ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w11 1/11 стр. 4-7
  • Одговор на десет прашања за сексот

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Одговор на десет прашања за сексот
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
  • Сличен материјал
  • Што вели Библијата за порнографијата и дали забранува сајбер-секс?
    Одговор на библиски прашања
  • Што има толку лошо во сексот по телефон?
    Разбудете се! 2004
  • Дали Библијата го забранува сексуалното задоволство?
    Одговор на библиски прашања
  • Предбрачен секс
    Разбудете се! 2013
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2011
w11 1/11 стр. 4-7

Одговор на десет прашања за сексот

1. Дали сексот бил гревот што го направиле Адам и Ева во рајската градина?

▪ Одговор: Многу луѓе мислат дека забранетото овошје во рајската градина се однесувало на сексуалните односи. Но, Библијата не го кажува тоа.

Размисли: Уште пред да биде создадена Ева, Бог му заповедал на Адам да не јаде „од дрвото на спознанието на доброто и злото“ (1. Мојсеева 2:15-18). Бидејќи Адам немал партнерка, не е логично оваа забрана да се однесува на половите односи. Освен тоа, Бог им дал на Адам и Ева една многу јасна заповед: „Плодете се и множете се, наполнете ја земјата“ (1. Мојсеева 1:28). Дали еден милосрден Бог би им заповедал на првите маж и жена да ја ‚наполнат земјата‘ — што, се разбира, би значело дека ќе имаат сексуални односи — а потоа да ги осуди на смрт затоа што ја послушале неговата заповед? (1. Јованово 4:8).

Друга работа што треба да се земе предвид е тоа што Ева каснала од плодот кога Адам не бил со неа. Во Библијата пишува: „Жената... скина [од забранетиот] плод и касна од него. Потоа му даде од плодот и на својот маж, кога беше со неа, па и тој јадеше“ (1. Мојсеева 3:6).

Уште еден аргумент е тоа што Адам и Ева не биле казнети кога имале полови односи и им се родиле деца (1. Мојсеева 4:1, 2). Очигледно, плодот од кој каснале Адам и Ева не ги претставувал нивните сексуални односи, туку бил вистински плод што растел на дрво.

2. Дали Библијата го забранува сексуалното задоволство?

▪ Одговор: Во првата библиска книга пишува дека Бог ги создал луѓето како „машко и женско“. Тој рекол дека сѐ што создал било „многу добро“ (1. Мојсеева 1:27, 31). Подоцна, поттикнал еден писател на Библијата да им го даде следново упатство на сопрузите: „Радувај се со жената на својата младост... нејзините гради нека те опиваат во секое време“ (Изреки 5:18, 19). Зарем овие зборови звучат како Бог да го забранил сексуалното задоволство?

Фактите покажуваат дека Бог не ги создал половите органи само за да можат луѓето да се размножуваат туку и за да можат во бракот да си изразуваат љубов и нежност на начин што ќе им причинува задоволство. Половите односи може да ги задоволат физичките и емоционалните потреби на мажот и жената меѓу кои владее длабока љубов и голема блискост.

3. Дали Библијата одобрува еден маж и една жена да живеат заедно ако не се венчани?

▪ Одговор: Библијата јасно вели дека „Бог ќе им суди на блудниците“ (Евреите 13:4). Грчкиот збор за блуд, порни́а, има широко значење и се однесува на сите видови сексуални контакти меѓу лица што не се во брак.a Затоа, во Божји очи би било погрешно еден маж и една жена да живеат заедно, дури и ако планираат да се венчаат.

Дури и кога двајца многу се сакаат, Бог бара да се венчаат пред да имаат сексуални односи. Токму тој нѐ создал со способност да сакаме. Љубовта е негова најистакната особина. Со добра причина, Бог дозволува да имаат полови односи само оние што се во брак, како што ќе биде објаснето во следната статија.

4. Што вели Библијата за полигамијата?

▪ Одговор: Некое време, Бог дозволувал еден маж да има повеќе жени (1. Мојсеева 4:19; 16:1-4; 29:18—30:24). Но, тој не ја вовел полигамијата. На Адам му дал само една жена.

Бог го овластил Исус Христос повторно да го воспостави првобитното мерило за моногамија — брак меѓу еден маж и една жена (Јован 8:28). Во една прилика, Исус го рекол следново за бракот: „Оној што ги создаде во почетокот, ги создаде машко и женско и рече: ‚Затоа човекот ќе ги остави татка си и мајка си и ќе се прилепи до својата жена, и двајцата ќе бидат едно тело‘“ (Матеј 19:4, 5).

Нешто подоцна, и еден ученик на Исус, под водство на светиот дух, напишал: „Секој маж нека има своја жена и секоја жена нека има свој маж“ (1. Коринќаните 7:2). Во Библијата пишува и дека секој маж кому му се дадени посебни задачи во собранието мора да „има само една жена“ (1. Тимотеј 3:2, 12).

5. Дали е погрешно оние што се во брак да користат контрацепција?

