Користење на Интернет — внимавај на опасностите!
1 Јеховиниот народ ужива во здраво меѓусебно дружење. Тие уживаат да споделуваат искуства од службата на теренот и ценат кога ќе слушнат за настани кои се случиле во врска со Јеховините сведоци и делото на Царството ширум светот. Сакаат да бидат информирани за сите значајни работи што им се случуваат на нашите браќа, како што е некоја криза или природна катастрофа, и сакаат да знаат што можат да направат за да помогнат. Таквиот интерес го покажува единството на братството и докажува дека ние навистина се сакаме (Јован 13:34, 35).
2 Денес, брзо слушаме за светските настани. Луѓето ширум светот добиваат директен детален извештај за настаните преку радио и телевизиските емисии. И телефонот овозможува брза комуникација со луѓето ширум светот. Еден неодамнешен феномен во комуникацијата што секавично го освои светот е Интернет. (Види го српското издание на Разбудете се! од 22 јули 1997.)
3 Пронаоѓањето на телефонот го отвори патот за брза лична комуникација ширум светот. Иако телефонот е многу корисен, потребна е претпазливост во начинот на кој се користи бидејќи може да биде алатка за неисправно дружење или активности, а претераното користење може да биде скапо. Телевизијата и радиото имаат потенцијал на полето на образованието. Но, за жал, голем дел од програмата е морално расипана и губење време е да се слуша. Мудроста налага да бидеме многу избирливи во користењето на телевизијата и радиото.
4 Интернет овозможува ефтино да се комуницира со милиони луѓе ширум светот и ја отвора вратата за голем обем на информации (Разбудете се! од 8 април 1998). Но, неизбирливото користење на Интернет може да изложи некого на големи духовни и морални опасности. На кој начин?
5 Многумина се загрижени поради лесно достапните информации кои покажуваат како да се изработува оружје, вклучувајќи и бомби. Индустријата се жали на износот време што вработените го трошат на Интернет. Во нашите публикации е речено многу за очигледните духовни опасности што демнат на Интернет. Бројни Web страници прикажуваат насилнички и порнографски материјал кој е сосема несоодветен за христијаните (Псал. 118:37). Освен овие опасности, има и една уште поподмолна опасност од која Јеховините сведоци треба особено да се чуваат. Која е таа опасност?
6 Дали би повикал некој непознат во својот дом без претходно да дознаеш кој е тој? Што ако нема начин да дознаеш? Дали би допуштил таков човек да биде сам со твоите деца? Ова е една неоспорна можност на Интернетот.
7 Електронската пошта може да им се испрати и да се прими од луѓе што не ги познаваш. Истото важи и кога разговараш електронски во форум или на канал за муабети. Понекогаш учесниците можеби тврдат дека се Јеховини сведоци, но честопати не се. Некој може да тврди дека е млад, но да не е. Или, пак, некое лице може дури и лажно да тврди дека е извесен пол.
8 Информациите што ти се пренесуваат можат да дојдат во облик на искуства или коментари во врска со нашите верувања. Овие информации потоа се пренесуваат на други кои, пак, им ги пренесуваат на трети. Информациите обично не можат да се проверат и можеби не се точни. Тие коментари можат да бидат маска за да се шири расудувањето на отпадниците (2. Сол. 2:1—3).
9 Имајќи ја на ум оваа опасност, ако користиш Интернет, запрашај се: ‚Зошто го користам? Постои ли можност да претрпам духовна штета со начинот на кој го користам? Дали можеби придонесувам другите да претрпат духовна штета?
10 Web страници на „Јеховини сведоци“: Разгледај за пример некои Интернет страници што ги отвориле лица кои тврдат дека се Јеховини сведоци. Тие те повикуваат да ги посетиш нивните страници за да прочиташ искуства што ги објавиле други лица кои тврдат дека се Сведоци. Охрабрен си да ги споделиш своите мисли и гледишта за литературата на Заедницата. Некои препорачуваат презентации кои би можеле да се користат во службата на теренот. Овие страници нудат канали за муабети преку кои поединците можат да се поврзат, а тоа допушта комуникација во живо со другите, слично на разговор по телефон. Тие честопати те упатуваат на други страници каде што можеш да се дружиш преку линија со Јеховините сведоци ширум светот. Но, дали со сигурност можеш да кажеш дека овие контакти не се распространети од отпадници?
11 Дружењето преку Интернет може да не биде во склад со препораката што се наоѓа во Ефесјаните 5:15—17. Апостол Павле напишал: „Гледајте, колку внимателно треба да постапувате: не како неразумни, туку како мудри; ползувајте го времето, зашто дните се лукави. Затоа немојте да бидете нерасудливи, туку распознајте што е волјата Божја“.
