Поучувај ги кротките да одат по Божјиот пат
1. Што треба да правиме кога ги поучуваме луѓето?
1 За Христовите ученици од првиот век се велело дека припаѓаат на „Патот“ (Дела 9:2). Ако некој сака да биде вистински христијанин, тоа треба да се види во секој аспект од неговиот живот (Посл. 3:5, 6). Затоа, кога ја проучуваме Библијата со луѓето, не е доволно само да ги поучуваме за библиските учења. Мораме да им помагаме и да одат по Јеховиниот пат (Пс. 25:8, 9).
2. Што може да го поттикне лицето со кое проучуваме да ги држи Божјите заповеди?
2 Љубов кон Јехова и кон Исус: Колку само е тешко несовршените луѓе да ги доведат своите размислувања, ставови, говор и однесување во склад со Божјата волја! (Рим. 7:21-23; Ефеш. 4:22-24). Меѓутоа, љубовта кон Бог и кон неговиот Син ги поттикнува кротките лица да се зафатат со оваа тешка задача (Јован 14:15; 1. Јов. 5:3). Како можеме да им помогнеме на оние со кои ја проучуваме Библијата да развијат ваква љубов?
3. Како можеме да им помогнеме на лицата со кои проучуваме да развијат љубов кон Јехова и кон Исус?
3 Помогни му на лицето со кое проучуваш да дознае каков е Јехова како личност. Еден брат објаснил: „Луѓето не можат да сакаат некого што не го познаваат, па затоа уште од самиот почеток на студијата им го покажувам Божјето име од Библијата и се трудам секогаш да им укажувам на Јеховините особини“. Најдобар начин да го правиш тоа е да го истакнеш Исусовиот пример (Јован 1:14; 14:9). Освен тоа, користи ја и рамката за повторување на крајот од секое поглавје во книгата Што учи Библијата, за да му помогнеш на лицето да размислува за прекрасните особини што ги имаат Бог и неговиот Син.
4. а) Зошто на многу лица со кои проучуваме не им е лесно да проповедаат? б) Како можеме да им помогнеме да ги направат првите чекори во христијанската служба?
4 Поучувај со пример: Додека ги поучуваме другите, со нашите постапки им покажуваме што значи да се оди по Божјиот пат (1. Кор. 11:1). На пример, повеќето од оние со кои ја проучуваме Библијата не се навикнати да им приоѓаат на непознати лица за да им зборуваат за своите верувања. Затоа ќе бидат потребни стрпливост и вештина за да им се помогне да ги стекнат љубовта, верата и храброста што се потребни за да учествуваат во делото на проповедање и правење ученици (2. Кор. 4:13; 1. Сол. 2:2). Ако имаме желба да им помогнеме, тогаш ќе бидеме покрај нив кога ќе ги прават првите чекори во христијанската служба.
5. Како добриот пример им помага на учениците да видат што сѐ е вклучено во држењето на Божјите заповеди?
5 Лицата со кои проучуваш можат да учат од твојот пример и за други важни работи од христијанскиот живот. Кога ги посетуваш болните или срдечно ги поздравуваш другите на собраниските состаноци, тие гледаат како се покажува љубов на дело (Јован 15:12). Кога учествуваш во чистењето на Салата на Царството или на некој начин им помагаш на другите, ти ги поучуваш како да служат (Јован 13:12-15). Кога гледаат дека живееш едноставно, сфаќаат што значи ‚да се бара најнапред царството‘ (Мат. 6:33).
6. Какви се резултатите ако им помагаме на кротките да му служат на Јехова?
6 Потребно е да се вложи многу труд за да се поучат другите за Божјата реч и да станат ученици. Но, колкава само радост е да се види како кротките „одат во вистината“! (3. Јов. 4).