ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w14 1/9 стр. 3-6
  • Дали човекот ќе ја уништи Земјата?

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • Дали човекот ќе ја уништи Земјата?
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2014
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ТОЧКА ОД КОЈА НЕМА ВРАЌАЊЕ?
  • СЀ ПОГОЛЕМ ЕКОЛОШКИ ДОЛГ
  • НАМЕРАТА НА ТВОРЕЦОТ
  • ЗЕМЈАТА ЗАСЕКОГАШ ЌЕ БИДЕ НАШ ДОМ
  • Бог ветува дека нашата планета ќе опстане
    Разбудете се! 2023
  • Дали Земјата ќе биде уништена?
    Одговор на библиски прашања
  • Вечен дар од Творецот
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2007
  • Земјата има „треска“ — постои ли лек?
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2008
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2014
w14 1/9 стр. 3-6
Деца си играат покрај многу загадена почва и вода

ТЕМА ОД НАСЛОВНАТА

Дали човекот ќе ја уништи Земјата?

„Едно поколение заминува, друго доаѓа, а земјата останува засекогаш“ (ЦАР СОЛОМОН, 11 ВЕК ПР.Н.Е.)a

За овој библиски писател, минливата природа на човекот била во чиста спротивност со трајноста на Земјата. Во текот на илјадници години се смениле многу генерации, но нашата планета била издржлива и стабилна и не престанала да го одржува животот на неа. Но, во последно време, работите почнаа да се менуваат.

Според некои, годините по Втората светска војна беа време на брз подем. Само во текот на еден просечен животен век, луѓето видоа значителен напредок во областа на транспортот, комуникациите и технологијата. Сето тоа водеше до огромни економски промени. Денес, многу луѓе имаат животен стандард каков што некогаш не можел ни да се замисли. Во меѓувреме, бројот на населението на Земјината топка се зголеми речиси за трипати.

Меѓутоа, сето тоа си зело свој данок. Се вели дека луѓето ги нарушуваат природните циклуси на Земјата до тој степен што нанесената штета не може да се поправи. Всушност, некои научници велат дека сме навлезени во нова геолошка ера наречена антропоцен — ера во која луѓето сѐ подрастично влијаат врз планетата.

Во Библијата било проречено дека ќе дојде време кога човекот ‚ќе ја уништува земјата‘ (Откровение 11:18). Некои се прашуваат дали ние денес живееме во тоа време. Уште колкава штета ќе се направи? Ќе дојдеме ли до точка од која нема враќање? Со други зборови, дали човекот ќе ѝ нанесе непоправлива штета на нашата планета?

ТОЧКА ОД КОЈА НЕМА ВРАЌАЊЕ?

Дали Земјата ќе биде непоправливо уништена? Некои научници сметаат дека е тешко да се предвиди како промените што ги предизвикал човекот ќе влијаат врз Земјата. Поради тоа, тие стравуваат дека ќе дојде време кога ќе почнат да се случуваат ненадејни и неочекувани климатски промени кои би можеле да предизвикаат катастрофални последици.

Поларна мечка на мала санта мраз

Да ја наведеме како пример ледената покривка на Западниот Антарктик. Некои веруваат дека со постојаното глобално затоплување ќе дојдеме до степен кога топењето на оваа ледена покривка ќе стане неповратно. Причината за тоа лежи во ледената обвивка, која има голема способност да ги рефлектира сончевите зраци. Но, кога мразот станува потенок и се намалува, сончевите зраци допираат до океанската вода што била под него, која не ги рефлектира толку добро. Темната океанска површина апсорбира повеќе топлина, што дополнително го забрзува топењето на мразот. Така би можел да започне еден непрекинат процес кој ќе води до покачување на морското ниво, што би значело катастрофа за стотици милиони луѓе.

СЀ ПОГОЛЕМ ЕКОЛОШКИ ДОЛГ

Постојано се предлагаат различни стратегии за да се реши „кризата со нашата планета“. Една долгорочна стратегија наречена политика на одржлив развој подразбира залагање за економски и социјален раст во рамките на еколошките граници на нашата планета. Какви резултати биле постигнати?

