СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 24
Отфрли го секое размислување што е против познавањето на Бог!
Уриваме погрешни размислувања и секаква вообразеност која се крева против познавањето на Бог (2. КОР. 10:5)
ПЕСНА 124 Секогаш да бидеме верни!
КРАТОК ПРЕГЛЕДa
1. Кое предупредување им го дал апостол Павле на помазаните христијани?
ПАВЛЕ го дал следново предупредување: „Не дозволувајте и понатаму да ве обликува овој свет“ (Рим. 12:2). Овие зборови им ги напишал на христијаните од првиот век. Зошто Павле им го дал ова строго предупредување на мажи и жени кои веќе му служеле на Бог и биле помазани со свет дух? (Рим. 1:7).
2-3. а) Како Сатана се обидува да нѐ оддалечи од Јехова? б) Како можеме да ги искорениме погрешните ставови кои се цврсто утврдени во нас?
2 Павле бил загрижен бидејќи врз некои христијани очигледно влијаеле некои штетни ставови и учења кои ги ширел светот на Сатана (Еф. 4:17-19). Тоа може да му се случи на секого од нас. Сатана, владетелот на овој свет, очајнички се обидува да нѐ оддалечи од Јехова, и за таа цел користи разни тактики. На пример, доколку во нас тлее желба да се истакнуваме или, пак, имаме себични амбиции, Сатана може да го искористи тоа. Исто така, може да се обиде да искористи нешто од нашето потекло, образование или култура за да нѐ наведе да размислуваме онака како што сака тој.
3 Дали е можно да ги искорениме работите што се цврсто утврдени во нашиот ум? (2. Кор. 10:4). Забележи каков одговор дава Павле: „Уриваме погрешни размислувања и секаква вообразеност која се крева против познавањето на Бог, ја зауздуваме секоја мисла за да му се покори на Христос“ (2. Кор. 10:5). Навистина, со помош од Јехова можеме да ги отфрлиме погрешните ставови. Исто како што некој противотров може да ги отстрани штетните последици од некој отров, Божјата Реч може да ни помогне да ги отстраниме штетните влијанија од светот на Сатана.
„ПРЕОБРАЗЕТЕ СЕ ТАКА ШТО ЌЕ ГО ОБНОВИТЕ СВОЈОТ УМ“
4. Какви промени требало да направат многумина од нас кога ја прифатиле вистината?
4 Размисли за промените што требало да ги направиш кога си ја прифатил вистината од Божјата Реч и си решил да му служиш на Јехова. За многумина од нас, ова значело да престанеме да правиме некои неисправни работи (1. Кор. 6:9-11). Многу сме благодарни што Јехова ни помогнал да ги направиме тие промени!
5. Според Римјаните 12:2, кои две работи треба да ги правиме?
5 Меѓутоа, никогаш не смееме да си мислиме дека не треба да продолжиме да се менуваме. Иако повеќе не ги правиме тешките гревови што сме ги правеле пред нашето крштавање, сепак треба со сите сили да избегнуваме сѐ што би можело да нѐ наведе повторно да се вратиме на стариот начин на живот. Што може да ни помогне во тоа? Павле напишал: „Не дозволувајте и понатаму да ве обликува овој свет, туку преобразете се така што ќе го обновите својот ум“ (Рим. 12:2). Значи мора да правиме две работи. Прво, не треба да дозволиме и понатаму да нѐ обликува овој свет. Второ, треба да се преобразиме така што ќе си го смениме начинот на размислување.
6. Што учиме од зборовите на Исус запишани во Матеј 12:43-45?
6 Преобразбата на која мислел Павле не се однесува само на промена во надворешниот изглед. (Види ја рамката „Преобразен или преправен?“) Мора да направиме целосна промена на нашиот ум — нашите најдлабоки мисли, чувства и ставови. Затоа, секој од нас треба да се праша: „Дали промените што ги правам за да бидам посличен на Исус се само површни или правам длабоки промени во личноста?“ Ова е многу важно прашање. Исус кажал што треба да правиме. Тоа се гледа од неговите зборови запишани во Матеј 12:43-45. (Прочитај.) Од овие зборови учиме нешто важно: не е доволно само да ги отфрлиме лошите мисли — треба и да ги замениме со мисли што го радуваат Бог.
МЕНУВАЈ ГО СВОЈОТ НАЧИН НА РАЗМИСЛУВАЊЕ
7. Како можеме да направиме промени во нашата личност?
