Кој ти е најважен во животот?
„Единствено ти, чие име е Јехова, си Севишен над целата земја!“ (ПС. 83:18)
1, 2. Зошто не е доволно само да знаеме дека Бог се вика Јехова за да бидеме спасени?
ВЕРОЈАТНО првпат си го видел Божјето име, Јехова, кога некој ти го покажал во Осија 12:5. Можеби си се изненадил кога таму си ги прочитал следниве зборови: „Господ е Бог Саваот; Јехова е името Негово“ (Превод на МПЦ). Без сомнение, оттогаш и самиот си го користел овој стих за да им помогнеш на другите подобро да го запознаат нашиот прекрасен Бог, Јехова (Рим. 10:12, 13).
2 Иако е важно луѓето да знаат дека Бог се вика Јехова, тоа само по себе не е доволно. Забележи како псалмистот нагласува уште една вистина која мора да ја прифатиме ако сакаме да се спасиме. Во врска со Јехова, тој вели: „Единствено ти... си Севишен над целата земја!“ (Пс. 83:18). Според тоа, Јехова е најважната личност во вселената. Бидејќи е Творец на сѐ, тој со право очекува од сите негови суштества да му бидат подложни во потполност (Отк. 4:11). Затоа, добро е да се прашаме: ‚Кој ми е мене најважен во животот?‘ Многу е битно секој од нас внимателно да размисли што би одговорил на ова прашање.
Спорното прашање покренато во рајската градина
3, 4. Кои тактики ги користел Сатана за да ја измами Ева, и како реагирала таа?
3 За да разбереме колку е важно прашањето спомнато во претходниот пасус, да размислиме за она што се случило во рајската градина. Таму бунтовниот ангел, кој подоцна станал познат како Сатана Ѓаволот, ја навел првата жена, Ева, да ги стави своите лични желби пред Јеховината заповед да не јадат од плодот на едно дрво (1. Мој. 2:17; 2. Кор. 11:3). Таа подлегнала на ова искушение, и со тоа покажала дека не го почитува Јехова како Севишен Владетел и дека тој не ѝ е најважен во животот. Но, како успеал Сатана да ја измами?
4 Тој се послужил со неколку подмолни тактики кога разговарал со Ева. (Прочитај 1. Мојсеева 3:1-5.) Прво, не го спомнал Јехова по име, туку едноставно рекол „Бог“. За разлика од него, писателот на 1. Мојсеева го употребил името Јехова уште во првиот стих од ова поглавје. Второ, Сатана не ја прашал Ева што им ‚заповедал‘ Бог во врска со дрвото, туку што им ‚рекол‘ (1. Мој. 2:16). На ваков лукав начин, веројатно сакал да ја потцени важноста на Божјата заповед. Трето, иако зборувал само со Ева, ѝ се обраќал со „вие“, во множина. Со тоа можеби сакал да ја фати во замката на гордоста, наведувајќи ја да си придаде преголема важност, како таа да има право да зборува и во свое име и во името на својот маж. Како реагирала Ева? Таа очигледно си зела за право да одговори во името на двајцата, бидејќи ѝ рекла на змијата: „Од плодовите на дрвјата во градината смееме да јадеме“.
5. а) За што почнала да размислува Ева по она што ѝ го рекол Сатана? б) Што покажала Ева со тоа што јадела од забранетиот плод?
5 Освен тоа, Сатана ги извртел фактите. Тој го прикажал Бог како неправеден затоа што не им дозволил на Адам и Ева ‚да јадат од секое дрво во градината‘. Исто така, ја навел Ева да мисли на себе и на тоа како, наводно, би можело да ѝ биде уште поубаво во животот со тоа што ќе стане „како Бог“. На крајот, успеал да ја натера да мисли само на дрвото и на неговиот плод, наместо на својот однос со Бог, кој ѝ дал сѐ. (Прочитај 1. Мојсеева 3:6.) За жал, со тоа што јадела од плодот, Ева покажала дека Јехова не ѝ е најважен во животот.
Спорното прашање во времето на Јов
6. Во случајот со Јов, што довел во прашање Сатана, и каква можност му била дадена на овој верен Божји слуга?