За жал, исто како што е случај со светската финансиска криза, и еколошкиот долг на Земјата постојано се зголемува. Луѓето ги трошат природните богатства на нашата планета побрзо отколку што можат да се обноват по природен пат. Може ли да се направи нешто околу тоа? Еден еколог искрено рекол: „Може да се каже дека не знаеме како домаќински да водиме сметка за нашата планета“. Тоа сосема одговара на следниве зборови што се запишани во Библијата: „Човекот кој оди не може да управува со своите чекори“ (Еремија 10:23).

Од друга страна, Библијата нѐ уверува дека Бог, кој ја создал Земјата, нема да дозволи човекот да ја доведе до еколошки банкрот. Во Псалм 115:16 пишува дека Бог ‚им ја дал земјата на синовите човечки‘. Да, нашата планета е „добар дар“ од нашиот небесен Татко (Јаков 1:17). Зарем Бог би ни го дал тој дар само за привремена употреба, како да има рок на траење? Секако дека не! Тоа се гледа од начинот на кој е осмислена нашата планета.

НАМЕРАТА НА ТВОРЕЦОТ

Во библиската книга 1. Мојсеева детално е опишано со колкаво внимание Бог ја осмислил и ја создал Земјата. Во почетокот таа била ‚празна и пуста, и над површината на водната бездна се простирала темнина‘. Значајно е тоа што се спомнува дека на планетата имало вода, која е неопходна за живот (1. Мојсеева 1:2). Потоа Бог рекол: „Нека настане светлина“ (1. Мојсеева 1:3). По сѐ изгледа сончевите зраци се пробиле низ атмосферата и тогаш за првпат светлината станала видлива и на Земјата. Во извештајот понатаму се раскажува за формирањето на копното и морињата (1. Мојсеева 1:9, 10). Потоа, се појавиле „трева, растенија што носат семе според својот вид и дрвја што раѓаат плод“ (1. Мојсеева 1:12). Така биле создадени сите услови за да можат да се одвиваат процесите и кружните текови што се неопходни за живот како, на пример, фотосинтезата. Со која цел биле направени сите тие опсежни подготовки?

Пророкот Исаија рекол дека Бог ‚ја обликувал и ја направил земјата, ја зацврстил и не ја создал залудно, туку ја обликувал за да биде населена‘ (Исаија 45:18). Јасно е дека Бог има намера Земјата да биде населена засекогаш.

За жал, луѓето постапиле толку лошо со Божјиот прекрасен дар, што скоро го уништиле. Сепак, намерата на Творецот не се променила. Еден човек од далечното минато рекол: „Бог не е човек да лаже, ниту син човечки, па да зажали за нешто. Зарем рекол нешто, и не го направил, зарем кажал, и не го исполнил?“ (4. Мојсеева 23:19). Бог не само што нема да дозволи Земјата да биде уништена, туку и ќе ги уништи „оние што ја уништуваат земјата“. Тоа време е сѐ поблизу (Откровение 11:18).

ЗЕМЈАТА ЗАСЕКОГАШ ЌЕ БИДЕ НАШ ДОМ

Во својата прочуена Проповед на гората, Исус Христос рекол: „Среќни се кротките, зашто ќе ја наследат земјата“ (Матеј 5:5). Во истата проповед, Исус ни открил на кој начин Земјата ќе биде спасена од уништување. Тој им рекол на своите ученици да се молат: „Да дојде царството твое. Да биде волјата твоја, како на небото така и на земјата“. Значи, Божјето Царство, кое претставува една влада, ќе ја исполни Божјата намера со Земјата (Матеј 6:10).

Во врска со промените што ќе ги донесе тоа Царство, Бог рекол: „Гледај, правам сѐ ново!“ (Откровение 21:5). Дали тоа значи дека Бог ќе ја замени Земјата со нова планета? Не, затоа што проблемот не е во нашата планета. Напротив, Бог ќе ги отстрани оние што се одговорни за состојбата во која се наоѓа Земјата, односно „оние што ја уништуваат земјата“, а тоа се денешните човечки влади. Тие ќе бидат заменети со „ново небо и нова земја“, односно нова небесна влада наречена Божје Царство, кое ќе владее со едно ново човечко општество (Откровение 21:1).

