Развивај ја својата моќ за согледување
1 Овие мачни последни денови во кои живееме ние му донеле на Божјиот народ насекаде поголеми притисоци и најразлични тешки испити (2. Тим. 3:1—5). На сите ни е потребно охрабрување за да останеме цврсти во верата (1. Кор. 16:13). Тоа можеме да го постигнеме со Јеховина помош додека продолжуваме редовно да се храниме од неговата Реч, да се потпираме на неговиот дух и тесно да се држиме за неговата организација (Псал. 37:28; Рим. 8:38, 39; Откр. 2:10).
2 Со добра причина, во програмата на минатогодишниот Ден на специјален собир беше разработена темата „Станете возрасни во способностите за разбирање“. Се темелеше на 1. Коринќаните 14:20, каде што ги читаме зборовите на апостол Павле: „Браќа, не станувајте деца во способностите за разбирање, туку бидете бебиња во поглед на злото; а станете потполно возрасни во способностите за разбирање“. Што мислеше ти за програмата?
3 „Колкаво охрабрување!“ „Ова е токму тоа што ми требаше!“ Ова се само некои одговори. Дури и еден човек што не е Сведок и дошол на Денот на специјален собир за да го гледа крштавањето на својата 12-годишна ќерка, рекол дека е импресиониран од програмата и дека видел колку ќе биде корисна за неговото семејство. Дали и ти мислиш така? Да се потсетиме на некои врвни точки од програмата.
4 Потребно е точно спознание за да се развие моќта за согледување: Во уводниот говор, „Сега развиј ги своите способности за разбирање“, што нагласи говорникот, што е потребно за да се справиме со денешните проблеми? Нешто повеќе од интелектуална способност. Мораме да ја развиеме и да ја продлабочиме нашата способност да ја разбереме Библијата за да не бидеме совладани од сето зло на кое сме изложени. За да го разбереме тоа, потребно ни е водство од Бог. Како псалмистот, мораме во молитва да бараме од Јехова да ни помогне да ги разбереме неговите закони и потсетувања за да можеме да му служиме со сето срце (Псал. 119:1, 2, 34).
5 Во следниот дел, покраинскиот надгледник покажа дека Јехова, преку својата Реч и организација, ни дава „Помош за да се стане возрасен во библиското разбирање“. Разбирањето беше дефинирано како „способност да се проникне во некоја работа и да се распознае нејзиниот состав така што ќе се разбере поврзаноста меѓу нејзините делови и целината, и на тој начин ќе се сфати нејзината смисла“. Кој може да ни помогне да ја развиеме оваа способност? Јехова ни дал дарови во облик на луѓе за да ни помогне духовно да напредуваме (Ефеш. 4:11, 12). Неговата земна организација нѐ поттикнува секојдневно да ја читаме Божјата реч и редовно да присуствуваме на сите собраниски состаноци (Псал. 1:2). Поучени сме како да ја користиме Библијата и нашите христијански публикации во личната и во семејната студија, како и во подготовката за состаноците и службата на теренот. Дали ги користиш сите овие подготовки? Дали се придржуваш за програма на редовно, лично читање на Библијата? Ова е неопходно за да бидеме заштитени од тоа да станеме плен на световните трендови, мода, филозофии и измамнички влијанија (Кол. 2:6—8).
6 Нашата моќ за согледување мора да биде обучена: Во својот прв говор, со наслов „Чувај ја духовноста обучувајќи ја својата моќ за согледување“, гостувачкиот говорник објасни дека луѓето во светот не можат да разликуваат исправно од неисправно (Иса. 5:20, 21). Причина за ова е тоа што одбиваат да ги признаат и да се држат за Божјите праведни мерила. За разлика од тоа, ние што сме добиле духовна обука во Јеховината организација ги признаваме Божјите мерила, кои служат да ги водат нашите активности и однесување. Затоа, ние сме во положба да се увериме што е добро и прифатливо во Јеховините очи и што е во склад со неговата совршена волја (Рим. 12:2).
7 За да ги избегнеме збрканото размислување на светот и лошите плодови што произлегуваат од него, мораме постојано да ја обучуваме својата моќ за согледување. Како се постигнува тоа? Како што е запишано во Евреите 5:12—14, апостол Павле ја нагласил потребата да не се храниме само од ‚млекото‘ на речта. Потребна ни е цврста духовна храна, каква што добиваме кога го проучуваме пророштвото на Исаија на Собраниската студија на книга. Потоа мораме спремно да го примениме во животот она што го учиме. Кога го правиме тоа, се уверуваме во праведноста на Јеховините начела и мерила. Така ја обучуваме својата моќ за согледување јасно да разликуваме исправно и неисправно.
8 За жал, некои се спрепнале во духовен поглед. Зошто? Затоа што не го сосредоточиле своето внимание на она што е добро и исправно во Јеховини очи. Како резултат на тоа, станале жртви на радио и телевизиски контактни емисии со содржина на која може да ѝ се даде библиски приговор, понижувачка музика или лошо влијание на компјутерските „чет“ линии. Ако постапуваме мудро, ќе избегнеме да ни влијаат неморалните, глупави или злобни луѓе (Посл. 13:20; Гал. 5:7; 1. Тим. 6:20, 21).