6 Со векови подоцна, верниот Божји слуга Јов имал можност да покаже кој му е најважен во животот. Кога Јехова му посочил на Сатана колку е верен овој човек, Сатана му возвратил: „Зарем Јов залудно се бои од Бог?“ (Прочитај Јов 1:7-10.) Значи, Ѓаволот не тврдел дека Јов му е непослушен на Бог, туку ги довел во прашање неговите мотиви. Тој лукаво го обвинил дека му служи на Јехова од корист, а не од љубов. Само Јов можел да докаже дека ова обвинение не е точно, и му била дадена можност да го стори тоа.
7, 8. Со какви неволји бил погоден Јов, и што докажал со тоа што верно истрајал и покрај сето страдање?
7 Јехова му дозволил на Сатана да му нанесе на Јов низа неволји кои се случувале една по друга (Јов 1:12-19). Како реагирал овој Божји слуга на сето тоа? Библијата вели дека тој ‚не згрешил и не рекол ништо лошо за Бог‘ (Јов 1:22). Но, Сатана не се откажал од своето обвинение. „Кожа за кожа!“, рекол тој. „Човекот ќе даде сѐ што има за својата душа“a (Јов 2:4). Со други зборови, Сатана тврдел дека, ако Јов доживее тешко физичко страдање, Јехова повеќе нема да му биде најважен во животот.
8 Јов бил погоден од одвратна болест, а жена му го ставила под силен притисок да го проколне Бог и да умре. Подоцна, тројца лажни тешители го обвиниле дека постапувал неправедно (Јов 2:11-13; 8:2-6; 22:2, 3). Но, и покрај сето ова страдање, Јов останал беспрекорен. (Прочитај Јов 2:9, 10.) Со тоа што верно истрајал во неволјите, тој покажал дека Јехова му е најважен во животот. Исто така покажал дека луѓето можат — иако не на совршен начин — да ги побијат лажните обвиненија на Сатана. (Спореди со Изреки 27:11.)
Исус дал совршен одговор
9. а) Како Сатана се обидел да искористи една природна потреба за да го искуша Исус? б) Како реагирал Исус на ова искушение?
9 Кратко откако Исус се крстил, Сатана се обидел да го натера да мисли само на своите желби, наместо да покаже дека Јехова му е најважен во животот. Ѓаволот трипати го искушал Исус. Прво, се обидел да ја искористи неговата потреба од храна за да го наведе да ги претвори камењата во лебови (Мат. 4:2, 3). Бидејќи немал јадено 40 дена, Исус бил многу гладен. Затоа Ѓаволот го поттикнал да ја злоупотреби својата моќ да прави чуда за да си создаде храна. Како реагирал Исус? За разлика од Ева, тој не мислел на искушението, туку на Јеховината Реч, и веднаш му се спротивставил на Сатана. (Прочитај Матеј 4:4.)
10. Зошто Сатана го предизвикал Исус да се фрли од врвот на храмскиот ѕид?
10 Сатана исто така се обидел да го предизвика Исус да постапи себично кога му рекол да се фрли од врвот на храмскиот ѕид (Мат. 4:5, 6). Што сакал да постигне со ова? Сатана тврдел дека, ако Исус останал неповреден од тој пад, тоа ќе било доказ дека навистина е „Божји син“. Очигледно, Ѓаволот сакал Исус да биде толку загрижен за сопствениот углед што би направил чудо за да се истакне пред луѓето. Сатана знаел дека човек би можел да прифати дури и многу опасен предизвик ако е горд или ако се плаши да не се посрами пред другите. За разлика од Ѓаволот, кој погрешно применил еден стих од Светото писмо, Исус покажал дека добро ја разбира Јеховината Реч. (Прочитај Матеј 4:7.) Со тоа што одбил да се фрли од храмскиот ѕид, Исус повторно докажал дека Јехова му е најважен во животот.
11. Зошто Исус одбил да ги прифати сите царства на светот кои му ги понудил Ѓаволот?
