Ќе бидеш ли како Финес кога се соочуваш со разни проблеми?
ГОЛЕМА чест е да се служи како собраниски старешина. Но, Божјата Реч јасно покажува дека таа служба не е секогаш лесна. Одвреме-навреме старешините, односно надгледниците, мора да решаваат правни случаи во кои ‚судат во името на Јехова‘ (2. Лет. 19:6). А понекогаш некој надгледник може да добие задолжение за кое не се чувствува дораснат, слично на Мојсеј, кој во врска со една задача што му ја дал Бог понизно прашал: „Кој сум јас да одам кај фараонот?“ (2. Мој. 3:11).
Библијата, која била пишувана под водство на светиот дух — истата сила со која се именувани старешините — содржи вистински примери за надгледници кои успешно се справиле со разни проблеми. Еден од нив е Финес. Тој бил син на Елеазар и внук на Арон, кои служеле како првосвештеници во Израел. Од три настани во неговиот живот јасно се гледа колку е важно старешините денес да бидат храбри, разборити и да се потпираат на Јехова.
‚Тој веднаш стана‘
Финес бил млад кога Израелците се улогориле во моавските рамници. Библијата вели: „Народот се впушти во блуд со моавските ќерки... Јадеше и им се клањаше на нивните богови“ (4. Мој. 25:1, 2). Јехова ги удрил бунтовниците со помор. Можеш ли да замислиш како се чувствувал Финес кога чул за она што го направиле и за поморот што ги снашол?
Извештајот продолжува: „И гледај, дојде еден од синовите на Израел и доведе кај своите браќа една Мадијамка пред очите на Мојсеј и пред очите на целата заедница од синови на Израел, кои плачеа на влезот во шаторот на средбата“ (4. Мој. 25:6). Што направил Финес, кој тогаш служел како свештеник? Тој бил млад, а бунтовниот Израелец бил поглавар што требало да го предводи народот во обожавањето на Бог (4. Мој. 25:14).
Но, Финес имал страв од Јехова, а не од луѓе. Кога ги здогледал Израелецот и Мадијамката, веднаш зел копје, влегол по нив во шаторот и ги прободел и двајцата. Што мислел Јехова за храброста и решителноста на Финес? Тој веднаш го прекинал поморот и го благословил Финес така што со него склучил траен сојуз за свештеничка служба, кој требало да важи и за неговите потомци (4. Мој. 25:7-13).
Се разбира, христијанските старешини денес не прибегнуваат кон насилство. Но, исто како Финес, тие мора да бидат решителни и храбри. На пример, Гилермо бил старешина само неколку месеци кога го замолиле да служи во еден правен одбор. Братот што згрешил исто така бил старешина кој му помогнал на Гилермо кога тој бил млад. „Ми беше многу непријатно“, вели Гилермо. „Не можев да спијам ноќе. Цело време размислував како да постапам во овој случај без да дозволам чувствата да ме наведат на погрешни заклучоци. Се молев неколку дена и истражував во библиските публикации.“ Тоа му ја влеало потребната храброст за да се справи со оваа посебна ситуација и да може да му пружи духовна помош на неговиот брат кој згрешил (1. Тим. 4:11, 12).
Со тоа што ќе постапат храбро и решително кога некоја ситуација во собранието налага вакво нешто, старешините даваат пример за вера и лојалност. Се разбира, и другите христијани треба да бидат храбри и да известат доколку биле сведоци на некој тежок грев. Освен тоа, потребна е лојалност и за да престанеме да се дружиме со некој пријател или роднина кој е исклучен (1. Кор. 5:11-13).
Разборитоста спречила војна
Финес не бил храбар затоа што бил млад и импулсивен. Напротив, тој бил разборит. Тоа се гледа и од начинот на кој постапил во една друга ситуација неколку години подоцна. Племињата на Рувим, Гад и половината од племето на Манасија изградиле жртвеник во близина на реката Јордан. Но, другите Израелци заклучиле дека со тој чин овие племиња се одвратиле од својот Бог, Јехова, па затоа се подготвиле да појдат во војна против нив (Ис. Нав. 22:11, 12).
Што направил Финес? Тој, заедно со поглаварите на Израел, постапил мудро така што разговарал за таа работа со оние што го изградиле жртвеникот. Обвинетите племиња ја расчистиле ситуацијата објаснувајќи дека жртвеникот, всушност, требало да послужи како сведоштво дека верно ‚ќе му служат на Јехова‘. На тој начин била спречена војна (Ис. Нав. 22:13-34).
Ако еден христијанин слушне некое обвинение или нешто лошо за некој свој соверник, мудро е да го следи примерот на Финес. Ако сме разборити и се трудиме да стекнеме разбирање за работите, нема брзо да се навредиме или да го шириме на другите она што сме го чуле за нашиот брат или сестра (Изр. 19:11).
