Ние ја објавуваме нашата надеж за Царството
1 Во овие особено тешки последни денови, многу луѓе во светот се без надеж (Еф. 2:12). Други, пак, немудро се потпираат на материјалното богатство, на човечките владетели, на современата наука итн. Навистина сме среќни што имаме вистинска надеж за иднината, надеж што е „сигурна и цврста котва за душата“! (Евр. 6:19).
2 Под власта на Божјето Царство, Земјата ќе биде претворена во рај. Ќе воскреснат нашите најблиски што умреле (Дела 24:15). Повеќе нема да има сиромаштија, неправди, болести, старост и смрт (Пс. 9:18; Мат. 12:20, 21; Отк. 21:3, 4). Ова се само некои од Јеховините ветувања што наскоро ќе се исполнат. Кое од нив ти едвај чекаш да се исполни?
3 Објавувај добра вест: Не смееме надежта за Царството да ја чуваме само за себе. Љубовта кон Бог и кон луѓето нѐ поттикнува да се угледаме на Исус и ‚да им објавиме добра вест на сиромасите... да проповедаме ослободување на заробените и враќање на видот на слепите, да ги пуштаме на слобода здробените‘ (Лука 4:18). Апостол Павле ја проповедал добрата вест на плоштадите и секаде каде што имало луѓе. Тој потполно му се посветил на проповедањето (Дела 18:5). Ако се угледаме на неговиот пример и ревносно учествуваме во службата, тогаш „грижите од овој свет [и] примамливото богатство“ нема да ја замаглат нашата христијанска надеж (Мар. 4:19).
4 Нашата надеж за Царството не ослабува кога ќе сретнеме луѓе кои се рамнодушни, кои се многу малку заинтересирани за пораката за Царството или, пак, кои отворено ни се противат. Ние „истрајно и непоколебливо... ја објавуваме нашата надеж“ (Евр. 10:23). ‚Не се срамиме од добрата вест‘ (Рим. 1:16). А со текот на времето, некои можеби ќе бидат поттикнати да нѐ сослушаат кога ќе ја видат нашата цврста увереност и упорност.
5 Иако е на место да ги спомнеме сѐ полошите услови во светот со кои се исполнуваат библиските пророштва, главна задача не ни е да објавуваме мрачна иднина. Напротив, најважно е да ја објавуваме надежта за Царството — добрата вест за Божјето Царство. Затоа, да ја проповедаме оваа добра вест со увереност и со ревност ‚за да бидеме сѐ до крајот потполно сигурни во исполнувањето на нашата надеж‘ (Евр. 6:11).