Рубрика прашања
◼ Кој треба да се моли на собраниските состаноци?
Молитвите во собранието се многу важен дел од нашето обожавање. Скапоцена предност и сериозна одговорност е да се застапуваат другите пред Јехова. Бидејќи молитвите се толку важни, старешините треба да користат добро просудување кога одлучуваат кои браќа се квалификувани да се молат на состаноците. Крстените браќа кои го претставуваат собранието треба да бидат зрели христијански министри кои се познати по добриот пример и кои собранието ги почитува. Нивните молитви кои се полни со почит и учтивост, треба да откријат добар однос со Јехова Бог. Статијата „Да се молиме пред другите со понизно срце“ од изданието на Стражарска кула од 1 септември 1986, истакнува важни начела кои се корисни особено за оние кои се молат јавно во корист на собранието.
Старешините нема да одредат да се моли некој брат ако тој е познат по сомнително или несериозно однесување. Нема да биде избран ниту некој брат кој има склоност да биде незадоволен или да ја користи јавната молитва за да изнесува лични несогласувања (1. Тим. 2:8). Иако некој брат што е тинејџер може да се крсти, старешините ќе треба да одредат дали има духовна зрелост за да се моли во корист на собранието (Дела 16:1, 2).
Повремено, на состаноците за служба на теренот, можеби ќе треба да се помоли некоја крстена сестра доколку нема квалификуван брат за да ја застапува групата. Таа ќе треба да носи соодветно покривало на главата. Ако постои веројатност дека на извесни состаноци за служба нема да биде присутен квалификуван брат, старешините треба да назначат некоја квалификувана сестра да преземе водство.
Обично, претседавачот на Состанокот за јавност ја кажува уводната молитва. Меѓутоа, на другите собраниски состаноци, кога има на располагање повеќе квалификувани браќа, може да каже уводна или заклучна молитва некој друг, а не братот кој го отвора состанокот или го држи последниот дел. Во секој случај, братот кој е замолен да се моли на некој собраниски состанок треба да биде информиран однапред за да може да размисли за она што ќе го каже. Тогаш ќе може да каже складна, искрена молитва која е соодветна за тој состанок.
Тие молитви не мора да бидат долги. Кога некој брат кажува јавна молитва, обично подобро ќе го разберат ако стои, ако зборува доволно гласно и ако зборува јасно. Ова ќе им овозможи на сите што се собрани да ја чујат молитвата и на крајот од срце да речат „амин“! (1. Лет. 16:36; 1. Кор. 14:16).