„Среќен е човекот што истрајува во искушението“
1 Сите христијани имаат искушенија (2. Тим. 3:12). Во нив спаѓаат слабото здравје, финансиските проблеми, прогонствата и други работи. Со искушенијата што ни ги поставува Сатана, тој сака да нѐ забави во христијанската служба, да нѐ натера да ја запоставиме, па дури и да престанеме да му служиме на Бог (Јов 1:9-11). Тогаш, зошто можеме да кажеме дека ќе бидеме среќни ако истраеме во искушенијата? (2. Пет. 2:9).
2 Подготви се за искушенија: Јехова ни ја дал својата Реч на вистината, во која пишува за животот на Исус и за неговите поуки. Со тоа што ги слушаме и ги извршуваме Исусовите зборови, положуваме цврст темел и така се подготвуваме за неволјите (Лука 6:47-49). Сила црпиме и од други работи што ни ги дава Јехова — нашето христијанско братство, собраниските состаноци и библиските публикации што ги добиваме од верниот и разборит роб. Освен тоа, во секое време можеме да му се молиме на Бог (Мат. 6:13).
3 Јехова ни дава и надеж. Кога градиме цврста вера во Јеховините ветувања, нашата надеж станува „сигурна и цврста котва за душата“ (Евр. 6:19). Во библиски времиња, бродовите никогаш не испловувале од пристаништето без котва, дури и кога времето било убаво. Ако ненадејно се појавела бура, се фрлала котвата за ветрот да не го однесе бродот во карпите. Слично на тоа, ако сега градиме цврста вера во Божјите ветувања, ќе бидеме стабилни кога ќе се појават неволји. Тешкотиите можат да се појават многу неочекувано. На пример, кога Павле и Варнава проповедале во Листра, жителите од тоа место добро реагирале во почетокот. Но, ситуацијата брзо се сменила кога пристигнале Евреи што се противеле (Дела 14:8-19).
4 Ако истраеш, ќе бидеш среќен: Ако продолжиме да проповедаме и покрај противењето, ќе имаме внатрешен мир. Се радуваме што сме достојни да поднесеме срам поради Христос (Дела 5:40, 41). Кога истрајуваме во искушенијата, уште повеќе ги развиваме особините како што се понизноста, послушноста и истрајноста (5. Мој. 8:16; Евр. 5:8; Јак. 1:2, 3). Исто така, учиме да се потпираме на Јехова, да имаме доверба во неговите ветувања и да бараме заштита од него (Изр. 18:10).
5 Знаеме дека искушенијата се само привремени (2. Кор. 4:17, 18). Тие ни даваат можност да покажеме колку многу го сакаме Јехова. Со тоа што истрајуваме во искушенија, можеме да дадеме одговор на обвинувањата од Сатана. Затоа, да не се откажеме! „Среќен е човекот што истрајува во искушението бидејќи, откако ќе биде искушан, ќе ја прими наградата — животот“ (Јак. 1:12).