ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА Watchtower
ОНЛАЈН БИБЛИОТЕКА
Watchtower
македонски
ѐ
  • Ѐ
  • ѐ
  • Ѝ
  • ѝ
  • БИБЛИЈА
  • ПУБЛИКАЦИИ
  • СОСТАНОЦИ
  • w16 Декември стр. 3-7
  • „На сите им бев сѐ“

За овој материјал нема видео.

Се појави проблем. Видеото не може да се отвори.

  • „На сите им бев сѐ“
  • Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2016
  • Поднаслови
  • Сличен материјал
  • ПОЧНУВАМ СО СЛУЖБАТА
  • ЗАДАЧА ВО ДРУГА ЗЕМЈА
  • НОВИ ЗАДАЧИ, НОВИ ПРОМЕНИ
  • СЀ УШТЕ ПРАВИМЕ ПРОМЕНИ
  • Работи кои морав да ги оставам за да го следам Господарот
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2017
  • Уживам да учам за Јехова и да ги поучувам другите за него
    The Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2022
  • Јехова ме поучи да ја вршам неговата волја
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство 2012
  • Ја почувствувавме Божјата незаслужена доброта на многу начини
    Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2017
Повеќе
Стражарска кула го објавува Јеховиното Царство (за проучување) 2016
w16 Декември стр. 3-7

ЖИВОТНА ПРИКАЗНА

„На сите им бев сѐ“

Раскажал Дентон Хопкинсон

Дентон Хопкинсон како млад

„Ако се крстиш, ќе те оставам!“ Со овие зборови, татко ми ѝ се закани на мајка ми. И покрај тоа, таа реши да се крсти како Јеховин сведок. Татко ми навистина нѐ напушти. Беше 1941 год., а јас имав само осум години.

СЕ ЗАИНТЕРЕСИРАВ за вистината уште пред тоа. Бев восхитен од сликите што ги гледав во библиските публикации кои ги имаше добиено мајка ми. Но, татко ми не сакаше таа да зборува со мене за она што го учеше од Библијата. Сепак, јас бев љубопитен и поставував прашања, и затоа таа проучуваше со мене кога тој не беше дома. Како резултат на тоа, и јас одлучив да му го заветувам својот живот на Јехова. Се крстив во Блекпул (Англија) во 1943 год., кога имав десет години.

ПОЧНУВАМ СО СЛУЖБАТА

Оттогаш почнав да одам редовно во служба со мајка ми. Во тоа време сведочевме со грамофон. Грамофонот беше голем и тежеше околу четири и пол килограми, а јас се обидував да го носам иако бев дете!

На 14 години, веќе бев решен да служам како пионер. Но, мајка ми ме советуваше најпрво да зборувам со покраинскиот надгледник, кој во тоа време се нарекуваше слуга на браќата. Тој ме поттикна најпрво да изучам некој занает за да можам да се издржувам како пионер. Го послушав, и работев две години. Потоа му кажав на еден друг покраински надгледник дека сакам да бидам пионер, а тој ми рече: „Спремен си! Можеш да почнеш“.

И така, во април 1949 год., јас и мајка ми го раздадовме целиот мебел и се преселивме во Мидлтон, во близина на Манчестер, каде што и двајцата почнавме со пионерска служба. По четири месеци, јас и еден брат се договоривме да продолжиме да служиме заедно како пионери, а подружницата ни предложи да се префрлиме во едно новоосновано собрание во Ирлам. Мајка ми продолжи да служи со една сестра во друго собрание.

Иако имав само 17 години, јас и братот со кој служев ги водевме состаноците, затоа што во новото собрание немаше многу браќа кои можеа да го прават тоа. Подоцна се преселив во собранието Бакстон каде што имаше само неколку објавители и им беше потребна помош. Сето ова ме подготви за задачите што ме очекуваа во иднина.