12 Христијанското собрание е теократското средство преку кое добиваме духовна храна од „верниот и разборит роб“ (Мат. 24:45—47, NW). Во Божјата организација наоѓаме упатства и заштита за да се држиме одвоени од светот, како и мотивација да останеме зафатени во делото на Господа (1. Кор. 15:58). Псалмистот покажал дека искусил радост и чувство на сигурност меѓу Божјиот собран народ (Псал. 26:4, 5; 54:14; 121:1). Исто така, собранието дава духовна поддршка и помош за оние кои се поврзани со него. Според тоа, таму можеш да најдеш група пријатели кои покажуваат љубов, интерес и грижа — луѓе кои лично ги познаваш и кои се спремни и сакаат да им помагаат и да ги тешат другите во време на неволја (2. Кор. 7:5—7). Членовите на собранието се заштитени со библиската подготовка за исклучување на оние кои непокајнички грешат или, пак, унапредуваат отпадничко размислување (1. Кор. 5:9—13; Тит 3:10, 11). Можеме ли да очекуваме да ги најдеме истите овие љубезни подготовки кога се дружиме со други лица преку Интернет?
13 Очигледно е дека е точно спротивното. Јасно е дека некои Web страници се средство за отпадничка пропаганда. Таквите Web страници можеби го тврдат спротивното, а оние кои спонзорираат некоја страница можеби даваат детално објаснување за да потврдат дека навистина се Јеховини сведоци. Можеби дури и бараат информации од тебе за да потврдиш дека ти си Јеховин сведок.
14 Јехова сака да примениш проникливост. Зошто? Затоа што знае дека тоа ќе те заштити од различни опасности. Изреки 2:10—19 почнува со зборовите: „Кога мудроста ќе влезе во срцето твое, и знаењето ќе ѝ биде пријатно на душата твоја, тогаш расудувањето ќе те брани, разумот ќе те чува“. Од што ќе те чува? Од такви работи како што се ‚лошиот пат‘, оние кои ги напуштаат праведните патишта и луѓето кои се неморални и измамнички во своите постапки.
15 Кога одиме во Салата на Царството, нема никакво сомневање дека сме со нашите браќа. Ние ги познаваме. Никој не бара доказ затоа што покажаната братска љубов е очигледен доказ. Од нас лично не се бара да донесеме потврда за да докажеме дека навистина сме Јеховини сведоци. Токму тука ја наоѓаме вистинската размена на охрабрување за која зборува Павле во Евреите 10:24, 25. Не можеме да се ослониме на тоа дека Web страниците кои охрабруваат на дружење преку линија ќе ни го дадат тоа. Ако ги имаме на ум зборовите од Псалм 25:4, 5, тие можат да нѐ држат будни за опасностите кои лесно можат да се појават кога користиме Web страници на Интернет.
16 Нема ограничувања ниту контрола над видот на информации што ги разменуваат и им се достапни на корисниците на Интернет. Честопати, децата и тинејџерите се лесни цели на криминал и експлоатација во оваа средина. Децата се доверливи, љубопитни и нестрпливи да го испитаат релативно новиот свет на киберпросторот. Затоа, родителите треба да ги надгледуваат своите деца и да им даваат здраво библиско водство во користењето на Интернет, исто како што би ги воделе во нивниот избор на музика или филмови (1. Кор. 15:33).
17 За жал, некои кои некогаш биле наши браќа и сестри, морало да бидат исклучени заради некое дружење што започнало со тоа што се запознале со световни луѓе на каналите за муабет на Интернет и на крајот тоа водело до неморал. Во шок и неверување, старешините пишуваат дека некои ги напуштиле своите сопруги и сопрузи за да одржуваат врска која започнала на Интернет (2. Тим. 3:6). Други, пак, се откажале од вистината затоа што поверувале на информациите што ги дале отпадници (1. Тим. 4:1, 2). Со оглед на овие многу сериозни опасности, зарем не е разумно да бидеш претпазлив да не се впуштиш во разговори на Интернет? Се разбира, практикувањето мудрост, знаење, способност за размислување и проникливост за кои се зборува во Изреки 2:10—19 треба да нѐ чува од тоа.
18 Забележано е дека има многу лица кои отвориле Web страници наводно за да ја проповедаат добрата вест. Многу од овие страници се спонзорирани од непромислени браќа. Други страници можеби се спонзорирани од отпадници кои сакаат да ги намамат оние кои не се сомневаат (2. Јов. 9—11). Коментирајќи за тоа дали има потреба нашите браќа да отвораат Web страници, Наша служба за Царството од ноември 1997, страница 3, наведе: „Нема потреба некој поединец да подготвува Интернет страници во врска со Јеховините сведоци, со нашите активности или со нашите верувања. Нашиот официјален site [www.watchtower.org] презентира точни информации за сите кои ги сакаат“.
