Живеј со Јеховиниот ден во мислите
1 „Близу е големиот ден на Јехова. Близу е и доаѓа многу брзо“ (Соф. 1:14). Софонија и другите 11 таканаречени Мали пророци живееле со Јеховиниот ден во мислите. Тоа што на Собраниското проучување на книга ќе ги разгледуваме нивните вдахновени списи со помош на книгата Живеј со Јеховиниот ден во мислите ќе ни помогне да се подготвиме за тој страшен ден (Соф. 2:2, 3).
2 Посебни обележја: Книгата Јеховиниот ден не се задржува премногу на симболичното значење ниту, пак, го објаснува секој стих од овие 12 пророчки книги. Наместо тоа, објаснува како можеме да ги примениме поуките од овие вдахновени списи во секојдневниот живот. Нагласува зошто треба во сите наши одлуки и постапки да нѐ води чувството на итност. Содржи и совети за семејниот живот, за односите со соверниците, за нашата служба и за изборот на забава и кариера.
3 Првиот дел од книгата нѐ запознава со 12-те пророци и со нивните списи. Кои биле тие? Какви сличности има меѓу нашето и нивното време? Вториот дел ни го свртува вниманието на Јехова и неговите особини. Што ни кажуваат овие пророци за Јехова и за неговата личност? Третиот дел зборува за нашето однесување и постапките со другите. Што треба да правиме за да го радуваме Бог секој ден? Четвртиот дел објаснува како да живееме радосно додека го очекуваме Јеховиниот ден.
4 Како ќе извлечеш корист: Книгата Јеховиниот ден ќе почнеме да ја проучуваме од седмицата што започнува на 4 август 2008 год. Биди решен да сториш сѐ што е потребно за да извлечеш потполна корист од нејзиното проучување! Планирај да бидеш присутен секоја седмица на Собраниското проучување на книга. Внимателно подготвувај се за секој состанок така што ќе ги прочиташ библиските стихови за да видиш како се поврзани со материјалот. Размислувај за следниве прашања: ‚Како би можел да ги применам овие информации дома, на училиште, на работа, во службата и во постапките со браќата и сестрите во собранието?‘ Подготвувај се да коментираш на овие состаноци за да можеш да ги охрабриш и другите (Рим. 1:12).
5 Сакаме проучувањето на книгата Јеховиниот ден да нѐ подготви сега за да можеме ‚да опстанеме‘ во ‚големиот и многу страшен‘ Јеховин ден. А тој ден навистина е на прагот! (Јоил 2:11).