7 Дали е можно да направиме промени во начинот на кој размислуваме? Божјата Реч ни вели дека е можно. Во неа пишува: „Да се обновувате во силата што го задвижува вашиот ум и да ја облечете новата личност, која е создадена по Божја волја во вистинска праведност и верност“ (Еф. 4:23, 24). Значи, можно е да направиме промени во нашата личност, но тоа не е лесно. Не е доволно само да ги потиснуваме неисправните желби и да престанеме со неисправните постапки. Треба да ги смениме нашите желби и мотиви, и да го смениме нашето однесување. За да успееме во тоа мора постојано да вложуваме труд.
8-9. Како искуството на еден брат покажува колку е важно од корен да ја смениме нашата личност?
8 Да го разгледаме примерот на еден брат кој порано многу пиел и бил насилен. Откако престанал да се опива и да учествува во тепачки, ги исполнил условите за крштавање. Со тоа дал одлично сведоштво во местото во кое живеел. Но една вечер, кратко по неговото крштавање, бил испитан на неочекуван начин. Еден пијан човек дошол кај него дома и сакал да се тепа со него. Во почетокот, нашиот брат одолеал на желбата да се тепа. Но кога човекот почнал да зборува лоши работи за Јехова, братот толку се вознемирил што веќе не можел да го контролира својот гнев. Излегол надвор и го претепал човекот. Во што бил проблемот? Иако проучувањето на Библијата му помогнало да ја потисне желбата да се тепа, тој сѐ уште не го сменил начинот на размислување, односно не направил вистинска промена на својата личност.
9 Но, овој брат не престанал да прави промени (Изр. 24:16). Со помош од старешините, продолжил добро да напредува. Со текот на времето ги исполнил условите да стане старешина. Потоа, една вечер, пред салата за состаноци, се соочил со слична ситуација како таа претходно. Еден пијан човек сакал да претепа еден од другите старешини. Што сторил нашиот брат? Тој смирено и љубезно разговарал со пијаниот човек, ја смирил напнатата ситуација и му помогнал да стигне до дома. Зошто братот реагирал поинаку во оваа ситуација? Нашиот брат од корен го сменил својот начин на размислување. Длабоко во себе, тој се преобразил во мирољубива, понизна личност, и со тоа му донел слава на Јехова!
10. Што е потребно за да направиме промени во нашата личност?
10 Овие промени не се случуваат ниту преку ноќ ниту автоматски. Можеби ќе треба да вложуваме голем труд во период од повеќе години (2. Пет. 1:5). Таквите промени нема да се случат само затоа што долго време му служиме на Јехова. Треба да дадеме сѐ од себе за да ја промениме нашата личност. За таа цел треба да направиме неколку основни чекори. Да разгледаме некои од нив.
КАКО ДА ГО СМЕНИМЕ НАШИОТ НАЧИН НА РАЗМИСЛУВАЊЕ
11. Како молитвата ни помага да го смениме нашиот начин на размислување?
11 Првиот важен чекор е да се молиме. Треба да се молиме како псалмистот кој рекол: „Создај во мене чисто срце, Боже, и стави во мене нов, постојан дух“ (Пс. 51:10). Мора да признаеме дека треба да си го смениме начинот на размислување и мора да го молиме Јехова да ни помогне во тоа. Како можеме да бидеме сигурни дека Јехова ќе ни помогне да ги направиме потребните промени? Може да нѐ охрабри ветувањето што тој го дал во врска со тврдоглавите Израелци од времето на Езекиел: „Ќе им дадам едно срце и ќе ставам во нив нов дух... и ќе им дадам меко срце“, односно срце што е спремно да го следи водството од Бог (Езек. 11:19). Јехова бил спремен да им помогне на тие Израелци да се сменат, а спремен е да ни помогне и нам.
12-13. а) Според Псалм 119:59, за што треба длабоко да размислуваме? б) Кои прашања треба да си ги поставиме?
12 Вториот важен чекор што треба да го преземеме е длабоко да размислуваме. Додека ја читаме Божјата Реч секој ден, треба да одвоиме време за длабоко да размислуваме кои ставови и чувства треба да ги промениме кај себе. (Прочитај Псалм 119:59; Евр. 4:12; Јак. 1:25.) Многу е важно да го препознаеме секој наш став и секое наше чувство врз кои влијаела мудроста на овој свет. Треба искрено да си ги признаеме нашите слабости и потоа да вложиме голем труд за да се ослободиме од нив.
