Најди го патот до вистинскиот успех!
„Ќе бидеш успешен на својот пат и ќе постапуваш мудро“ (ИС. НАВ. 1:8)
1, 2. а) Како го мерат успехот многу луѓе? б) Како би можел да го преиспиташ своето гледиште за успехот?
КОЈ е клучот за успешен живот? На ова прашање би можеле да добиеме најразлични одговори. На пример, мнозина мислат дека успехот се мери со она што некој го постигнал во животот. За нив се успешни оние луѓе кои се богати, кои стекнале високо образование или изградиле кариера. Други, пак, сметаат дека се успешни оние што имаат добри односи со семејството, со пријателите или со колегите. Некои што му служат на Бог можеби дури си мислат дека се успешни оние што имаат поголеми одговорности во собранието или добри резултати во службата.
2 Што е за тебе клучот за вистински успех во животот? Еден начин на кој би можел да го дознаеш тоа е да си ги запишеш имињата на неколку луѓе кои ги сметаш за успешни, и кои најмногу ги цениш и почитуваш. Какви се тие? Дали се богати или славни? Дали се влијателни? Одговорот на овие прашања може да открие што навистина ти е најважно во срцето. Она што ти го сметаш за вредно, може силно да влијае врз твоите одлуки и врз твоите цели (Лука 6:45).
3. а) Што требало да прави Исус Навин за да биде успешен на својот пат? б) Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 За нас е најважно како Јехова го мери успехот. Впрочем, нашиот живот зависи од тоа дали сме успешни во негови очи. Кога му ја доверил на Исус Навин тешката задача да ги предводи Израелците во Ветената земја, Јехова му рекол да го чита Мојсеевиот закон „дење и ноќе“ и совесно да извршува сѐ што било запишано во него. А потоа му го дал следново уверување: „Тогаш ќе бидеш успешен на својот пат и ќе постапуваш мудро“ (Ис. Нав. 1:7, 8). Ние знаеме дека Исус Навин навистина бил успешен. Но, како е со нас? Како може да откриеме дали нашето гледиште за успехот е во склад со Божјето? Одговорот ќе го дознаеме ако го разгледаме животот на двајца луѓе спомнати во Библијата.
ДАЛИ СОЛОМОН БИЛ УСПЕШЕН ЧОВЕК?
4. Зошто Соломон бил успешен?
4 Соломон бил успешен на многу полиња во животот. Зошто? Затоа што со години му бил послушен на Јехова, кој многу го благословил. Сети се дека, кога Бог му рекол на Соломон да побара од Него што сака, овој цар побарал мудрост за да може добро да владее со народот. Јехова одговорил на неговата молитва и му дал и мудрост и богатство. (Прочитај 1. Царевите 3:10-14.) Мудроста на Соломон била „поголема од мудроста на сите луѓе на Истокот и од сета египетска мудрост“. За неговата слава се зборувало „кај сите околни народи“ (1. Цар. 4:30, 31). Соломон имал и огромно богатство. Секоја година добивал приход што се состоел од речиси 23 тони злато! (2. Лет. 9:13). Тој бил одличен дипломат, архитект и трговец. Сѐ додека верно му служел на Бог, Соломон бил успешен (2. Лет. 9:22-24).
5. Што заклучил Соломон во врска со тоа кој е вистински успешен човек?
5 Од она што Соломон го напишал во книгата Проповедник се гледа дека имал исправно гледиште за успехот. Тој не мислел дека само богатите и славните се успешни и среќни луѓе. Напротив, Соломон напишал: „Сознав дека за [луѓето] нема ништо подобро отколку да се веселат и да прават добро во животот, и секој човек да јаде и да пие и да ужива во доброто од сиот свој труд. Тоа е дар Божји“ (Проп. 3:12, 13). Исто така, сфатил дека овие убави работи во животот им носат вистинска радост само на оние што имаат добар однос со Бог. Затоа напишал: „Заклучокот на сето она што го чу е: бој се од вистинскиот Бог и држи ги неговите заповеди. Зашто, тоа е целата должност на човекот“ (Проп. 12:13).