За да го подмири еколошкиот долг што го направил човекот, Бог, така да се каже, ќе го дополни еколошкиот буџет. Псалмистот опишал што ќе направи Бог во иднина: „Милостиво ја гледаш земјата и ѝ даваш изобилство, многу ја збогатуваш“. Резултатот од тоа ќе биде една рајска Земја која ќе дава храна во изобилство, ќе има урамнотежена клима и, пред сѐ, ќе биде благословена од Бог (Псалм 65:9-13).

Според својот секретар Пјарелал, Махатма Ганди — починатиот духовен водач на Индија — еднаш рекол: „Земјата нуди доволно за сечија потреба, но не и за сечија алчност“. Божјето Царство ќе допре до коренот на проблемите со кои се соочува Земјата на тој начин што ќе предизвика промени во срцата на луѓето. Пророкот Исаија напишал дека, кога ќе владее Божјето Царство, „нема да се прави зло и нема да се пустоши“, што значи дека луѓето нема да си нанесуваат штета ниту едни на други ниту на Земјата (Исаија 11:9). Всушност, милиони луѓе од сите општествени слоеви уште денес учат за Божјите високи мерила. Тие се поучени да ги сакаат Бог и својот ближен, да покажуваат благодарност, да се грижат за природата, да ги чуваат природните богатства на Земјата и да живеат во склад со намерата на својот Творец. Тие се подготвуваат за живот на рајска Земја (Проповедник 12:13; Матеј 22:37-39; Колошаните 3:15).

Планетата Земја

Земјата вреди толку многу што Бог нема да дозволи да заврши со еколошки банкрот

Извештајот за создавањето од 1. Мојсеева завршува со зборовите: „Бог го погледна сето она што го беше направил, и гледај, беше многу добро“ (1. Мојсеева 1:31). Да, Земјата вреди толку многу што Бог нема да дозволи да заврши со еколошки банкрот. Утешно е тоа што знаеме дека иднината на нашата планета е во рацете на нашиот Творец, Јехова Бог. Тој ветува: „Праведниците ќе ја поседуваат земјата и ќе живеат на неа засекогаш“ (Псалм 37:29). Се надеваме дека и ти ќе бидеш меѓу праведните, кои засекогаш ќе ја нарекуваат Земјата свој дом.

a Земено од Проповедник 1:4 од Библијата.

Лошиот однос на човекот кон планетата

  • Атмосфера. „Постојат непобитни докази дека пониските слоеви на Земјината атмосфера, како и нејзините океани и копнени површини, се затоплуваат... Почнувајќи од 1950-тите, главна причина за ваквото затоплување е човечката дејност“ (Американско метеоролошко друштво, 2012).

  • Почва. „Речиси 50 отсто од копнените површини на Земјата се променети поради директна дејност на човекот, со значителни последици по биодиверзитетот, размената на хранливи материи меѓу растенијата и почвата... и последици по климата“ (Global Change and the Earth System).

  • Океани. „Околу 85 отсто од светската популација на риби се претерано експлоатирани, осиромашени, целосно исцрпени или во процес на закрепнување од експлоатацијата“ (Би-би-си, септември 2012).

  • Биодиверзитет. „Многу научници сметаат дека... вината за [следното масовно истребување на живиот свет], можеби најбрзото во историјата на Земјата, лежи првенствено кај луѓето“ (Преземено од science.nationalgeographic.com).

Нашата биосфера

Силуета на човек отсликана врз цртеж на копно, океан и атмосфера

Што претставува биосферата? Според НАСА, тоа е „делот од Земјата и нејзината атмосфера во кои има живот“. Како лушпа од јајце, биосферата е многу тенка обвивка на нашата планета.

Биосферата ја сочинуваат живите суштества и нивната животна средина — атмосферата, копното и океаните, од кои ја црпат енергијата и хранливите состојки неопходни за живот. На пример, растенијата ја примаат сончевата енергија и ја користат за да ги претворат јаглерод диоксидот, водата и минералите во кислород и храна. Луѓето и животните ги примаат кислородот и храната, а го враќаат јаглерод диоксидот и другите материи во овој систем. Овој циклус постојано се повторува. На тој начин биосферата може бескрајно да го одржува животот.

За Бог со право е речено дека ‚ја зацврстил плодната почва со својата мудрост‘ (Еремија 10:12). Како што навел еден библиски изучувач, „делот од Земјата каде што има живот е неверојатно погоден за да му користи на човекот“.

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели