Сите да му оддаваме чест на Јехова и на неговиот син
Како можат сите кои ќе присуствуваат на Меморијалот на 8 април да имаат поголема корист
1 На кого му се оддава посебна чест денес? На оние чии постигнувања се многу ценети во светот. Меѓутоа, во повеќето случаи, нивните дела наскоро се забораваат. Но, што е со делата кои се од вистинска корист за целото човештво? На најголемото од нив ќе му го посветиме нашето најгрижливо внимание додека ја одбележуваме Господовата вечера, на 8 април 2001, по зајдисонце.
2 Кој е достоен за најголема чест? Библијата го дава одговорот: „Достоен си, Јехова . . . да ја примиш славата и честа и моќта, зашто ти создаде сѐ“ (Откр. 4:11). Како Творец, Јехова е Суверен Владетел на универзумот. Тој секогаш ќе биде достоен да му се оддава чест! (1. Тим. 1:17).
3 Исус Христос, Божјиот син, извршил достојни дела кои ќе му донесат бескрајни благослови на човештвото. Тој совршено го имитирал својот Татко (Јован 5:19). Заради беспрекорната послушност и верната служба тој е ‚достоен да прими моќ и богатство и мудрост и сила и чест и слава и благослов‘ (Откр. 5:12). Неговиот Татко му оддал чест со тоа што го востоличил како Цар (Псал. 2:6—8). А ние ќе имаме прилика да им оддадеме чест и на Таткото и на Синот кога ќе ја одбележуваме Господовата вечера на 8 април 2001.
4 За жал, релативно малку луѓе во човечката историја им ја оддале должната чест на Јехова и на неговиот Син. Понекогаш, дури и Божјиот древен народ, Израелците, му принесувале само минимална служба на Јехова. Тоа било чисто непочитување (Мал. 1:6). Исправната почит бара верна послушност темелена на љубов и ценење за сѐ што направиле за нас Јехова и неговиот Син. Да им оддаваме таква чест и почит значи да покажуваме побожен страв и длабоко почитување, признавајќи ги Јехова и Исус на сите наши патишта. Христијанското собрание настојува да ги поучи и да им помогне на другите да го прават истото.
5 Посебна прилика да се искаже чест: Одбележувањето на Меморијалот е најзначаен собир за Јеховиниот народ секоја година. Треба да присуствува секој кој има желба да служи и да му оддава чест на Јехова (Лука 22:19). Освен оние 6 милиони активни Сведоци, очекуваме и заинтересираните да ја зголемат присутноста на повеќе од 14 милиони. Колку убава прилика да му оддадеме чест на нашиот небесен Татко! Додека одбележувањето се сосредоточува на Исус, честа и почитта што се покажуваат за она што го направил тој го прославуваат Таткото, кој го испратил Исус (Јован 5:23).
6 Што можеме да направиме за да дадеме поддршка на оваа посебна прилика? Можеме да им помогнеме на новозаинтересираните да извлечат потполна корист. Поттикни ги да присуствуваат и, онаму каде што е потребно, љубезно понуди се да им помогнеш да дојдат таму. Објасни ја целта на предавањето. Запознај ги со другите. Она што ќе го видат и чујат може да ги поттикне да побараат да се обединат со нас во оддавањето чест на Јехова.
7 Не потценувај го влијанието на програмата. Еден студент реагирал вака: „Многупати сум бил на причесна во мојата црква, но ова е нешто сосема поинакво. Гледам дека ова е токму онака како што вели Библијата и мислам дека вие ја имате вистината“. Почнал редовно да присуствува на состаноците и наскоро се крстил.
8 Помогни им на новите да напредуваат: Забележи ги новите кои ќе присуствуваат на Меморијалот и појди кај нив што поскоро за да ги разгледате освежувачките работи што ги научиле и забележале. Кажи им и за другите состаноци, на кои можат да го зголемат своето библиско спознание. Разгледувањето на 17. поглавје од книгата Спознание, „Најди сигурност меѓу Божјиот народ“, ќе им го покаже обемот на духовни подготовки што ги нуди собранието и кои им стојат на располагање. Договори се да ја гледате видео касетата Our Whole Association of Brothers (Целата наша заедница од браќа) за да можат со свои очи да го видат единството, радоста и ревноста на Јеховиниот народ!
9 Важно е заинтересираните да научат како можат тие лично да му искажат чест и почит на Јехова. Објасни им дека молитвата од срце му е угодна на Јехова и дека таа е постојан извор на духовно освежување (1. Јов. 5:14). Користејќи ги лекциите 8 до 12 од брошурата Бара, објасни кое однесување му оддава чест на Јехова. Дискутирајќи за она што е наведено во брошурата Јеховини сведоци, страници 30 и 31, охрабри ги новите да размислат за можноста да му оддаваат чест на Јехова со тоа што лично ќе учествуваат во проповедничкото дело.
10 Ценењето за Исусовата жртва и за нашата предност да служиме како негови ученици му оддава чест на Таткото и им носи благослови на другите. Исус ветил: „Ако некој сака да ми служи, Таткото ќе му искаже чест“ (Јован 12:26).