6. Како примерот на Соломон ни помага да сфатиме што е вистински успех?
6 Соломон долги години му бил послушен на Бог и имал страхопочит кон него. Во Библијата пишува дека ‚го сакал Јехова и живеел според одредбите на својот татко Давид‘ (1. Цар. 3:3). Додека го правел тоа, бил вистински успешен. Соломон изградил величествен храм за обожавање на вистинскиот Бог и напишал три библиски книги. Иако ние не можеме да го направиме тоа што го правел Соломон, примерот што ни го дал додека верно му служел на Јехова треба да ни помогне да сфатиме што е вистински успех и како да го постигнеме. Под водство на светиот дух, тој напишал дека парите, мудроста, славата и моќта — кои луѓето ги сметаат за симбол на успехот — се суета. Тие работи се ништожни, „трчање по ветар“. На оние што ги сакаат парите никогаш не им се доста пари. Освен тоа, тие постојано се плашат да не го изгубат она што го имаат. А на крајот нивното богатство ќе им припадне на други. (Прочитај Проповедник 2:8-11, 17; 5:10-12.)
7, 8. Каков пропуст направил Соломон, и какви биле последиците од тоа?
7 Како што знаеме, со текот на времето Соломон престанал да го слуша Јехова. Библијата вели: „Кога Соломон остаре, неговите жени му го наведоа срцето да се сврти кон други богови, и неговото срце повеќе не му беше потполно оддадено на Јехова, неговиот Бог, како што беше срцето на Давид, неговиот татко... Соломон почна да го прави она што е зло во Јеховини очи“ (1. Цар. 11:4-6).
8 Јехова со право бил разочаран, и му рекол на Соломон: „Затоа што... не се држеше за мојот сојуз, ниту за моите одредби што ти ги дадов, ќе го истргнам царството од тебе и ќе му го дадам на твојот слуга“ (1. Цар. 11:11). Иако во многу погледи бил успешен, овој цар на крајот го разочарал Јехова затоа што направил пропуст на најважното поле во животот — не му останал верен до крај. Добро е секој од нас да се праша: „Дали сум решен да извлечам поука од животот на Соломон и да бидам вистински успешен?“
ЧОВЕК ШТО БИЛ ВИСТИНСКИ УСПЕШЕН
9. Зошто многу луѓе мислеле дека Павле не бил успешен?
9 Апостол Павле водел сосема поинаков живот од цар Соломон. Тој не живеел во царска палата ниту, пак, седел на гозби со цареви. Напротив, понекогаш трпел ‚глад и жед, студ и голотија‘ (2. Кор. 11:24-27). Откако го прифатил Исус како Месија, Павле ја изгубил положбата што ја имал во еврејската религија. Всушност, еврејските верски водачи го замразиле. Тој бил затворан, камшикуван, претепан со стапови и каменуван. Павле рекол дека тој и неговите сохристијани биле навредувани, прогонувани и клеветени. „Станавме како ѓубре на светот“, напишал овој апостол, „како сечиј отпад — сѐ досега“ (1. Кор. 4:11-13).
10. Зошто можеби се чинело дека Павле ја пропуштил можноста да биде успешен човек?
10 Повеќето луѓе што го знаеле Павле како млад човек — додека сѐ уште бил познат под името Савле — сметале дека му претстои многу светла иднина. По сѐ изгледа, тој потекнувал од угледно семејство. Освен тоа, се школувал кај Гамалиел, еден од најпознатите учители во тоа време. И самиот Павле подоцна напишал: „Напредував во јудејството повеќе од многумина мои врсници во мојот народ“ (Гал. 1:14). Добро зборувал хебрејски и грчки, а имал и римско државјанство — нешто кое мнозина го посакувале затоа што носело многу права и привилегии. Ако решел да напредува во тогашното општество, сигурно ќе станел славен и богат. Но, наместо тоа, избрал да води живот кој за другите, па можеби дури и за некои негови роднини, бил чисто промашување. Зошто?
