Што ќе му речеш на некој муслиман?
1 Дали некогаш си имал искуство да му сведочиш на некој муслиман? Ако е така, веројатно си увидел дека муслиманите имаат силна вера во Бог. Сепак, тие не знаат многу за претстојниот рај на земјата кој го претскажале Јеховините пророци, и ние би сакале да им ја пренесеме таа надеж (1. Тим. 2:3, 4). Следниве информации треба да ти помогнат да дадеш добро сведоштво.
2 Муслиманите веруваат во Алах, или Бог, и веруваат дека Мухамед е Божји пророк. Нивната света книга е Коранот, а религијата е наречена ислам, што значи „подложност“. Коранот наведува дека лажењето и обожавањето идоли не е исправно, дека Бог е еден и дека не е дел од тројство. Исто така, учи за бесмртноста на душата, за пеколен оган и за небесен рај. Муслиманите ја прифаќаат Библијата како Божја реч, но веруваат дека таа е изменета, додека Коранот, кој сѐ уште е на својот оригинален јазик, останал чист.
3 Биди пријателски настроен, тактичен и прониклив: Кога разговараш со некој муслиман, биди пријателски настроен и тактичен (Изр. 25:15). Имај на ум дека муслиманските верувања се цврсто вкоренети и дека повеќето од нив се научени механички. Затоа, расудувањето за религиозните учења и докажувањето на себеси која е Божјата волја не било дел од нивниот духовен развој (Рим. 12:2). За да им се помогне на муслиманите, неопходни се стрпливост и разбирање (1. Кор. 9:19—23).
4 Избегнувај да користиш изрази кои во мислите на еден муслиман ќе те поврзат со христијанскиот свет. Јасно дај до знаење дека ти не си дел ниту од католичката ниту од протестантската религија туку дека си поинаков. За Библијата зборувај како за книга од Бог. Бидејќи на муслиманите им е одбивен изразот „Божји Син“, обично е најдобро да не го користиш ниту, пак, да дискутираш на таа тема сѐ додека не се постигне духовен напредок. Сепак, можеш да зборуваш за Исус, осврнувајќи се на него како на пророк или гласник. Избегнувај да се расправаш. Ако забележиш дека почнува да се појавува лутина, учтиво замини си веднаш.
5 Подобро е да зборуваш само со едно лице отколку со група. Обично се препорачува жените да им сведочат на жени, а мажите на мажи. Очигледно, постојат исклучоци, но треба да се користи добро просудување. Исто така, многу муслимани се чувствителни на она што го сметаат за нескромно облекување и дотерување на жените. Сестрите треба да бидат свесни за тоа (1. Кор. 10:31—33).
6 За што да се зборува: Зборувај искрено за Божјата величественост и за неговата љубов. Не се двоуми да кажеш дека си вистински верник, дека Бог е еден (не тројство) и дека обожавањето идоли е погрешно. Зборувај за злобата на светот денес — војни, граѓански немири, расна омраза и лицемерството кое е очигледно кај толку многу религиозни луѓе.
7 Брошурата Водството на Бог — нашиот пат до Рајот ќе ти даде понатамошен увид во темите кои можеш да ги користиш за да започнеш разговори со муслимани. Наменета е да ги привлече муслиманите кои живеат во средина каде што можеби се чувствуваат слободни да ја проучуваат Библијата.
8 Како презентација, би можел да речеш:
◼ „Вложувам посебни напори да разговарам со муслимани. Сум читал за вашата религија и мислам дека сум во право кога ќе речам дека муслиманите веруваат во еден вистинит Бог и во сите пророци. [Дозволи одговор.] Би сакал да поразговарам со вас за едно древно пророштво кое го претскажува преобразувањето на земјата во рај. Може ли да Ви прочитам што напишал пророкот? [Прочитај Исаија 11:6—9.] Ова пророштво ме наведува да помислам на еден цитат од Коранот што се наоѓа во оваа брошура“. Сврти на страница 9 од брошурата Водството на Бог и прочитај го цитатот со масни букви, кој се однесува на праведните кои ќе ја наследат земјата. Ако е покажан интерес, продолжи го разговорот дискутирајќи за пасусите 7 до 9 на другата страница. Остави ја брошурата и договори повторна посета. (За друга презентација, види Наша служба за Царството од февруари 1998, страница 6, пасус 27.)
9 Кога ќе му понудиш некому да ја разгледа брошурата Водството на Бог, најдобро е да ја наречеш дискусија, а не библиска студија. Кога ќе ја завршите брошурата, ученикот треба да биде спремен да ја проучува брошурата Бара и книгата Спознание. Други публикации кои се посебно наменети за муслимани се трактатот Како да се пронајде патот до рајот и џебната брошура Време за вистинска подложност на Бог.
10 Со ова познавање на исламските верувања и чувства, можеме да бидеме проникливи во нашиот избор на литература што им ја нудиме на муслиманите и во начинот на кој им сведочиме. Јехова нека продолжи да ги благословува нашите напори да им помагаме на луѓето од сите видови да го привикуваат неговото име и да бидат спасени (Дела 2:21).