9 Младите мора да бидат „бебиња во поглед на злото“: Програмата имаше два дела што конкретно ги охрабрија младите да ја развијат својата моќ за согледување. Говорниците покажаа дека да бидеме „бебиња во поглед на злото“ значи да останеме неискусни, односно невини како бебиња во поглед на работите што се нечисти во очите на Јехова (1. Кор. 14:20). Сите бевме охрабрени строго да пазиме како го користиме нашето време за да не се изложиме на каков и да било вид злоба и да избегнеме таа да нѐ зарази (Ефеш. 5:15—17). Бевме охрабрени да пресметаме колку време трошиме читајќи материјал што не придонесува директно за нашиот раст во разбирањето на духовните работи. Дали го направи тоа? Што открија резултатите? Освен тоа што секојдневно ќе ја читаш Библијата, биди одлучен да држиш чекор со материјалот за читање што го обезбедува организацијата. Ова ќе ни помогне на сите нас, вклучувајќи ги и младите, да ‚стекнуваме разбирање‘ (Посл. 4:7—9, NW).
10 „Извлечи корист од применувањето на библиските начела со разбирање“: Така гласеше темата на заклучниот говор на програмата на Денот на специјален собир. Гостувачкиот говорник објасни дека Јехова е Изворот на животодајно разбирање, кое е бескрајно супериорно во однос на она што го има целото човештво. Само замисли си како би било да имаш прилика да го користиш Јеховиното разбирање! Тој великодушно им го дава на оние што искрено го бараат и со вера молат за него (Посл. 2:3—5, 9; 28:5). Дали потполно ја користиш неговата понуда?
11 Бевме охрабрени да научиме да ги препознаеме начелата додека ја читаме Библијата (2. Тим. 3:16, 17). Внимателно проучи ги за да имаш точно разбирање за она што го вели Јехова. Одвој си време да медитираш за овие начела и врежи ги во мислите и во срцето. Така ќе ја обучиш својата моќ за согледување за да бидеш успешен кога ќе донесуваш одлуки во животот (Ис. Нав. 1:8). Да разгледаме неколку ситуации со кои се соочуваат мнозина и да видиме како примената на библиските начела може да ни помогне да бидеме успешни.
12 ‚Дали да прифатам извесен стил на облека и дотерување?‘ Светските помодни трендови во облекувањето и дотерувањето честопати одразуваат дух на бунтовност. Таквиот дух влијае врз луѓето да се облекуваат немарно и невкусно или да ја истакнуваат својата сексуалност. Кои битни библиски начела ќе ни помогнат да дејствуваме против овие тенденции? Ако сме ја обучиле нашата способност за разбирање, ќе го земеме предвид начелото што се наоѓа во 1. Тимотеј 2:9, 10, да се облекуваме „со скромност и здрави мисли . . . онака како што им прилега на [луѓе] кои тврдат дека длабоко го почитуваат Бог“. Други начела што можат да се применат се оние што се спомнати во 2. Коринќаните 6:3 и Колошаните 3:18, 20.
13 ‚Што да направам за да задржам цврсти семејни врски?‘ Од пресудна важност е добрата комуникација меѓу членовите на семејството. Јаков 1:19 ни кажува: „Секој човек мора да биде брз на слушање, бавен на зборување, бавен на гнев“. Членовите на семејството треба да слушаат и да разговараат затоа што семејната комуникација е двонасочна улица. Дури и кога она што го велиме е вистина, ако го кажеме грубо, гордо или бесчувствително, веројатно ќе направи повеќе штета отколку добро. Затоа, сеедно дали си сопруг или сопруга, родител или дете, твојот говор треба „секогаш да биде љубезен, зачинет со сол“ (Кол. 4:6).
14 ‚Дали материјализмот влијае врз мене?‘ Материјализмот е световен притисок што го комплицира нашиот живот. Тој не ја отвора вратата кон среќата (Проп. 5:10; Лука 12:15; 1. Тим. 6:9, 10). За да ни помогне да ја избегнеме замката на материјализмот, Исус нѐ поучил за ова важно начело: Задржи едноставно око. Урамнотежениот, не толку комплициран живот значи да ги фокусираме очите врз интересите на Царството, а сѐ друго да ни биде споредно (Мат. 6:22, 23, 33).
15 Каква треба да биде нашата цел: Во Божјата реч имаме сигурен извор на праведни начела што ќе нѐ водат во донесувањето одлуки. Треба да ги научиме овие начела, да медитираме за нив и да разбереме како да ги примениме во животот. Со такво ‚вежбање на моќта за согледување да разликува исправно и неисправно‘, ќе извлечеме корист ние лично и ќе му оддадеме чест на Јехова (Евр. 5:14).