Пионерење — мудро користење на нашето време!
1 ,Веќе сум преоптоварена! Дали навистина би било мудро сега да почнам да пионерам?‘ Така си помислила една сестра додека слушала како еден старешина пионер изнесува еден дел на покраинскиот собир, со наслов „Да се напрегаме во пионерската служба“. Еден млад брат меѓу присутните си помислил: ‚Како тој може да пионери? Јас не сум старешина, но мојот живот веќе е исполнет со активности!‘
2 Додека старешината продолжил да дискутира за благословите од пионерењето, интервјуирал неколку пионери од покраината кои кажале какви промени направиле за да пионерат и колку Јехова богато ги благословил нивните напори. Едниот бил инвалид, другата имала сопруг кој не бил соверник, а третиот се откажал од световна кариера но сепак можел да преживее со средствата што ги имал. Слушајќи како овие пионери биле успешни со Јеховина помош, братот и сестрата меѓу присутните почнале да го преиспитуваат своето размислување и околностите. Те повикуваме и тебе да го направиш истото, особено откако намаленото барање на часови за пионерите важи за многу повеќе објавители на добрата вест.
3 Знаеме дека Јехова е Творецот и Суверениот на универзумот и дека нему му го должиме својот живот (Дан. 4:17; Дела 17:28). Јасно ни е дека Јехова користи само една организација. Имаме предност лојално да служиме со неа, поддржувајќи го „верниот и разборит роб“ во давањето сведоштво за Царството пред да дојде крајот (Мат. 24:45; 25:40; 1. Петр. 2:9). Навлегувајќи длабоко во „последните денови“, сфаќаме дека времето за проповедање истекува (2. Тим. 3:1). Во меѓувреме, треба материјално да ги поддржуваме нашите семејства (1. Тим. 5:8). Со личниот доход не се покриваат трошоците како некогаш. Можеби нашето здравје не е како што било некогаш. И, да бидеме искрени, сакаме да имаме малку време и малку средства за нас лично (Проп. 3:12, 13). Затоа, можеби се прашуваме дали навистина е мудро да одговориме на поканата да пионериме.
4 Секој од нас има одговорност внимателно да си ги преиспита околностите и да одлучи дали може да пионери (Рим. 14:12; Гал. 6:5). Охрабрувачки е кога ќе се забележи зголемениот број на оние кои одговориле на повикот да пионерат. И покрај притисоците и проблемите на овие последни денови, извештајот за служба објавен во Годишњак за 1999 покажува дека скоро 700.000 од Јеховиниот народ ширум светот се напрегаат во пионерската служба. Без оглед на тоа дали служат под тешки економски услови, без превоз, дали доживуваат здравствени проблеми или наидуваат на други тешкотии и неволји, овие браќа и сестри не се изморуваат во правењето на она што е добро, и тоа е за пофалба (Гал. 6:9). Тие ја прифатиле Јеховината понуда да го стават на испит (Мал. 3:10). Сметаат дека пионерењето е едно многу мудро користење на нивното ограничено време и средства и дека Јехова навистина ги благословил заради тоа што ги направиле потребните промени за да започнат и да останат во пионерската служба.
5 Пионерите добиваат благослови: Една сестра од Камерун која има мала ќеркичка, објаснува: „Уште откако се роди, ќерка ми секогаш ме придружуваше во службата. Уште пред да научи да оди, ја носев на грб, сигурно прицврстена со платно. Едно утро додека бев во служба, застанав до еден штанд покрај патот. Моето дете се оддели од мене, земајќи со себе неколку списанија од мојата чанта. Отпатка до следниот штанд. Иако не можеше да каже многу, го привлече вниманието на една жена и ѝ понуди списание. Жената беше воодушевена кога виде толку мало дете да учествува во оваа активност. Спремно го прифати списанието, како и домашна библиска студија!“
6 Како одговор на повикот за повеќе помошни пионери, еден старешина и семеен поглавар од Замбија кој има световно вработување со цело работно време, одлучил да биде помошен пионер и покрај исполнетиот распоред. Сакал да му даде пример на собранието и на своето семејство. Во некои прилики, го паркирал својот автомобил покрај патот, ја пуштал на касета Тајната на семејната среќа и повикувал минувачи да дојдат и да чујат што се чита гласно. На тој начин бил во можност да даде 16 книги Семејната среќа и 13 книги Спознание, и да започне две библиски студии.
7 Добар пионерски дух е забележан и во соседната земја Зимбабве. Во текот на април 1998, едно собрание со 117 објавители известило 70 помошни и 9 општи пионери. Во едно друго собрание со 94 објавители имало 58 помошни пионери. А трето, со 126 објавители, известило дека 58 одлучиле да бидат помошни пионери заедно со 4-те општи пионери. Минатата службена година се покажа извонредна во Зимбабве. Иако браќата таму биле доста зафатени со семејни работи, собраниски активности и изградба на подружницата, тие се сосредоточиле на мудро користење на нивното време во службата.