11 Во својот последен очаен обид, Сатана му ги понудил на Исус сите царства на светот (Мат. 4:8, 9). Исус веднаш го одбил тоа. Тој знаел дека би го отфрлил Јехова како единствен Севишен Владетел доколку ја прифател таа понуда. (Прочитај Матеј 4:10.) Во сите три случаи, Исус му одговорил на Сатана цитирајќи стихови во кои стоело Божјето име, Јехова.
12. Со каква тешка ситуација се соочил Исус, и што учиме од начинот на кој реагирал?
12 При крајот на својот живот на Земјата, Исус се соочил со една многу тешка ситуација. Во текот на својата служба, тој повеќе пати покажал дека е спремен да го жртвува својот живот (Мат. 20:17-19, 28; Лука 12:50; Јован 16:28). Меѓутоа, Исус знаел и дека ќе биде лажно обвинет и прогласен за виновен од еврејскиот Судски совет, и дека ќе биде погубен како богохулник. Поради тоа му било многу тешко. Затоа се молел: „Татко мој, ако е можно, нека ме одмине оваа чаша“. Сепак, додал: „Но, не како што сакам јас, туку како што сакаш ти“ (Мат. 26:39). Со тоа што му останал верен на Бог сѐ до својата смрт, Исус дал непобитен доказ дека Јехова му е најважен во животот!
Каков одговор ќе дадеш ти?
13. Што научивме досега од примерот на Ева, на Јов и на Исус Христос?
13 Што научивме досега? Од она што ѝ се случило на Ева, научивме дека оние што им подлегнуваат на себичните желби или кои си придаваат претерана важност покажуваат дека Јехова не им е најважен во животот. За разлика од неа, од Јов научивме дека дури и несовршени луѓе можат да покажат дека го ставаат Јехова на прво место со тоа што верно истрајуваат во неволји — дури и кога не разбираат во потполност зошто страдаат (Јак. 5:11). И, од примерот на Исус научивме дека треба да сме спремни да поднесеме срам и дека не треба да бидеме претерано загрижени за својот личен углед (Евр. 12:2). Но, како можеме да ги примениме овие поуки?
14, 15. За разлика од Ева, како реагирал Исус на искушенијата, и како можеме да го следиме неговиот пример? (Види ја и сликата на 18. страница.)
14 Никогаш не дозволувај поради искушенијата да го заборавиш Јехова. Ева допуштила Сатана да ја наведе да мисли само на искушението што стоело пред неа. Таа видела дека плодот „е добар за јадење, примамлив за очите и пожелен за гледање“ (1. Мој. 3:6). Исус постапил сосема спротивно! Тој не дозволил ниту едно од трите искушенија да го наведе да ги изгуби од вид можните последици од неговите постапки. Се потпирал на Божјата Реч и го користел Божјето име, Јехова.
15 На што се концентрираме ние кога ќе се најдеме на искушение да направиме нешто што не му се допаѓа на Јехова? Колку повеќе размислуваме за искушението, толку посилна ќе стане желбата да постапиме погрешно (Јак. 1:14, 15). За да не дозволиме таквата желба да фати корен во нашето срце, треба веднаш да преземеме мерки. Понекогаш тие ќе мора да бидат драстични — како да сме отсекле дел од своето тело (Мат. 5:29, 30). Исто како Исус, треба да мислиме на последиците од нашите постапки, односно како тие ќе влијаат врз нашиот однос со Јехова. Мора да се потсетиме на она што го вели неговата Реч, Библијата. Само така ќе докажеме дека Јехова ни е најважен во животот.
16-18. а) Од кои причини може да бидеме многу потиштени? б) Што ќе ни помогне да издржиме кога ќе се најдеме во неволји?
16 Никогаш не дозволувај да му се лутиш на Јехова поради неволјите што ќе те снајдат (Изр. 19:3). Додека се ближи крајот на овој злобен свет, сѐ повеќе Јеховини слуги стануваат жртви на катастрофи и трагедии. Денес не очекуваме Јехова да нѐ заштитува со чуда. И покрај тоа, слично на Јов, можеби ќе бидеме многу потиштени кога ќе ни умре некој близок или, пак, ќе се соочиме со други тешкотии.