19 Помош за проучување преку Интернет? Некои мислат дека им прават услуга на браќата објавувајќи истражени информации во врска со различни теократски активности. На пример, некој можеби истражува врз основа на нацрт за говор и потоа го објавува, мислејќи дека таквите информации ќе им користат на оние кои треба да се подготват за истиот нацрт. Други, пак, ги објавуваат сите стихови од претстојната студија на Стражарска кула или даваат изворен материјал за Теократската школа за служба или за Собраниската студија на книга. Некои можеби даваат предлози за презентации за службата на теренот. Дали тоа навистина е од помош?
20 Публикациите што ги обезбедува Јеховината организација го поттикнуваат нашиот ум со изградувачки мисли и нѐ обучуваат ‚да разликуваме добро од зло‘ (Евр. 5:14). Можеме ли да речеме дека тоа се постигнува ако другите истражуваат за нас?
21 За беријците се вели дека биле „поблагородни од солуњаните“. Зошто? Затоа што „тие го примија словото со голема усрдност и секој ден го испитуваа Писмото, дали е тоа така“ (Дела 17:11). Иако Павле и Сила им проповедале, тие не можеле да ја направат вистината своја сопственост ако лично не се внеле во неа.
22 Користењето на она што некој друг го истражувал за некој говор или за некоја друга подготовка за состанок навистина ја побива целта на личната студија. Зарем немаш желба да ја изградиш својата лична вера во Божјата реч? На темел на личното убедување ти ќе можеш да дадеш јавна изјава за својата вера — во твоите говори, во коментарите на состаноците и во службата на теренот (Рим. 10:10). Користењето на она што го истражувал некој друг не е во склад со описот што е даден во Изреки 2:4, 5 лично да ‚го бараме и да го истражуваме како ризница знаењето за Бога‘.
23 На пример, кога ги бараш стиховите во својот примерок на Библијата, можеш накратко да го разгледаш контекстот на секој стих. Можеш да ‚испиташ сѐ‘, како што направил Лука кога го напишал своето Евангелие (Лука 1:3). Тој додатен напор ќе ти помогне и да бидеш вешт кога ги бараш стиховите во службата и кога имаш говор. Многумина изјавиле дека се импресионирани од Јеховините сведоци затоа што знаат како да ја користат Библијата. Единствениот начин ова да важи и за нас е да ни биде обичај лично да ги бараме стиховите во нашите Библии.
24 Мудро да го користиме нашето време: Нешто друго што треба да се разгледа во овој поглед има врска со времето што се троши на смислување, читање и одговарање на информациите што се објавени на Интернет. Псалм 90:12 (NW) нѐ охрабрува да се молиме: „Покажи ни точно како да ги броиме нашите денови на таков начин за да донесеме срце полно со мудрост“. Павле навел: „Времето натаму е кратко“ (1. Кор. 7:29). И понатаму: „И така, додека имаме време, да им правиме добро на сите, а најмногу на своите по вера“ (Гал. 6:10).
25 Таквите совети ја истакнуваат потребата да бидеме разумни во користењето на нашето време. Колку само е покорисно да го трошиме времето читајќи ја Божјата реч! (Псал. 1:1, 2). Тоа е најдоброто друштво што можеме да го имаме! (2. Тим. 3:16, 17). Родители, дали ги поучувате вашите деца за вредноста на мудрото користење на нивното време во активностите за Царството? (Проп. 12:1). Времето што ќе се потроши за лична и семејна библиска студија, за присуство на состаноците и за служба на теренот вреди далеку повеќе од времето што ќе се потроши на шетањето по Интернет, очекувајќи да се добијат користи.
26 Во овој поглед, мудар правец е да го сосредоточиме вниманието врз духовните работи и врз оние работи кои се важни и неопходни во нашиот живот како христијани. Тоа бара да правиме добро промислени избори во врска со информациите кои ги заслужуваат нашето време и мисли. Она што е важно во нашите животи како христијани го сумирал Христос, кој рекол: „Но барајте го најнапред царството на Бога и Неговата правда, и сѐ ова ќе ви се придаде“ (Мат. 6:33). Зарем не си навистина среќен кога твојот живот е исполнет со активности за Царството наместо со некоја друга активност?
27 E-mail на Интернет: Иако споделувањето лични искуства или мисли меѓу членовите на семејството или меѓу пријателите кои живеат далеку е соодветно, дали навистина е израз на љубов да им ги пренесуваш и на други кои не го познаваат твоето семејство или пријатели? Или, пак, дали треба да ги објавиш на Web страница за да ги чита секој? Дали овие лични пораки треба да ги фотокопираш и без никакви ограничувања да ги испраќаш на луѓе кои ги познаваш или не ги познаваш? Исто така, ако од други лица добиеш пораки кои очигледно не биле наменети за тебе, дали е знак на љубов да ги пренесуваш на трети?