11. Кои работи ги ценел Павле? На што бил решен, и зошто?
11 Павле го сакал Јехова и му било многу поважно да има добар однос со него отколку да биде богат или да стекне углед во очите на луѓето. Кога ја запознал вистината, Павле почнал да ја цени откупната жртва на Исус, христијанската служба и надежта за живот на небото — работи кои немаат голема вредност во очите на луѓето. Тој знаел дека Сатана тврди оти може да го наведе секој човек да престане да му служи на Бог, и сфаќал дека и самиот може да го побие ова тврдење (Јов 1:9-11; 2:3-5). Павле бил цврсто решен да му остане верен на вистинскиот Бог без оглед на неволјите со кои ќе морал да се соочи. Зарем некој во светот би го поврзал успехот со ваква цел?
12. Зошто треба да се потпираш на Бог?
12 Дали и ти имаш иста цел како Павле? Точно, не е секогаш лесно да му бидеме верни на Јехова. Сепак, сигурни сме дека така ќе ја стекнеме неговата милост и дека ќе бидеме вистински успешни (Изр. 10:22). Тој нѐ благословува уште денес и ќе нѐ благослови уште повеќе во иднина. (Прочитај Марко 10:29, 30.) Затоа, имаме добри причини да не се потпираме на „несигурното богатство, туку на Бог, кој богато ни дава сѐ за да уживаме во тоа“. Така ‚си го собираме она богатство што е добар темел за иднината, за да го освоиме вистинскиот живот‘ (1. Тим. 6:17-19). Можеме да бидеме сигурни дека по сто, по илјада, па и повеќе години, ќе можеме да се свртиме назад, и да речеме: „Навистина го најдов патот до успехот!“
КАДЕ ТИ Е БОГАТСТВОТО?
13. Каков совет дал Исус во врска со богатството?
13 Во врска со богатството, Исус рекол: „Престанете да собирате богатство на земјата, каде што молецот и ’рѓата нагризуваат и каде што крадци провалуваат и крадат. Туку собирајте си богатство на небото, каде што ниту молец ниту ’рѓа не нагризуваат и каде што крадци не провалуваат и не крадат. Зашто, каде ти е богатството, таму ќе ти биде и срцето“ (Мат. 6:19-21).
14. Зошто не е мудро да си собираме „богатство на земјата“?
14 ‚Богатството на земјата‘ може да укажува и на други работи, а не само на пари. Тоа може да се однесува на која и да било од работите за кои зборувал Соломон, а кои многу ги ценат луѓето во светот — угледот, славата и моќта. Она што го кажал Исус е слично на она што го запишал Соломон во книгата Проповедник — ‚богатството на земјата‘ не е трајно. Како што и самиот знаеш, тоа може лесно да се изгуби или да го снема. Професор Ф. Дејл Брунер го напишал следново во врска со таквото богатство: „Познато е дека славата е многу краткотрајна. Оној што вчера бил некој и нешто, утре може да биде никој и ништо. Оној што оваа година заработил куп пари, следната може да падне на питачки стап... [Исус] ги сака луѓето. Тој сака да ги поштеди од неизбежното разочарување што ќе го донесе славата која може да згасне за миг. Исус не сака [неговите] ученици да бидат разочарани“. Иако повеќето луѓе би се сложиле со овие зборови, колкумина се спремни да дозволат тие да влијаат врз нивниот живот? Дали ти ќе дозволиш советот на Исус да влијае врз твојот живот?
15. Што треба да ни биде најважно?
