Дали имаш ,трн во телото‘?
1 Желно посакуваме да го исполниме нашиот налог да ја проповедаме добрата вест онолку колку што се нашите способности. Меѓутоа, на многу наши драги браќа и сестри им е тешко да имаат потполно учество бидејќи ги попречуваат сериозни физички болести или инвалидности, отежнувајќи им да прават онолку колку што би сакале. За нив можеби претставува предизвик да се справуваат со чувства на обесхрабреност, особено кога гледаат како другите околу нив се толку активни во службата (1. Кор. 9:16).
2 Пример за имитирање: Апостол Павле морал да се бори со ‚трн во телото‘. Трипати го молел Јехова да ја отстрани мачната пречка која тој ја опишал како „ангел сатанин“ кој постојано го боцкал. Сепак, и покрај тоа, Павле истрајал и се напрегал во својата служба. Тој не се самосожалувал ниту, пак, станал хроничен приговарач. Го давал најдоброто од себе. Тајната на неговиот успех во справувањето била следново уверување од Бог: „Доста ти е Мојата благодат, бидејќи Мојата сила наполно се покажува во слабоста“. Павловата слабост станала сила кога научил да ја прифаќа својата ситуација и да се ослонува на Јехова и на светиот дух за да истрае (2. Кор. 12:7—10).
3 Како можеш да истраеш: Дали човечката слабост наметнува ограничувања на твојата служба за Бог? Ако е така, имитирај го Павловото гледиште. Дури и ако за твојата болест или инвалидност не постои траен лек во овој систем на ствари, ти можеш да ја положиш својата потполна доверба во Јехова кој ги разбира твоите потреби и ќе ја обезбеди ‚силата која е над она што е нормално‘ (2. Кор. 4:7, NW). Искористи ја помошта што ти стои на располагање во собранието и не се изолирај (Изр. 18:1, NW). Ако ти е тешко да учествуваш во делото од врата до врата, изнајди практични начини за да сведочиш неформално или по телефон.
4 Иако некој трн во телото може да те ограничи во она што можеш да го правиш во службата, не мора да се чувствуваш изоставен. Како Павле, и ти можеш ‚да го проповедаш Евангелието на Божјата благодат‘, правејќи го она што го допуштаат твојата сила и околностите (Дела 20:24). Додека се напрегаш да ја извршиш својата служба, знај дека Јехова е многу задоволен (Евр. 6:10).