Како треба да им сведочиме на роднините?
1. Зошто е потребна проникливост кога им сведочиме на роднини?
1 Дали би постоела поголема радост од таа да влеземе во новиот свет заедно со нашите блиски, обединети во обожавањето на Јехова! Овој радосен изглед може да стане стварност ако им сведочиме на нашите роднини. Меѓутоа, за да го правиме ова на пријатен начин, потребна е проникливост. Еден покраински надгледник забележал: „Најдобри резултати постигнуваат оние што со умереност им сведочат на своите роднини и на таков начин ја побудуваат нивната љубопитност“. Како да го правиме ова?
2. На кој начин може искрениот интерес за нашите роднини да ни помогне да ја побудиме нивната љубопитност?
2 Побуди љубопитност кај нив: Внимателно размисли однапред како би можел да го поттикнеш интересот кај твоите роднини (Посл. 15:28). Кои се нивните грижи? Со какви проблеми се соочуваат? Обиди се да споделиш некоја статија или да им споменеш некој привлечен стих во врска со некоја тема која им е посебно интересна. Ако твоите роднини не живеат во близина, ова можеш да го сториш со писмо или по телефон. Без да ги опсипуваш со информации, сеј го семето на вистината и барај водство од Јехова за да направи тоа семе да порасне (1. Кор. 3:6).
3. Како би можел интересот што нашите роднини го покажуваат за нас да ни го отвори патот за сведочење?
3 Исус вака го поучил човекот од кого имал истерано многу демони: „Оди си дома кај роднините, и јави им сѐ што стори Јехова за тебе и за милоста што ти ја покажа“ (Мар. 5:19). Замисли си каков впечаток мора да оставило ова врз неговите роднини! Иако ти можеби не доживуваш нешто што е толку драматично, твоите роднини веројатно се заинтересирани за она со кое се занимавате ти и твоите деца. Ако споменеш некој говор што си го имал во Теократската школа за служба, некој конгрес на кој си присуствувал, посетата во Бетелот или некој важен настан што тебе лично ти бил важен, тоа би можело да ти го отвори патот да им кажеш уште нешто за Јехова и за неговата организација.
4. Кои стапици треба да ги избегнуваме кога им сведочиме на роднините?
4 Биди прониклив: Кога им сведочиш на роднините, избегнувај да им кажуваш премногу наеднаш. Сеќавајќи се на времето кога почнал да ја проучува Библијата, еден брат признава: „Тогаш со часови ја опсипував мајка ми со објаснувања речиси за сѐ што имав научено од Библијата, и тоа честопати водеше до расправии, особено со татко ми“. Дури и кога некој роднина ќе покаже интерес за библиската порака, одговори му на таков начин што ќе посака да дознае уште повеќе (Посл. 25:7). Секогаш покажувај почит, биди учтив и стрплив, исто како да зборуваш со непознати лица во службата (Кол. 4:6).
5. Што би требало да правиме ако роднините не реагираат поволно кога им сведочиме?
5 Еднаш, роднините на Исус помислиле дека тој се мрднал од умот (Мар. 3:21). Но, подоцна некои од нив станале верници (Дела 1:14). Не откажувај се ако твоите роднини во почетокот не покажале некој посебен интерес за твоите обиди да им ја пренесеш вистината. Околностите и ставовите може да се сменат. Продолжи да бараш други можности за да им кажеш некоја мисла која би можела да ја побуди нивната љубопитност. Можеби ќе ја имаш радоста да им помогнеш да тргнат по патот кон вечен живот (Мат. 7:13, 14).