Како можат старешините, слично на Финес, да постапуваат разборито? Хајми, кој служи како старешина повеќе од десет години, вели: „Кога некој објавител ќе почне да ми зборува за несогласување што го има со некого, обично брзо ќе му се помолам на Јехова да ми помогне да не застанам на ничија страна, туку да му дадам библиски совет. На пример, пред извесно време, една сестра дојде кај мене да се пожали за начинот на кој се однесувал со неа еден одговорен брат од друго собрание. Бидејќи тој брат ми е пријател, ќе беше многу лесно да разговарам со него. Но, наместо тоа, заедно со сестрата разгледавме неколку библиски начела што важеа за нејзината ситуација. Таа се согласи најпрвин самата да зборува со братот (Мат. 5:23, 24). Сепак, проблемот не се реши. Затоа ја поттикнав да размисли за уште неколку библиски начела. Таа реши да продолжи да се моли во врска со тоа и да се обиде да му прости“.
Што се случило на крајот? Хајми вели: „Сестрата ми пристапи по неколку месеци и ми рече дека, во меѓувреме, братот сфатил дека не било во ред она што ѝ го кажал. Се договориле да одат заедно во служба и тој ја пофалил за нејзините добри особини. Така го расчистиле несогласувањето. Да се замешав непотребно во нивниот проблем, можеби ќе изгледаше дека сум пристрасен и на крајот работите веројатно немаше да завршат толку добро“. Библијата опоменува: „Немој пребрзо да поведуваш парница“ (Изр. 25:8). Разборитите старешини мудро ги советуваат христијаните што имаат меѓусебни несогласувања да ги применат библиските начела за да го зачуваат мирот.
Тој барал совет од Јехова
Финес имал чест да служи како свештеник на Божјиот избран народ. Како што видовме, и покрај тоа што бил релативно млад, тој покажал дека е многу храбар и разборит. Но, за да може успешно да се справи со разните проблеми, Финес се потпирал на Јехова.
Со години подоцна, се случило нешто страшно — жителите на Гаваја, од племето на Венијамин, ја силувале и ја убиле наложницата на еден левит. Поради тоа, другите племиња тргнале да војуваат против синовите на Венијамин (Суд. 20:1-11). Пред да појдат во битка, го молеле Јехова да им помогне, но и покрај тоа двапати биле поразени и мнозина загинале (Суд. 20:14-25). Дали требало да заклучат дека залудно се молеле? Дали Јехова навистина сакал да преземат нешто поради злото што било направено?
На ова место во извештајот пак се спомнува Финес, кој во тоа време веќе служел како првосвештеник во Израел. Со непоколеблива доверба, тој го молел Бог: „Ќе излеземе ли пак во бој против синовите на Венијамин, својот брат, или да се откажеме?“ Јехова му одговорил така што им ги предал в раце синовите на Венијамин, а Гаваја била изгорена до темел (Суд. 20:27-48).
Што учиме од ова? Некои проблеми во собранието остануваат да тлеат и покрај тоа што старешините многу се трудат да ги решат и го молат Бог за помош. Ако ова е случај, добро е да се сетат на зборовите на Исус: „Молете, и ќе ви се даде! Барајте, и ќе најдете! Чукајте, и ќе ви се отвори!“ (Лука 11:9). Дури и да се чини дека Јехова доцни со одговорот на нивните молитви, тие можат да бидат уверени дека во свое време тој ќе ги расчисти работите.
На пример, на едно собрание во Ирска очајно му требала Сала на Царството, но раководителот на локалниот сектор за урбанизам не сакал да соработува со браќата. Тој секогаш одново ги одбивал нивните планови за изградба. Изгледало дека единствениот што можел да им ги одобри предлозите бил главниот урбанистички планер кој бил одговорен за целата земја. Дали и во нивниот случај помогнала молитвата исто како во времето на Финес?
Еден тамошен старешина вели: „Откако многу се молевме, отидовме во државното одделение за урбанизам. Но, ми беше кажано дека веројатно со недели нема да може да се видиме со главниот планер. Сепак, некако успеавме да се сретнеме со него на пет минути. Откако ги разгледа преправените планови, веднаш ни даде дозвола да продолжиме со изградбата, и оттогаш натаму раководителот што пред тоа нѐ одбиваше правеше сѐ за да ни помогне. Сето ова уште повеќе нѐ увери во моќта на молитвата“. Да, Јехова сигурно ќе одговори на искрените молитви на старешините кои се потпираат на него.
Финес имал големи одговорности во древниот Израел. Сепак, бидејќи бил храбар и разборит, и се потпирал на Бог, успешно се справил со разни проблеми. Освен тоа, Јехова го ценел трудот што го вложувал додека се грижел за Неговото собрание. Околу 1.000 години подоцна, под водство на светиот дух, Езра напишал: „Финес, синот на Елеазар, некогаш беше нивни раководител. Јехова беше со него“ (1. Лет. 9:20). Бог нека биде и со сите оние што го предводат Неговиот народ денес, како и со сите христијани што верно му служат.