Состаноците им користат на младите луѓе
1 Една тинејџерка рекла: „Понекогаш мислам дека на младите им е најтешко во животот. Ние сме со луѓе кои вршат блуд, се дрогираат и пијат“. Дали ти се чувствуваш вака? Ако да, тогаш што мислиш, што ќе ти помогне да се бориш против овие лоши влијанија? Потребна ти е вера, цврста вера во исправноста на Јеховините патишта, бидејќи без неа „не е можно да Му се угоди на Бога“ (Евр. 11:6). Присуството на собраниските состаноци ќе ти помогне да ги зацврстиш твоите христијански убедувања и твојата одлучност да го избегнуваш она што е лошо.
2 Состаноците ти нудат многу: Што е тоа што го прави пријатен вкусниот оброк со блиските пријатели? Зарем тоа не е комбинација на здрава храна и пријатно дружење во опуштена атмосфера? Па, нашите состаноци го нудат истото пријатно доживување, но во духовен поглед.
3 Она за што се дискутира на состаноците е изградувачко и опфаќа работи во врска со секојдневните проблеми во животот па сѐ до проучувањето на фасцинантни библиски пророштва. Се изнесува практична поука која те поучува како да водиш најдобар начин на живот и како да се соочуваш со предизвиците кои ти се испречуваат на патот. Другарите што ќе ги најдеш на состаноците се најдобрите што можат да се најдат, а духовната атмосфера е пријатна и сигурна (Псал. 132:1). Не е чудно тоа што еден младинец рекол: „Цел ден сум на училиште и тоа ме истоштува. Но, состаноците се како оаза во пустина, каде што се освежувам за да издржам следниот ден на училиште“. Друга младинка рекла: „Открив дека блиското дружење со другите кои го љубат Јехова ми помага да останам близу до него“.
4 Ако си запишан во Теократската школа за служба, ќе научиш да собираш библиски информации, да ги составуваш во говор и потоа да ги изнесуваш на разговорен начин пред публиката во Салата на Царството. Замисли си ја користа од обуката вешто да поучуваш за животоважните вистини што се наоѓаат во Божјата реч! На кое друго место младите можат да добијат таква скапоцена обука?
5 Како да извлечеш најголема корист од состаноците: За да извлечеш најголема корист од состаноците, потребни се три важни работи. Тие се подготовката, учеството и применувањето.
6 Подготвувај се за нив: Одвојувај време за редовно да се подготвуваш за состаноците. Не дозволувај училиштето, хонорарната работа или рекреацијата да ти го одземат времето што ти е потребно за да го разгледаш однапред материјалот што ќе се дискутира на секој состанок. Корисно е да имаш добра рутина. Прво и најважно треба да ти биде да држиш чекор со распоредот за седмично читање на Библијата за Теократската школа за служба. Ни требаат само неколку минути на ден за да ги прочитаме и да медитираме за определените поглавја. Одвој си време за да се подготвуваш за Собраниската студија на книга и студијата на Стражарска кула. Некои го прават тоа барем еден или два дена пред да се одржат овие состаноци. Колку што е можно, прави го истото и за оние делови што се на распоредот за Состанокот за служба секоја седмица.
7 Учествувај во нив: Библијата вели дека на возраст од 12 години, Исус го нашле во храмот како слуша, поставува прашања и дава одговори (Лука 2:46, 47). Со други зборови, тој бил сосема внесен во тоа. Ќе извлечеш поголема корист од состаноците ако вложуваш напори да учествуваш во нив (Изр. 15:23).
8 Треба активно да се сконцентрираш на она што се поучува на состаноците. Понекогаш е потешко да слушаш некој говор отколку да го изнесуваш. Зошто? Нашите мисли можат да заталкаат кога зборува некој друг. Како можеш да се бориш против тоа? Прави забелешки. Запишувај ги важните мисли кои сакаш повторно да ги разгледаш подоцна. Правењето забелешки ќе ти помогне мислите да ти бидат сосредоточени на програмата. Исто така, барај ги стиховите и следи додека ги чита говорникот.
9 Освен тоа, постави си цел да учествуваш во секоја дискусија со прашања и одговори што ќе ја има на состаноците. Ќе извлечеш уште поголема корист ако коментираш со свои зборови. Изреки 15:28 (NW) вели: „Срцето на праведниот медитира како да одговори“.
10 Применувај го она што го учиш: Последниот чекор е да се погрижиш тоа што го учиш ‚да дејствува во тебе‘ (1. Сол. 2:13). Додека ги применуваш убавите мисли што ги учиш од секој состанок, ќе стануваш поблизок со Јехова Бог. Тој ќе ти биде реален, а ти ќе искусиш голема радост и задоволство додека ‚и понатаму одиш во вистината‘, правејќи ја твоја своина (3. Јов. 4, NW).
11 Млади браќа и сестри, додека редовно се подготвувате за состаноците, учествувате во нив и го применувате она што го учите, целосно ќе уживате во состаноците. Во исто време, ќе ја извлечете најголемата можна корист од нив. Вашата вера ќе биде зајакната, како и вашата одлука да му останете верни на вашиот небесен Татко, Јехова (Псал. 144:18).