Дентон Хопкинсон и други браќа најавуваат јавно предавање во 1953

Заедно со други браќа и сестри учествувам во најавата на едно јавно предавање во Рочестер (Њујорк, 1953)

Во 1951 год., пополнив молба за Библиската школа Гилеад. Но потоа, во декември 1952 год., добив покана за војска. Побарав да бидам ослободен од воена обврска бидејќи служев како полновремен проповедник. Но судот не го прифати моето барање и ме осуди на шест месеци затвор. Додека ја отслужував казната, бев поканет да присуствувам на 22. клас на Гилеад. Во јули 1953 год., кратко откако излегов од затвор, се качив на бродот Џорџик и отпловив за Њујорк.

Веднаш откако пристигнав таму, имав можност да присуствувам на меѓународниот конгрес „Општеството на новиот свет“. Потоа отпатував за Саут Ленсинг, каде што се одржуваше школата. Со мене имав многу малку пари бидејќи само што бев пуштен од затвор. Кога слегов од возот, се качив на автобус за Саут Ленсинг, но морав да позајмам 25 центи од еден сопатник за да можам да си ја платам картата.

ЗАДАЧА ВО ДРУГА ЗЕМЈА

На Школата Гилеад добивме извонредна обука која ни помогна да сфатиме како да се приспособиме на најразлични луѓе (1. Кор. 9:22). Заедно со уште двајца браќа, Пол Брун и Рејмонд Лич, бев доделен да служам на Филипините. Сепак, моравме да чекаме неколку месеци за да добиеме виза. Потоа отпловивме за Ротердам (Холандија). Оттаму се качивме на брод со кој пловевме преку Средоземното Море, Суецкиот Канал и Индискиот Океан до Малезија, а потоа до Хонг Конг. На крајот, по 47 дена на море, стигнавме во Манила на 19 ноември 1954 год.

Дентон Хопкинсон и Рејмонд Лич на брод во 1954

Заедно со Рејмонд Лич, пловев 47 дена со брод до Филипините, каде што бевме испратени како мисионери

Таму моравме да се навикнеме на нова култура, нова земја и нов јазик. Но, во почетокот, сите тројца бевме доделени во едно собрание во Кезон Сити, каде што многу луѓе зборуваа англиски. Па така, по шест месеци, знаевме само неколку зборови на јазикот тагалог. Тој проблем се реши кога ја добивме следната задача.

Еден ден, во мај 1955 год., кога јас и Рејмонд се вративме дома од служба, во собата нѐ чекаа неколку писма. Во нив пишуваше дека сме доделени да служиме како покраински надгледници. Иако имав само 22 години, со оваа задача научив во уште поголема мера да се приспособувам на најразлични луѓе.

Дентон Хопкинсон држи јавно предавање

Држам јавно предавање на јазикот бикол на еден покраински собир

На пример, го одржав своето прво јавно предавање како покраински надгледник пред една селска продавница. Во тоа време, јавните предавања на Филипините во дословна смисла се одржуваа на јавни места! Додека ги посетував собранијата во покраината, држев говори на пазари, пред сали, на кошаркарски игралишта, во паркови, а честопати и на улица. Еднаш, кога бев во посета на Сан Пабло Сити, не можев да го одржам предавањето на пазарот бидејќи истураше пороен дожд. Затоа им предложив на одговорните браќа да го одржам во нашата сала за состаноци. Подоцна ме прашаа дали можат да го внесат тој состанок во извештајот како состанок за јавност, бидејќи не беше одржан на јавно место!

Додека служев како покраински надгледник, секогаш бев сместен кај браќа. Нивните домови беа едноставни, но чисти. Честопати спиев на обичен тенок душек кој беше положен на дрвен под. Бидејќи морав да се капам на отворено, каде што секој можеше да ме гледа, научив да го правам тоа со скромна облека на себе. Главно патував со автобус, но кога ги посетував собранијата на другите острови одев со чамец. Во текот на сите години служба, никогаш не сум имал своја кола.

Го научив јазикот тагалог, иако никогаш не одев на курс. Во најголема мера, учев од браќата додека ги слушав како зборуваа во службата или на состаноците. Тие многу се трудеа да ми помогнат да го научам јазикот. Навистина бев благодарен за нивната стрпливост и за искрените забелешки.