17 Јов не разбирал зошто Јехова дозволува да се случат некои работи, а понекогаш и ние не сфаќаме зошто се случува нешто лошо. Можеби сме слушнале дека некои верни браќа загинале во земјотрес, како оние на Хаити, или во друга природна катастрофа. Можеби знаеме за некој верен Божји слуга кој бил жртва на насилство или умрел во трагична несреќа. Некои од нас се наоѓаат во тешки околности или, пак, сметаат дека им е нанесена неправда. Можеби скршени од болка се прашуваме: ‚Зошто, Јехова, зошто баш јас? Што ти згрешив?‘ (Авак. 1:2, 3). Што ќе ни помогне да издржиме во тие моменти?
18 Кога ќе ни се случи нешто лошо, треба да внимаваме да не заклучиме дека Јехова нѐ отфрлил. Исус нагласил дека ваквиот заклучок не би бил точен кога спомнал два трагични настана кои се случиле во негово време. (Прочитај Лука 13:1-5.) Многу неволји се резултат на „времето и непредвидените настани“ (Проп. 9:11). Сеедно што е причината за нашето страдање, можеме да издржиме ако го насочиме своето внимание на „Богот на секоја утеха“. Тој ќе ни даде сила да продолжиме верно да му служиме (2. Кор. 1:3-6).
19, 20. Што му помогнало на Исус да ги преброди понижувањата, и што ќе ни помогне и нам?
19 Никогаш не дозволувај да те заслепи гордоста или стравот да не бидеш засрамен. Затоа што бил понизен, Исус ‚се одрекол од самиот себе и зел облик на роб‘ (Фил. 2:5-8). Успеал да преброди многу понижувања затоа што се потпирал на Јехова (1. Пет. 2:23, 24). На тој начин ја ставил Јеховината волја на прво место, и на крајот Бог го возвишил (Фил. 2:9). Исус ги советувал и своите ученици да живеат како него (Мат. 23:11, 12; Лука 9:26).
20 Поради некои испити на нашата вера би можеле да претрпиме срам. Сепак, треба да го имаме истиот став како и апостол Павле кој со уверување рекол: „Поради тоа и го трпам ова, но не се срамам, бидејќи го знам оној кому му поверував и уверен сум дека тој може да го чува она што му го доверив до оној ден“ (2. Тим. 1:12).
21. Иако светот е себичен, што си решен да правиш ти?
21 Библијата прорекла дека во нашево време луѓето ќе бидат „себељубиви“ (2. Тим. 3:2). Затоа, воопшто не нѐ чуди тоа што денес многумина се сметаат себеси за центар на светот. Никогаш да не дозволиме тој себичен став да влијае и врз нас! Наместо тоа, без оглед дали се соочуваме со искушенија, трпиме неволји или, пак, некој се обидува да ни нанесе срам, да бидеме решени да докажеме дека Јехова навистина ни е најважен во животот!
[Фуснота]
a Според некои изучувачи на Библијата, кога рекол „кожа за кожа“, Сатана сакал да каже дека, за да си ја спаси сопствената кожа, Јов бил спремен себично да дозволи неговите деца и неговата стока да ја изгубат својата „кожа“, односно живот. Според други, пак, овој израз укажува на тоа дека човек е спремен да изгуби дел од својата кожа, ако со тоа би си го спасил животот. (На пример, некој може да ја крене раката за да избегне удар во главата. Тоа покажува дека е спремен да изгуби дел од својата кожа за да си го зачува животот.) Сеедно што точно значела оваа фраза, Сатана очигледно сакал да каже дека Јов спремно би се одрекол од сѐ само за да остане жив.
Што учиме од . . .
• начинот на кој Сатана ја измамил Ева?
• начинот на кој Јов реагирал на трагедиите што го снашле?
• она што му било најважно на Исус?
[Слика на страница 17]
На Ева не ѝ бил најважен односот со Јехова
[Слика на страница 18]
Исус ги отфрлил искушенијата од Сатана — најважно му било да ја врши Јеховината волја
[Слики на страница 20]
Сведочење од шатор до шатор по земјотресот на Хаити
Кога ќе бидеме погодени од неволји, да мислиме на „Богот на секоја утеха“