Да живееме во склад со нашето предание
1 Сеедно дали си се крстил неодамна или пред неколку децении, веројатно се сеќаваш на тој важен настан во твојот живот. Нашето крштавање не е крај туку, напротив, почеток на еден живот на предадена служба што може да трае засекогаш (1. Јов. 2:17). Што е вклучено во тоа да се живее во склад со нашето предание?
2 Следи го примерот на Христос: Откако се крстил, Исус ‚почнал со своето дело‘, објавувањето на „добрата вест за Божјето царство“ (Лука 3:23; 4:43). На сличен начин, откако сме го симболизирале нашето предание на Јехова со крштавање, сме станале ординирани министри на добрата вест. Иако можеби е потребно многу време и напор за да се задоволат животните потреби, нашиот позив, или нашата главна работа, е христијанската служба (Мат. 6:33). Наместо да се стремат да стекнат богатство или углед, оние што му се предадени на Бог сакаат да ја ‚слават својата служба‘, како што правел и апостол Павле (Рим. 11:13). Ја цениш ли својата предност да му служиш на Јехова и даваш ли сѐ од себе за да ја извршуваш?
3 Како и во случајот на Исус, мораме да му се ‚спротивставиме на Ѓаволот‘ (Јак. 4:7). Сатана го искушал Исус веднаш откако се крстил, и на сличен начин предадените слуги на Јехова се негова мета денес (Лука 4:1—13). Затоа што сме опкружени со светот на Сатана, мораме да практикуваме самодисциплина, избегнувајќи сѐ што би можело да го загади нашиот ум или да ни го расипе срцето (Посл. 4:23; Мат. 5:29, 30). На христијаните им е даден совет дека ‚не можат да учествуваат на „трпезата на Јехова“ и на трпезата на демоните‘ (1. Кор. 10:21). Ова бара од нас да се чуваме од нездрава забава, лошо друштво и од опасностите на Интернет. Исто така, бара да избегнуваме отпаднички материјали. Тоа што ќе бидеме свесни за овие и за други тактики на Сатана ќе ни помогне да ја прославиме нашата предадена служба за Јехова.
4 Користи ги Божјите подготовки: За да ни помогне да живееме во склад со нашето предание, Јехова ни дава помош преку својата Реч и преку христијанското собрание. Направи го читањето на Библијата и молитвата до Јехова дел од твојата секојдневна рутина (Ис. Нав. 1:8; 1. Сол. 5:17). Уживај во христијанските состаноци (Псал. 122:1). Дружи се со оние што се плашат од Јехова и што ги држат неговите заповеди (Псал. 119:63).
5 Со поддршка од Бог, можеш да живееш во склад со твоето предание и да ја имаш радоста да му служиш засекогаш (Псал. 22:26, 27; Фил. 4:13).