Присуствувај на состаноците „во толку повеќе“
1 Заедничкото состанување отсекогаш било многу битно за Јеховиниот народ. Израелците го имале храмот и нивните синагоги како центри за вистинско обожавање, божествено образование и радосно дружење. Слично на тоа, раните христијани не го напуштале заедничкото собирање. Додека се зголемуваат притисоците и испитите во овие критични последни денови, и нам ни е потребно духовното зајакнување што го обезбедуваат нашите собраниски состаноци — а тоа ни е потребно „во толку повеќе“ (Евр. 10:25). Забележи три причини зошто присуствуваме на состаноците.
2 За дружење: Писмото нѐ опоменува ‚да продолжиме да се утешуваме и да се изградуваме еден со друг‘ (1. Сол. 5:11, NW). Божественото дружење ги исполнува нашите умови со добри мисли и нѐ мотивира да правиме добри дела. Но, ако се изолираме, склони сме да негуваме будалести, себични, па дури и неморални идеи (Изрек. 18:1, NW).
3 За поучување: Христијанските состаноци обезбедуваат една постојана програма на библиска поука наменета да ја задржи жива во нашите срца љубовта кон Бог. Тие даваат практично водство за примената на „сиот Божји совет“ (Дела 20:27, NW). Состаноците нѐ обучуваат во уметноста на проповедање и поучување на добрата вест, вештини кои се во толку попотребни сега за да ја доживееме неискажливата радост од пронаоѓањето и помагањето на оние кои ќе ја прифатат библиската вистина.
4 За заштита: Во овој злобен свет, собранието е вистинско духовно прибежиште — засолниште на мир и љубов. Кога сме присутни на собраниските состаноци, Божјиот свет дух има силно влијание врз нас, произведувајќи ги плодовите ‚љубов, радост, мир, долготрпеливост, доброта, милосрдност, вера, кротост, воздржливост‘ (Гал. 5:22, 23). Состаноците нѐ зајакнуваат да стоиме цврсти и утврдени во верата. Тие нѐ опремуваат да бидеме подготвени за испитите кои претстојат.
5 Со редовно присуство на состаноците, го доживуваме она што го опишал псалмистот, како што е запишано во Псалм 132:1, 3: „Колку е убаво и колку е мило кога браќата живеат заедно!“ Секаде каде што Божјиот народ служи и се состанува денес, „таму Господ дал благослови и живот вечен“.