13 На пример, прашај се: „Дали во моето срце има макар и ронка љубомора или завист?“ (1. Пет. 2:1). „Дали сметам дека сум подобар од другите поради моето потекло, образование или финансиска состојба?“ (Изр. 16:5). „Дали ги потценувам оние што се посиромашни од мене или оние што се од друга националност?“ (Јак. 2:2-4). „Дали ме привлекуваат работите што ги нуди светот на Сатана?“ (1. Јов. 2:15-17). „Дали ме привлекува неморална и насилна забава?“ (Пс. 97:10; 101:3; Амос 5:15). Кога ќе си одговориме на овие лични прашања, можеби ќе сфатиме какви промени треба да направиме. Ако успееме да ги промениме овие цврсто утврдени ставови или чувства, ќе го радуваме нашиот небесен Татко (Пс. 19:14).
14. Зошто е многу важно да избереме добри пријатели?
14 Третиот важен чекор е да избереме добри пријатели. Без разлика дали сме свесни или не, нашите пријатели многу влијаат врз нас (Изр. 13:20). На училиште или на работа, ние веројатно сме опкружени со луѓе кои не ни помагаат да размислуваме онака како што сака Бог. Меѓутоа, на нашите собраниски состаноци можеме да ги најдеме најдобрите пријатели. Таму можеме да бидеме поттикнати „кон љубов и кон добри дела“ (Евр. 10:24, 25).
„УТВРДУВАЈТЕ СЕ ВО ВЕРАТА“
15-16. Како Сатана се обидува да влијае врз нашиот ум?
15 Не треба да заборавиме дека Сатана е решен да влијае врз нашиот ум. Тој ја користи секоја можна тактика за да нѐ наведе да се сомневаме во мудроста од Божјата Реч и да го уништи доброто влијание што таа го извршила врз нас.
16 Сатана сѐ уште го поставува истото прашање што ѝ го поставил на Ева во рајската градина: „Навистина ли рекол Бог дека..?“ (1. Мој. 3:1). Во светот што е под власта на Сатана, честопати слушаме прашања што би можеле да нѐ наведат да се сомневаме во нашите верувања. На пример, слушаме прашања како: „Навистина ли Бог не дозволува хомосексуални врски? Навистина ли Бог не сака да славите празници и родендени? Навистина ли вашиот Бог не ви дозволува да примате трансфузија на крв? Навистина ли Бог, кој е полн со љубов, бара од вас да не контактирате со вашите најблиски кои се исклучени?“
17. а) Што треба да правиме ако некој ни постави прашања кои можат да нѐ наведат да се сомневаме во нашите верувања? б) Според Колошаните 2:6, 7, каков ќе биде резултатот од тоа?
17 Треба да сме потполно сигурни во нашите верувања. Ако не сме уверени во одговорот на прашањата што ги спомнавме во претходниот пасус, би можеле да се посомневаме дека она во што веруваме нема вистински темел. Со текот на времето, тие сомнежи би можеле да го искриват нашето размислување и да ни ја уништат верата. Тогаш, што треба да правиме? Божјата Реч нѐ поттикнува да го преобразиме нашиот ум за да можеме да утврдиме „која е Божјата волја — што е добро, прифатливо и совршено“ (Рим. 12:2). Со тоа што редовно ќе проучуваме, можеме да се увериме дека она што сме го научиле од Божјата Реч е вистина. Исто така, тоа ќе ни помогне да бидеме потполно сигурни дека мерилата на Јехова се исправни. Тогаш, слично како едно дрво што има цврсти корени, ќе бидеме вкоренети и утврдени во верата. (Прочитај Колошаните 2:6, 7.)
18. Што ќе ни помогне да ги отфрлиме и да се заштитиме од штетните влијанија на светот на Сатана?
18 Верата мора самиот да си ја зајакнеш. Никој друг не може да го стори тоа за тебе. Затоа продолжи да правиш промени во својот начин на размислување. Постојано моли го Јехова да ти помага со светиот дух. Длабоко размислувај и продолжи да ги преиспитуваш своите ставови и мотиви. Избирај ги за пријатели оние што ќе ти помогнат да ги правиш потребните промени. На тој начин ќе се заштитиш од штетните влијанија на светот на Сатана и ќе ги отфрлиш сите „погрешни размислувања и секаква вообразеност која се крева против познавањето на Бог“ (2. Кор. 10:5).
ПЕСНА 50 Мојот завет кон Бог
a Врз нашето размислување влијае околината, нашето образование или она што сме го доживеале во минатото. Можеби сме увиделе дека некои погрешни ставови длабоко се вкорениле во нашата личност. Во оваа статија ќе видиме како можеме да ги отфрлиме погрешните ставови што можеби сме ги стекнале.