▪ Одговор: Исус не им заповедал на своите следбеници да имаат деца. Ниту, пак, некој од неговите ученици дал таква заповед. Значи, никаде во Библијата не е забранета контролата на раѓањето.

Од таа причина, брачните парови сами одлучуваат дали ќе имаат деца или не. Нивна одлука е и колку деца ќе имаат и кога. Затоа, ако една брачна двојка одлучи да користи некоја контрацептивна метода што не предизвикува абортус, односно не ја убива оплодената јајце клетка, никој нема право да ги осудува заради таа нивна лична одлукаb (Римјаните 14:4, 10-13).

6. Дали е погрешно да се абортира?

▪ Одговор: За Бог животот е свет, и за него дури и ембрионот е живо суштество (Псалм 139:16). Бог рекол дека оној што ќе повреди неродено дете ќе одговара за тоа. Значи, во негови очи, абортусот е убиство (2. Мојсеева 20:13; 21:22, 23).

Но, што ако при породувањето дојде до компликации и брачниот пар е принуден да избира меѓу животот на мајката и животот на детето? Во таков случај, сопружниците треба да донесат одлука чиј живот да се спаси.c

7. Дали Библијата дозволува развод?

▪ Одговор: Да, Библијата дозволува развод. Меѓутоа, Исус навел само една оправдана причина за тоа: „Секој што ќе се разведе од својата жена, освен поради блуд [сексуални односи надвор од бракот], и ќе се ожени со друга, прави прељуба“ (Матеј 19:9).

Бог мрази развод добиен на подмолен начин. Оној што лекомислено ќе го остави својот брачен другар, особено со мотив да се земе со некој друг, ќе биде лично одговорен пред Бог (Малахија 2:13-16; Марко 10:9).

8. Дали Бог ја одобрува хомосексуалноста?

▪ Одговор: Библијата јасно го осудува блудот, во кој се вклучени и хомосексуалните врски (Римјаните 1:26, 27; Галатите 5:19-21). Иако во Библијата е осуден ваквиот начин на живот, во неа пишува и дека „Бог толку многу го сакаше светот што го даде својот единороден Син, за секој што верува во него да не биде уништен, туку да има вечен живот“ (Јован 3:16).

И покрај тоа што вистинските христијани не ги одобруваат хомосексуалните врски, тие се љубезни со сите луѓе (Матеј 7:12). Бог сака да го ‚почитуваме секого‘. Затоа, вистинските христијани не ги мразат хомосексуалците (1. Петрово 2:17).

9. Има ли нешто погрешно во сексот по телефон, „секстингот“ или сајбер-сексот?

▪ Одговор: Сексот по телефон значи недолично да се зборува за секс или да се слушаат отворени еротски пораки преку телефон. „Секстинг“ е израз што значи испраќање еротски слики или текстови по мобилен телефон. Сајбер-сексот значи да се разменуваат еротски содржини преку интернет или секс преку веб-камера.

Библијата не зборува конкретно за овие современи практики. Сепак, во неа пишува: „Блуд и секаква нечистотија или лакомост дури да не се спомнуваат меѓу вас, како што им прилега на свети луѓе, а исто и срамотно однесување, и безумен говор, и безобразни шеги, што е непристојно“ (Ефешаните 5:3, 4). Сексот по телефон, „секстингот“, сајбер-сексот и слично создаваат изопачено гледиште за сексот и ги наведуваат луѓето да имаат полови односи надвор од бракот. Наместо да им помогнат да ги контролираат своите сексуални нагони, овие практики ги тераат по секоја цена да си ги задоволат своите себични желби.

10. Кое е библиското гледиште за мастурбацијата?

▪ Одговор: Во Библијата не се спомнува изразот мастурбација — што претставува намерно дразнење на половите органи со цел да се доживее сексуална возбуда и оргазам. Но, Божјата Реч им заповеда на христијаните: ‚Усмртете го она што е земно во вашите делови на телото: блудот, нечистотијата, [неисправната] сексуална страст‘ (Колошаните 3:5).

Мастурбацијата создава искривено и себично гледиште за сексот. Библијата нѐ уверува дека Бог може да им даде „сила која ја надминува нормалната“ на оние што се борат да ја остават оваа навика (2. Коринќаните 4:7; Филипјаните 4:13).

[Фусноти]

a Изразот порни́а ги опфаќа и сите постапки што се спротивни на намерата со која Бог ги создал половите органи. Во нив спаѓаат прељубата, хомосексуалноста и половите односи со животни.

b Нешто повеќе за библиското гледиште за стерилизацијата можеш да прочиташ во рубриката „Прашања од читателите“ во Стражарска кула од 15 јуни 1999, на страници 27-28.

c Нешто повеќе за тоа дали е во ред една жена што била силувана да ја прекине бременоста, можеш да прочиташ во англиското издание на Разбудете се! од 22 мај 1993, страници 10 и 11, објавено од Јеховините сведоци.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели