Спомнувај си за постарите верни лица
1 И покрај тоа што била вдовица и во поодмината старост, 84-годишната Ана ‚никогаш не изостанувала од храмот‘. Нејзината вера го поттикнала Јехова да ја награди со посебен благослов (Лука 2:36—38). Денес, многу браќа и сестри покажуваат дух како оној на Ана и покрај тоа што се соочуваат со тешки околности. Кога поради старост мораат да се борат со здравствени проблеми или ограничувања, понекогаш таквите верни лица можат да се чувствуваат обесхрабрени. Да разгледаме некои практични начини на кои можеме да ги охрабриме и да им помогнеме да задржат добра духовна рутина.
2 Состаноци и служба: Кога другите љубезно се нудат да организираат превоз, на многу постари верни лица им е полесно редовно да присуствуваат на христијанските состаноци. Ова духовно ги изградува овие верни, долгогодишни слуги, а му користи и на собранието. Си имал ли некогаш удел во тоа прекрасно дело? (Евр. 13:16).
3 Редовното учество во службата им донесува радост и задоволство на вистинските христијани. Но, тоа може да биде предизвик за постарите и за болните. Може ли некое од овие драги лица да те придружува како „соработник“ во некоја гранка на делото на сведочење? (Рим. 16:3, 9, 21). Можеби можеш да го поканиш него или неа да учествува кога сведочиш по телефон или да оди со тебе на повторна посета или на библиска студија. Ако постарото лице е врзано за дома, може ли библискиот студент да дојде во неговиот дом за да проучувате?
4 Проучување и дружење: Одвреме навреме, некои семејства покануваат некое постаро или болно лице да присуствува на нивната семејна студија, па дури и студијата да се одржи во неговиот дом. За нивната студија една мајка ги однела своите две деца кај една постара сестра да ја проучуваат Моја книга со библиски приказни, и сите биле охрабрени од дружењето. Таквите поединци, исто така, уживаат кога се поканети на ручек или на некоја друга друштвена прилика. Ако болните се премногу слаби за подолга посета, можеби можеш да се јавиш или да наминеш на кратко за да им читаш, да се молиш со нив, или да споделиш некое изградувачко искуство (Рим. 1:11, 12).
5 Јехова ги цени постарите верни лица (Евр. 6:10, 11). И ние можеме да го имитираме така што ќе покажеме дека и ние ги цениме и ќе им помогнеме да задржат добра духовна рутина.