15 Некои верски водачи проповедаат дека е погрешно човек да вложува напори да биде успешен. Но, Исус не сакал да го каже тоа. Напротив, тој сакал да им каже на своите ученици дека треба да се трудат да бидат вистински успешни, со тоа што ќе си собираат трајно „богатство на небото“. Најмногу од сѐ треба да сакаме да бидеме успешни во Јеховини очи. Зборовите на Исус нѐ потсетуваат дека секој човек сам избира кон што ќе тежнее во животот. Сепак, факт е дека секој од нас ќе вложи најголем труд за да го добие она што му е во срцето, односно она што му е најважно.
16. Во што може да имаме доверба?
16 Ако во срцето сакаме да му угодиме на Јехова, може да бидеме уверени дека тој ќе ни даде сѐ што ни треба. Можеби понекогаш ќе дозволи да бидеме гладни или жедни, како што било случај со апостол Павле (1. Кор. 4:11). И покрај тоа, може да имаме доверба во следниве мудри зборови на Исус: „Немојте да бидете загрижени и да велите: ‚Што ќе јадеме?‘ — или: ‚Што ќе пиеме?‘ — или: ‚Што ќе облечеме?‘ Зашто, со сето ова се преокупирани луѓето од светот. А вашиот небесен Татко знае дека ви е потребно сето тоа. Затоа, барајте ги најнапред царството и Божјата праведност, а сето ова ќе ви се додаде“ (Мат. 6:31-33).
БИДИ УСПЕШЕН ВО БОЖЈИ ОЧИ
17, 18. а) Од што зависи вистинскиот успех? б) Од што не зависи вистинскиот успех?
17 Она што не сакаме никогаш да го заборавиме е дека вистинскиот успех во животот не зависи од нашите достигнувања или од положбата што ја имаме во овој свет. Исто така, вистинскиот успех не се мери со одговорностите што некој ги има во христијанското собрание. Дали ќе бидеме вистински успешни зависи од тоа дали сме му верни и послушни на Бог. Јехова ни кажува: „Од управителот се бара да биде верен“ (1. Кор. 4:2). Освен тоа, мора и да му останеме верни на Јехова. Исус рекол: „Кој ќе истрае до крајот, тој ќе биде спасен“ (Мат. 10:22). Кога верните лица ќе бидат спасени, тоа ќе биде непобитен доказ дека биле вистински успешни.
18 Во оваа статија видовме дека секој може да му биде верен на Бог. Верноста не зависи од тоа колку некој е богат, образован или славен. Не зависи ни од тоа колку некој е интелигентен, талентиран или способен. Сеедно во какви околности се наоѓаме, можеме да му останеме верни на Бог. Некои Божји слуги во првиот век биле богати, а други биле сиромашни. Павле ги советувал богатите ‚да прават добро, да се богатат со добри дела, да бидат дарежливи, спремни да делат‘. И богатите и сиромашните можеле „да го освојат вистинскиот живот“ (1. Тим. 6:17-19). Тоа важи и денес. Сите ние имаме иста можност и иста одговорност: Мора да му останеме верни на Бог и да ‚се богатиме со добри дела‘. Само тогаш ќе бидеме успешни во очите на нашиот Творец и ќе бидеме среќни затоа што знаеме дека го радуваме (Изр. 27:11).
19. Што си решен да правиш за да бидеш вистински успешен?
19 Иако можеби не можеш да ги смениш своите околности, може да го смениш начинот на кој гледаш на нив. Без оглед во каква ситуација се наоѓаш, дај сѐ од себе да му останеш верен на Бог. Никогаш нема да зажалиш за трудот што ќе го вложиш. Биди уверен дека Јехова богато ќе те благослови — и сега и во сета вечност. Никогаш не заборавај ги следниве зборови што Исус им ги кажал на помазаните христијани: „Биди верен до смрт, и ќе те наградам со живот“ (Отк. 2:10). Тоа ќе биде најголем доказ дека си бил вистински успешен!