Со текот на времето, добив нови задачи поради кои морав да правам уште повеќе промени. Во 1956 год., кога брат Нор дојде во посета на Филипините, се одржа конгрес за целата земја. Јас добив задача да контактирам со медиумите. Бидејќи немав никакво искуство, другите спремно ми помагаа. За неполна година, нѐ посети брат Фредерик Франц од главното седиште. Затоа повторно одржавме таков конгрес, на кој служев како претседавач. Кога го држеше јавното предавање, брат Франц носеше традиционална филипинска кошула. Тоа остави силен впечаток врз локалните браќа, а јас извлеков уште една поука — дека е многу важно да се приспособуваме на другите.

Морав да правам уште повеќе промени кога почнав да служам како областен надгледник. Во тоа време, го прикажувавме филмот Среќата на општеството на новиот свет. Бидејќи речиси секогаш го правевме тоа на отворено, понекогаш имавме проблеми затоа што инсектите беа привлечени од светлото и се лепеа за проекторот. Едвај успевавме да го исчистиме откако ќе завршевме со прикажувањето! Не беше лесно да се организираат такви настани. Сепак, многу се радувавме што толку многу луѓе доаѓаа за да научат нешто за Јеховината меѓународна организација.

Во некои места, католичките свештеници вршеа притисок врз властите да не ни издаваат дозвола за собирите. Освен тоа, ако собирот се одржуваше во близина на некоја црква, тие удираа со камбаните за да не се слуша говорникот. И покрај сѐ, луѓето продолжија да учат за вистината и многумина од нив денес се Јеховини слуги.

НОВИ ЗАДАЧИ, НОВИ ПРОМЕНИ

Во 1959 год., бев повикан да служам во подружницата. Таму стекнав скапоцено искуство. Подоцна бев замолен да посетувам други земји како зонски надгледник. На едно такво патување се запознав со Џенет Думонд, која служеше како мисионерка на Тајланд. Некое време се допишувавме, и потоа се венчавме. Веќе 51 година среќно му служиме на Јехова.

Дентон и Џенет Хопкинсон на Филипините

Со Џенет на еден од многуте острови на Филипините

Сѐ на сѐ, имав можност да посетам 33 земји. Многу сум благодарен што моите претходни задачи ми помогнаа да научам како да постапувам со луѓе од различни култури. Од овие посети можев јасно да увидам дека Јехова ги сака луѓето од сите народи (Дела 10:34, 35).

Дентон и Џенет Хопкинсон ѝ проповедаат на една жена

Се трудиме да одиме редовно во служба

СЀ УШТЕ ПРАВИМЕ ПРОМЕНИ

Пресреќен сум што можев толку години да служам заедно со браќата на Филипините! Бројот на објавители се зголеми за десет пати откако дојдов во оваа земја! Јас и Џенет и понатаму служиме во подружницата на Филипините, која се наоѓа во Кезон Сити. Иако поминав повеќе од 60 години во оваа земја, сѐ уште морам да се приспособувам на она што го бара Јехова. На пример, поради неодамнешните организациски промени, моравме спремно да правиме уште некои преиначувања.

Дентон и Џенет Хопкинсон зборуваат со едно девојче

Многу сме радосни што бројот на Сведоци постојано расте

Дававме сѐ од себе за да го следиме водството од Јехова, и водевме навистина исполнет живот. Се трудевме да ги правиме сите потребни промени за да можеме подобро да им служиме на нашите браќа. Во склад со Божјата волја, решени сме и понатаму да им бидеме сѐ на сите луѓе!

Дентон Хопкинсон зборува со еден млад бетелски слуга

Сѐ уште служиме во подружницата во Кезон Сити

    Публикации на македонски јазик (1991 — 2025)
    Одјави се
    Најави се
    • македонски
    • Сподели
    • Подесување
    • Copyright © 2025 Watch Tower Bible and Tract Society of Pennsylvania
    • Услови за користење
    • Полиса за приватност
    • Поставки за приватност
    • JW.ORG
    • Најави се
    Сподели