Семеен распоред за собраниските состаноци
1 Ако си родител и христијанин, сигурно имаш желба твоите деца да растат служејќи му на Јехова со љубов и, на крајот, да добијат вечен живот во новиот свет што го ветил Бог. Како можеш да им помогнеш да го стават обожавањето на Јехова на прво место во нивниот живот? Главно со твојот пример (Посл. 20:7). Сеќавајќи се на примерот на нејзината мајка, која била Сведок, една сестра рекла: „Никогаш не се прашувавме дали ќе одиме или нема да одиме на состанок“. Ова ѝ оставило траен впечаток.
2 Дали твоето семејство ја разбира целта на собраниските состаноци? Поуката што ја добиваме на овие собири нѐ зајакнува да продолжиме да ја вршиме Божјата волја, а дружењето во кое уживаме со нашите браќа е скапоцен извор на охрабрување (Иса. 54:13; Рим. 1:11, 12). Меѓутоа, најважната цел на тие состаноци е да го славиме Јехова „во собранијата“ (Пс. 26:12). На христијанските состаноци имаме прилики да ја покажеме нашата љубов кон Јехова и да го обожаваме.
3 „Строго пазете“: Ако ја разбереме светата цел на нашите состаноци, ќе бидеме поттикнати ‚строго да пазиме‘ постепено да не развиеме навика да пропуштаме состаноци поради помалку важни работи (Ефеш. 5:15, 16; Евр. 10:24, 25). Кога ќе го правиш семејниот распоред, прво можеш да ги означиш термините за собраниските состаноци. Потоа внимавај да не дозволиш други активности да ти се помешаат со нив. Погрижи се присуството на состаноците да биде една од најглавните активности на твоето семејство.
4 Зарем не сме трогнати кога читаме за наши браќа кои надминале препреки за да присуствуваат на состаноците и собирите? Иако твоите околности можеби не се толку посебни, веројатно и ти се соочуваш со предизвици. Сатана се повеќе и повеќе му отежнува на Божјиот народ да го обожава Јехова. Сепак, биди уверен дека твоите деца сигурно ќе ги забележат одлучните напори што ги вложувате како семејство за да присуствувате на собраниските состаноци. Навистина, ако правиш така, можеш да им дадеш еден духовен подарок кој никогаш нема да го заборават.