28 Што ако искуството што ќе го пренесеш понатаму не е вистинито? Зарем тоа не би значело учество во постојано пренесување на некоја невистина? (Изр. 12:19; 21:28; 30:8; Кол. 3:9). Се разбира, кога ‚гледаме, колку внимателно треба да постапуваме, не како неразумни, туку како мудри‘, тоа треба да нѐ поттикне да размислиме (Ефеш. 5:15). Колку само сме среќни што Годишникот, Стражарска кула и Разбудете се! се полни со проверени искуства кои нѐ охрабруваат и нѐ мотивираат да продолжиме да одиме по „патот“! (Иса. 30:20, 21).
29 Постои уште една опасност. Во врска со некои луѓе, апостол Павле рекол: „Бидејќи без работа, навикнуваат да одат од куќа во куќа; и не само без работа, туку се и јазичарки, љубопитни и зборуваат што не прилега“ (1. Тим. 5:13). Ова е аргумент да не трошиме време и напори за да им пренесуваме безвредни информации на нашите браќа.
30 Размисли и за износот време што е потребно за да се држи чекор со големото количество e-mail. Интересно е тоа што книгата Data Smog (Смог од податоци) навела: „Додека некој троши сѐ повеќе и повеќе време на линија, e-mail брзо преминува од поттикнувачки новитет во товар кој го одзема времето, со десетици пораки кои секојдневно треба да се прочитаат и да се одговорат на колегите, пријателите, семејството, . . и со непожелни реклами за продажба“. Понатаму, таа наведува: „Многу електронски ненаситници стекнале лоша навика да ја пренесуваат понатаму секоја забавна мисла што ја добиваат — вицеви, локални митови; електронски писма што се пренесуваат и друго — на секој што е во нивниот електронски адресар“.
31 Ова е очигледно во e-mail-от кој кружи меѓу многу браќа — теми како што се вицеви или смешни раскази за службата; поезија која наводно се заснова на нашите верувања; илустрации од различни говори кои биле слушнати на собирите, конгресите или во Салата на Царството; искуства од службата на теренот итн. — работи кои изгледаат прилично невино. Повеќето рутински ги пренесуваат понатаму таквите e-mail-ови без да го проверат изворот, отежнувајќи да се дознае кој навистина прв почнал, што наведува на прашањето дали информациите навистина се точни (Изр. 22:20, 21).
32 Таквите честопати безвредни пораки не се како здравите зборови кои Павле ги имал на ум кога му напишал на Тимотеј, велејќи: „Имај ги, како образец, здравите зборови, што си ги чул од мене, со вера и љубов во Христа Исуса!“ (2. Тим. 1:13). ‚Чистиот јазик‘ на вистината од Писмото ги има „здравите зборови“ кои главно се темелат на библиската тема за оправдување на Јеховината сувереност преку Царството (Соф. 3:9, NW). Треба да ги вложуваме сите напори во посветувањето на целото време и енергија што ни стои на располагање за да го поддржуваме ова оправдување на Јеховината сувереност.
33 Бидејќи сме длабоко навлезени во времето на крајот на овој систем на ствари, не е време да ја намалиме будноста. Библијата нѐ предупредува: „Бидете трезвени, бидете будни, зашто вашиот противник, ѓаволот, обиколува како лав што рика и бара некого да проголта“ (1. Пет. 5:8). Понатаму наведува: „Облечете се во сето оружје Божјо, за да се одржите против ѓаволското лукавство“ (Ефеш. 6:11).
34 Ако не се користи исправно, Интернет може да биде средство преку кое Сатана ги прелажува оние кои се заведени од моќта на Интернет. Иако е корисен во ограничена мерка, постои опасност ако не се гледа со претпазливост. Особено родителите треба да бидат загрижени за тоа како нивните деца го користат Интернет.
35 Задржувањето урамнотежено гледиште за Интернет е заштита. Го цениме навременото потсетување на Павле: „Оние . . . кои се ползуваат од овој свет — како да не се ползуваат; зашто се менува обликот на овој свет“ (1. Кор. 7:29—31). Ако ги имаме на ум овие работи, тоа ќе ни помогне нам и на нашите семејства да не бидеме одвлечени од сѐ што има да понуди светот, вклучувајќи го и она што е достапно на Интернет.
36 Неодложно е да останеме близу до нашите браќа во собранието и мудро да го користиме преостанатото време, и со тоа да се ставаме на располагање да ги унапредуваме интересите на Царството. Додека овој систем се ближи кон својот крај, ‚повеќе да не одиме како што одат и нациите во бескорисноста на својот ум‘ туку ‚и понатаму да сфаќаме што е Јеховината волја‘ (Ефеш. 4:17; 5:17, NW).