Семеен распоред за проучување со семејството
1 Најголемиот подарок што ти како христијански родител можеш да им го дадеш на твоите деца е твојата љубов кон Јехова. Најдобро време да го направиш тоа е „кога седиш дома во својата куќа“ за да ја проучувате Библијата како семејство (Втор. 6:5-7). Ако го правиш тоа редовно, тогаш можеш да им помогнеш на твоите деца да ти се приближат тебе и на Јехова, без оглед на тоа дали имаш сопружник што е верник, живееш во религиозно разделен дом или си самохран родител.
2 Како да се започне: Првиот чекор е да воспоставите редовна навика да проучувате како семејство. Ако не си сигурен кога да проучувате, тогаш зошто не разговарате за тоа како семејство? (Посл. 15:22). Ако имаш мали деца, можеби ќе се одлучиш тоа да биде неколку пати во седмицата, но пократко. Одреди што одговара најмногу за твоето семејство. Во твојот семеен распоред одреди конкретно време за проучување и биди одлучен да се држиш за него.
3 Што би можеле да проучувате? Некои ја подготвуваат лекцијата што ќе биде разгледана на следната Собраниска студија на книга или на студијата на Стражарска кула. Други, пак, проучуваат материјал што е посебно направен за младите. Еден татко на млад син и ќерка рекол: „ Поради тоа што глумиме сцени од Моја книга со библиски приказни, нашето проучување е најинтересниот настан за децата во седмицата. Многу поважно е колку длабоко ќе влијае тоа на нив и колку ќе разберат, отколку бројот на пасусите што ќе ги поминеме“.
4 Проучувајте секоја седмица: Проучувањето со семејството треба да биде редовно и сите членови треба да го исчекуваат со радост. Понекогаш може да ги приспособите денот и часот за да се справите со неочекувани ситуации. Исто така, понекогаш ќе биде потребно да се смени и темата. Но секоја неопходна промена не треба да предизвика подолго да се оддалечите од воспоставениот распоред за проучување со семејството. Во едно семејство, ќерката коментирала: „Доколку времето на проучување мора да се промени, тато секогаш го става новиот термин на вратата од фрижидерот, така што сите знаеме кога ќе биде“. Навистина е за пофалба кога се прават напори редовно да се проучува со семејството! Додека продолжуваш да ги подигаш своите деца „во дисциплина и во Јеховино умствено насочување“, ти ја покажуваш својата љубов и кон нив и кон нашиот небесен Татко (Ефеш. 6:4).