8 Пионерите сфаќаат дека започнувањето на пионерската служба и истрајувањето во неа не зависат од нивната сопствена сила. Тие први признаваат дека сѐ што можат да направат е можно затоа што се ‚зависни од силата што ја дава Бог‘ (1. Петр. 4:11, NW). Нивната вера им овозможува да ја извршуваат својата служба од ден на ден. Наместо да ја бараат својата лична удобност и комфор, успешните пионери сфаќаат дека, за да се напрегаат, можеби ќе треба „голема борба“, но од тоа ќе добијат многу благослови (1. Сол. 2:2, NW).
9 Павловиот пример е за имитирање: Во Библијата е запишано што постигнал апостол Павле во службата, како и извонредната помош што им ја укажал на многу луѓе. Сепак, ако некој бил преоптоварен, тоа бил Павле. Тој издржал прогонство и физички тешкотии за да ја проповеда добрата вест и за да ги зајакне собранијата. Морал да се справува и со сериозен здравствен проблем (2. Кор. 11:21—29; 12:7—10). Сепак, бил одлучен мудро да го користи своето време. Признал дека целата работа ја извршувал со Јеховина помош (Фил. 4:13, NW). Ниту еден од оние на кои им помогнал Павле немал причина да заклучи дека неговото време и напори во Јеховината служба се изгубени или дека би можеле да бидат потрошени на подобар начин. Дури и ние денес сѐ уште извлекуваме корист од Павловото мудро користење на неговото време! Колку само го цениме неговиот инспириран совет со кој ни помага да ги издвоиме нашите приоритети и да се држиме за вистината во овие тешки времиња!
10 Сега, како никогаш порано, ‚преостанатото време за да се проповеда добрата вест е скратено‘ (1. Кор. 7:29, NW; Мат. 24:14). Затоа, исправно е да се запрашаме: ‚Ако мојот живот неочекувано заврши утре, би можел ли денес да му речам на Јехова дека мудро сум го искористил своето време?‘ (Јак. 4:14). Зошто да не зборуваш со Јехова во молитва уште сега, уверувајќи го во твојата желба мудро да го користиш своето време како негов Сведок? (Псал. 89:12). Моли за Јеховина помош да го поедноставиш својот живот. Дури и ако порано сосема си ја исклучил таквата можност, можно ли е сега да откриеш дека пионерењето може да биде дел од твојот живот?
11 Најдобро искористи ги своите околности: Се разбира, поради околностите, не можат сите кои го сакаат тоа да испланираат 70 часа месечно за да служат како општи пионери. Меѓутоа, многу објавители прават подготовки да посветат по 50 часа месечно во службата како помошни пионери, колку што е можно почесто или, пак, постојано. Ако поради твоите околности моментално не можеш да бидеш помошен или општ пионер, не се обесхрабрувај. Продолжи да се молиш за промена на твоите околности. Во меѓувреме, доколку не е можно да направиш промени, теши се со сознанието дека Јехова е многу задоволен со сѐ што можеш да правиш со сета душа во неговата служба (Мат. 13:23). Тој забележува дека ти цврсто стоиш на негова страна и дека напорно се трудиш да бидеш верен објавител кој никогаш не дозволува да помине ниту еден месец без да ги искористи приликите да даде сведоштво. Можеби ќе можеш да напредуваш со тоа што ќе ги изоструваш твоите вештини на сведочење, работејќи на тоа да бидеш извонреден како проповедник и како учител на добрата вест (1. Тим. 4:16).
12 Бидејќи Јеховиниот ‚голем ден што влева страв‘ е многу близу, треба мудро да го користиме преостанатото време за да го завршиме делото што имаме задача да го вршиме (Јоил 2:31, NW). Сатана знае дека времето му е кратко и, како никогаш порано, прави сѐ што е во негова моќ за да ги искомплицира нашите животи и да ни отежне да се сосредоточиме на оние работи кои навистина се важни (Фил. 1:10; Откр. 12:12). Никогаш не го потценувај Божјиот интерес за тебе. Јехова може да ти помогне да го поедноставиш својот живот и да го постигнеш својот максимум во службата (Псал. 144:16). За среќа, кога многумина ќе ги преиспитаат своите околности, откриваат дека можат да стапат во редовите на помошните или општите пионери. Всушност, пионерите наоѓаат длабоко задоволство кога мудро го користат своето време. Дали ти ќе бидеш еден од нив?