Покажи искрен интерес — со тоа што ќе прашуваш и ќе слушаш
1 Повеќето луѓе сакаат да ги изразат своите гледишта, но не сакаат некој да им држи лекции или да ги испрашува. Затоа, како христијански слуги, треба да ја научиме уметноста да им овозможиме на луѓето да си го кажат своето мислење (Посл. 20:5).
2 Нашите прашања треба да поттикнуваат — не да застрашуваат. Додека проповеда од куќа до куќа, еден брат прашува: „Што мислите, дали ќе дојде време кога сите луѓе ќе постапуваат меѓусебно со достоинство и со почит?“ Во зависност од одговорот, тој продолжува: „Што мислите, што е потребно за да се постигне тоа?“ или: „Зошто така мислите?“ Додека сведочи неформално и на јавни места, друг брат ги прашува оние кои се родители: „Што најмногу ви се допаѓа во улогата на родител?“ Потоа прашува: „Што најмногу ве загрижува?“ Забележи дека овие прашања им овозможуваат на луѓето да си го кажат своето мислење без да се чувствуваат непријатно. Затоа што околностите се различни, можеби ќе треба да ги приспособиме темата и начинот на кој го поставуваме прашањето, за да одговараат на нашето подрачје.
3 Помогни им на другите да се искажат: Ако луѓето се спремни да ти го кажат своето мислење, стрпливо слушај ги без непотребно да ги прекинуваш (Јак. 1:19). Љубезно прифати го нивното мислење (Кол. 4:6). Би можел да кажеш: „Интересно! Ви благодарам што ми го кажавте тоа“. Ако е можно, искрено пофали ги. Љубезно постави им дополнителни прашања за да дознаеш што мислат и зошто мислат така. Барај заеднички темел. Кога ќе сакаш да им го насочиш вниманието кон некој стих, би можел да кажеш: „Дали некогаш сте помислиле дека е можно ова?“ Немој да бидеш догматичен или да се расправаш (2. Тим. 2:24, 25).
4 Начинот на кој ги слушаме другите може многу да влијае врз тоа како тие ќе одговорат на нашите прашања. Луѓето можат да проценат дали ние искрено ги слушаме. Еден патувачки надгледник рекол: „Кога си спремен стрпливо да ги слушаш луѓето, тоа има зачудувачка моќ да го привлече вниманието и е прекрасен израз на срдечен личен интерес“. Ако ги слушаме луѓето, тогаш покажуваме дека ги почитуваме и тоа може да ги поттикне да ја слушаат добрата вест што сакаме да им ја пренесеме (Рим. 12:10).