со масло“. Ова се однесува на моќта што Божјата реч ја има духовно да лечи. Апостол Павле објаснил дека „речта Божја е жива и делотворна... па може да ги процени мислите и намерите на срцето“, што значи да допре длабоко во мислите и во срцето (Евреите 4:12). Ако вешто ја користат Библијата, старешините можат да му помогнат на некој што е духовно болен да ја увиди причината за проблемот и да преземе соодветни чекори за да ги поправи работите пред Бог.
Како второ, ја спомнал „молитвата упатена со вера“. Иако Бог нема поради нивните молитви да го поштеди грешникот од последиците што со право треба да ги сноси, Јехова сепак ги смета овие молитви за важни затоа што вистински сака да прости на темел на жртвата на Исус (1. Јованово 2:2). Бог е спремен да му прости на секој што искрено се кае за грешката и прави „дела кои одговараат на покајанието“ (Дела 26:20).
Сеедно дали сме му згрешиле на човек или на Бог, најважната причина поради која треба да го признаеме или исповедаме гревот е за да можеме да бидеме во добар однос со Бог. Исус Христос кажал дека, за да му служиме на Бог со чиста совест, мораме најпрво да го решиме секој проблем што го имаме со некој ближен и да воспоставиме добри односи со него (Матеј 5:23, 24). Во Изреки 28:13 пишува: „Кој ги крие престапите свои, ќе нема успех, а оној што ги признава и ги остава, ќе биде помилуван“. Ако се понизиме во очите на Јехова Бог и го молиме да ни прости, повторно ќе му бидеме мили и ќе нѐ возвиши кога ќе дојде време (1. Петрово 5:6).
[Фуснота]
a Некои сметаат дека она што Исус го кажал во Јован 20:22, 23 потврдува дека човек може да се исповеда пред друг човек. Повеќе на оваа тема се зборува во Стражарска кула од 15 април 1996, страници 28-29.
[Истакната мисла на страница 23]
Бог ќе премине преку нашите пропусти ако му ги признаеме и ќе ни прости ако го молиме во името на Исус
[Слика на страница 24]
Најважната причина поради која треба да го признаеме гревот е за да можеме да бидеме во добар однос со Бог