Задржи го твојот ум фиксиран на небесните работи
1 Коментирајќи за генерацијата која нѐ опкружува и за нејзиното гледиште за иднината, една статија во The New York Times од 31 декември 1994, навела: „Луѓето се плашат од иднината. Тие се плашат во поглед на работата, се плашат од болест, се плашат од работите во врска со економијата и светската ситуација“. Каде и да погледнеме, секаде постои чувство на несигурност во поглед на животот. Нашата служба како Јеховини сведоци секојдневно нѐ доведува во контакт со луѓе кои се чувствуваат вака. Иако се соочуваме со истите проблеми со кои се соочуваат и тие, нашата вера и доверба во сигурните ветувања на Божјата Реч нѐ оспособуваат да имаме многу поинакво гледиште за животот и за иднината на човештвото (Иса. 65:13, 14, 17).
2 Нашиот оптимизам и гледиште со една сигурна надеж предизвикува многу луѓе кои се со искрено срце да ја слушаат пораката која им ја носиме. Многу поединци кои се чувствуваат потиштени и подјармени наоѓаат утеха во разговорот со нас. Бидејќи им се допаѓа она што го слушаат, некои се согласуваат да ја проучуваат Библијата со нас. Меѓутоа, повремено, луѓето можеби сакаат најпрвин да се олеснат од своите лични проблеми. Иако понекогаш може да поминеме некое време слушајќи нечии лични грижи, не би требало да ја изгубиме од вид нашата главна цел, имено да ги поучуваме луѓето за позитивните вистини на Божја Реч.
3 Ние сакаме да бидеме сочувствителни спрема оние кои се потиштени. Исус дал пример за тоа кога рекол, како што е запишано во Матеј 11:28: „Дојдете при мене сите изморени и обременети“. Ние сакаме да ги охрабриме луѓето на истиот начин. Меѓутоа, забележи, во заклучокот на 28-от стих, Исус рекол: „Јас ќе ве успокојам“. Тоа би требало да биде и наша цел. Го правиме тоа на тој начин што ги споделуваме освежувачките ветувања од Божјата Реч. Способноста да се биде добар слушач ја покажува нашата лична заинтересираност и загриженост за луѓето. Тоа е битно за да го исполниме нашиот налог да ја проповедаме добрата вест за Царството, помагајќи им на другите да сфатат дека Царството е единствениот сигурен лек за сите проблеми на човештвото (Мат. 24:14).
4 Нашето дело не е дело на професионални здравствени работници. Наместо тоа, како што објаснил апостол Павле, а е запишано во 1. Тимотеј 4:6, тоа е служба која се сосредоточува на „доброто учење“ — учењата кои се наоѓаат во Речта Божја. Оние кои имаат лични или емоционални проблеми можеби треба да бидат охрабрени да се ослонат на Јехова. Поучувај ги да го задржат својот „ум фиксиран на небесните работи“ — работи кои се поврзани со надежта за Царството (Кол. 3:2, НС). Кога луѓето го задржуваат своето внимание насочено на Речта Божја, тие можат да бидат зајакнати како резултат на моќното влијание што го врши таа во нивните животи (Евр. 4:12).
5 Значи, нашата цел е да им помогнеме на луѓето да го сосредоточат своето размислување на работите кои се ‚праведни, чисти, љубезни и достојни за слава‘ (Фил. 4:8). Ако го насочат вниманието на надежта за Царството, тие ќе бидат благословени на истиот начин како што сме и ние. Исто така, и тие ќе ја искусат радоста која доаѓа од спознанието дека на крајот Јехова ќе ги реши сите нивни проблеми преку своето Царство (Псал. 144:16).