Зголеми ја радоста во проповедањето
1 Радост од споделувањето на добрата вест — дали ја доживуваш во твојата служба? Ако не внимаваме, злобниот свет околу нас би можел да нѐ направи плашливи во врска со проповедањето, а тоа може да биде причина да ја изгубиме радоста. Работата на рамнодушно подрачје може исто така да нѐ обесхрабри. Кои практични чекори можеме да ги преземеме за да ја зголемиме радоста во проповедањето?
2 Биди позитивен: Задржувањето позитивен став навистина помага. Еден начин да го сториме тоа е да медитираме за нашата голема предност да бидеме „Божји соработници“ (1. Кор. 3:9). И Исус е со нас кога го извршуваме ова дело (Мат. 28:20). Тој нѐ поддржува со цела војска ангели (Мат. 13:41, 49). Затоа, можеме да бидеме уверени дека нашите напори се водени од Бог (Откр. 14:6, 7). Според тоа, без оглед на тоа како ќе реагираат на нашето дело некои луѓе, небесните суштества реагираат со голема радост!
3 Добро подготвувај се: И добрата подготовка ни ја зголемува радоста. Подготовката за служба не мора да бара многу работа. Потребни се само неколку минути да разгледаме некоја мисла за разговор од тековните списанија или од понудата на литература за тој месец. Избери презентација од „Што да речеш за списанијата“ во Наша служба за Царството. Погледни го додатокот од јануари 2002, „Предложени презентации за служба на теренот“ или погледни во книгата Расправљање за да најдеш делотворен увод. Ако ти претставува пречка некој приговор што обично го покренуваат станарите, подготви одговор за нивниот коментар и насочи го вниманието кон некоја интересна тема. Книгата Расправљање е многу корисна во тоа. Користењето на овие помагала ќе ни ја даде довербата што ни е потребна за да проповедаме со радост.
4 Моли се искрено: Молитвата е неопходна за да имаме трајна радост. Бидејќи го извршуваме Јеховиното дело, треба да го молиме за неговиот дух, а еден од плодовите на духот е радоста (Гал. 5:22). Јехова ќе ни даде сила да продолжиме да проповедаме (Фил. 4:13). Молитвите во врска со нашата служба можат да ни помогнат да задржиме исправен став кога доживуваме непријатни искуства (Дела 13:52; 1. Пет. 4:13, 14). Ако сме заплашени, молитвата може да ни помогне да истраеме смело и со радост (Дела 4:31).
5 Создавај прилики: Се разбира, нашата служба е порадосна кога можеме да најдеме луѓе и да им сведочиме. Ако го промениш распоредот да одиш од куќа до куќа во друг термин, на пример доцна попладне или рано навечер, можеби ќе имаш поголем успех. Сретнуваш луѓе секогаш кога излегуваш на улица, кога одиш во продавница, кога се возиш во автобус или кога се шеташ во парк. Зошто не подготвиш краток увод за разговор за да преземеш иницијатива да им пристапиш на оние што изгледаат пријателски настроени? Или можеби работиш на световно работно место или одиш на училиште, каде што секојдневно разговараш со други. Можеби ќе имаш прилика да дадеш сведоштво едноставно отворајќи некоја библиска тема што побудува интерес. Добри предлози има на првата страница од додатокот во Наша служба за Царството од јануари 2002. Секој ваков напор може многу да ја зголеми радоста во проповедањето.
6 Бидејќи радоста ни помага да истраеме, колку само е неопходно да ја задржиме! Правејќи го тоа, ќе добиеме голема награда кога ова неповторливо дело ќе биде завршено. Самиот таков изглед може да ја зголеми нашата радост во проповедањето (Мат. 25:21).