Зошто да живееме според библиските мерила?
ДАЛИ библиското гледиште за сексот е застарено и премногу нѐ ограничува? Не. Напротив, гледиштето на Библијата во врска со сексот може да нѐ заштити од:
▪ Сексуално преносливи болести
▪ Вонбрачна бременост
▪ Горките последици од растурен брак
▪ Нечиста совест
▪ Понижувањето затоа што некој те искористил
Нашиот Творец,a Јехова Бог, сака да му се радуваме на животот и на даровите што ни ги дал. Бог „те учи да го правиш она што е за твое добро“ (Исаија 48:17). Оној што живее според библиските мерила во врска со сексот добива:
▪ Одобрување од Бог
▪ Внатрешен мир
▪ Подобри семејни односи
▪ Добар углед
▪ Самопочит
Но, што ако во моментов не живееш според библиските морални мерила? Можно ли е да се промениш? Дали Бог никогаш нема да премине преку тоа што си го правел во минатото?
Земи го предвид следново: Пред да станат христијани, некои луѓе во првиот век биле блудници, прељубници и хомосексуалци. Тие решиле да се променат и пожнеале многу благослови (1. Коринќаните 6:9-11). И денес, илјадници луѓе низ целиот свет го направиле истото. Престанале да живеат неморално и одлучиле да се држат за библиските мерила. На пример, да видиме што се случило со Сара, која ја спомнавме во првата статија.
„Веднаш ми олесна“
Сара сфатила дека разузданиот живот не ѝ ги донел слободата и задоволството што толку многу ги посакувала. „Чувствував дека совеста ми затапува“, вели таа. „Се срамев и се плашев дека ќе останам бремена или дека ќе се заразам со некоја страшна болест. Никогаш не престанав да верувам дека Бог постои и знаев дека со мојот начин на живот го повредувам. Се чувствував валкано и многу се измачував.“
Но, Сара пронашла сили да се смени. Побарала помош од своите родители, кои се Јеховини сведоци. Освен тоа, побарала помош и од христијанските старешини. „Бев пријатно изненадена од грижата и љубовта на моите родители и на собраниските старешини. Веднаш ми олесна“, вели таа.
Сега Сара е мајка на две деца. „Отворено зборувам со моите деца за одлуките што ги донесов во минатото“, додава таа. „Сакам да ги сфатат последиците од тоа што не живеев според библиските мерила. Се трудам да им помогнам да ги согледаат физичките, психичките и емоционалните користи од тоа што ќе живеат според Божјите мерила за сексот. Уверена сум дека Бог ни дава морални мерила затоа што сака да нѐ заштити“.
И тебе ќе ти користи водството што со љубов ти го дава Бог. Во Библијата стои следново ветување: „Јеховините наредби се исправни, го веселат срцето, Јеховината заповед е чиста, им дава сјај на очите... Тој што се држи за нив, прима голема награда“ (Псалм 19:8, 11).b
[Фусноти]
a Јехова е личното име на Бог запишано во Библијата.
b Ако сакаш да дознаеш нешто повеќе за практичните совети од Библијата, слободно обрати им се на Јеховините сведоци во твоето место. Можеш и да пишеш на соодветната адреса наведена на 4. страница или да ја посетиш веб-страницата www.watchtower.org
[Истакната мисла на страница 8]
Оние што не живеат според библиските мерила честопати нанесуваат емоционална болка
[Истакната мисла на страница 9]
Оние што живеат според библиските мерила имаат чиста совест и подобри семејни односи