Благослови од покажувањето ценење за Јеховината љубов — 1 дел
1 Апостол Јован напишал: „Што се однесува до нас, ние љубиме, бидејќи [Јехова] првин нѐ љубеше нас“ (1. Јов. 4:19). Кога ќе помислиме на сѐ што Јехова направил за нас, мотивирани сме за возврат да му го покажеме нашето длабоко ценење. Исус дал пример во тоа послушно сведочејќи за Божјето име и Царство (Јован 14:31). Би било добро да разгледаме некои начини на кои можеме да го покажеме нашето ценење за Јеховината љубов и благословите што произлегуваат од тоа.
2 Одејќи од куќа до куќа: Исус ги поучил своите ученици како да го извршуваат делото на проповедање за Царството. Неговите упатства јасно покажуваат дека тие оделе од куќа до куќа, ширејќи ја добрата вест (Лука 9:1—6; 10:1—7). Потребно е да имаме љубов кон Бог и кон ближниот за да продолжиме да одиме од врата до врата кога наидуваме на апатија и противење. Меѓутоа, додека го правиме тоа, ние лично извлекуваме корист затоа што нашата вера станува поцврста, нашето уверување станува посилно и нашата надеж е посветла.
3 Работејќи под ангелско водство имаме најдено мнозина што гладуваат и жедуваат по вистината (Откр. 14:6). Има станари што рекле дека се молеле за помош кога некој Сведок дошол на нивната врата. Две жени Сведоци и едно мало дете оделе од куќа до куќа на еден карипски остров. Кога возрасните одлучиле да завршат за тој ден, детето продолжило само до следната врата и затропало. Вратата ја отворила некоја млада госпоѓа. Кога возрасните го виделе тоа, ѝ пристапиле и разговарале со неа. Таа ги поканила и објаснила дека штотуку го молела Бог да ги испрати Сведоците да ја поучат за Библијата!
4 Сведочејќи на улиците: Бидејќи на некои подрачја е многу тешко да се најдат луѓето дома, сведочењето на улица е делотворен начин да им се сведочи на луѓето. Освен тоа, многу луѓе живеат во комплекси со безбедносни капии или во згради со високо обезбедување, каде што не можеме да одиме од врата до врата. Меѓутоа, нашето ценење за Јеховината љубов нѐ тера да го искористиме секое можно средство за да дојдеме до луѓето со пораката за Царството, вклучувајќи го и сведочењето на улица (Посл. 1:20, 21).
5 Правејќи повторни посети: Бидејќи ги бараме оние што се „свесни за своите духовни потреби“, сакаме да направиме сѐ што можеме за да им ги задоволиме тие потреби (Мат. 5:3). Ова бара да се вратиме за да го полееме семето на вистината што сме го посадиле (1. Кор. 3:6—8). Една сестра од Австралија ѝ дала трактат на некоја жена што навидум не покажувала голем интерес. Меѓутоа, сестрата постојано се обидувала да ја најде дома. Кога конечно стапила во контакт со неа, нашата сестра открила дека по првата посета, жената си купила скапа Библија. Сестрата започнала студија со неа!
6 Водејќи библиски студии: Ова може да биде најрадосната и најнаградувачка гранка од нашата служба. Колкав само благослов е да им се помогне на луѓето да учат за Јехова, да гледаме како прават промени во животот за да му угодат и потоа да бидеме сведоци на нивното христијанско крштавање како симбол на нивното предание на Бог! (1. Сол. 2:20; 3. Јов. 4).
7 Во следното издание ќе разгледаме уште некои начини на кои сме благословени затоа што покажуваме ценење за Јеховината љубов.