Поучи ги другите да го сакаат Јехова
1. Зошто некои луѓе се привлечени кон Јехова?
1 Се сеќаваш ли кога за првпат слушна за Јехова? Што те привлече кон него? Многу искрени луѓе велат дека биле привлечени кон Бог откако ги запознале неговите извонредни особини, особено сочувството и љубовта (1. Јов. 4:8).
2, 3. Како би можеле со книгата Што учи Библијата да им помогнеме на интересентите да го засакаат Јехова уште повеќе?
2 „Тоа е нашиот Бог“: Книгата Што учи Библијата ја истакнува Јеховината љубов и нагласува дека секој лично треба да стане близок со него. Како би можеле со оваа книга да им помогнеме на луѓето да го засакаат Бог уште повеќе? Кога со интересентот зборуваме за некоја нова мисла, би можеле да го поттикнеме да размислува со прашања како, на пример: „Што учиме од ова за Јехова?“ или „Како ова што го разгледавме ни покажува дека Јехова е Татко што секој би го посакал?“ Ако го поучуваме интересентот на ваков начин, можеме да му помогнеме да стекне доживотно пријателство со Јехова.
3 Доколку им помагаме на интересентите да разберат колкава чест е да го запознаат единствениот вистински и жив Бог, тогаш, како што прорекол Исаија, тие ќе речат: „Тоа е нашиот Бог“ (Иса. 25:9). Кога им ја објаснуваме Божјата реч, треба да ги нагласиме благословите што ќе ги доживеат луѓето кога Јехова ќе ја исполни својата намера преку Царството на чело со Исус Христос (Иса. 9:6, 7).
4, 5. Како се покажува љубовта кон Јехова?
4 Како се покажува љубовта кон Јехова: Знаеме дека, за да го сакаме Јехова со сето срце, душа и ум, не е доволно само да имаме силни чувства кон него. Мора да го прифатиме и да го усвоиме неговиот начин на размислување (Пс. 97:10). Љубовта кон Јехова ќе ја покажеме ако сме послушни на сите негови заповеди и ако од нашите постапки се гледа дека ‚сме му оддадени на Бог‘ дури и кога се соочуваме со искушенија и противење (2. Пет. 3:11; 2. Јов. 6).
5 Секој што го сака Бог ја врши Неговата волја со задоволство (Пс. 40:8). Луѓето со кои ја проучуваме Библијата треба да сфатат дека сите Божји заповеди се за вечното добро на Неговите слуги (5. Мој. 10:12, 13). Тој што живее во склад со Јеховиното водство, покажува дека длабоко ги цени сите Негови извонредни дела. Помогни му на интересентот да сфати дека, ако оди по Јеховините праведни патишта, ќе се поштеди од многу болки и проблеми.
6. Какви благослови добиваат оние што го сакаат Јехова?
6 Благослови за оние што го сакаат Бог: Јехова е многу заинтересиран за оние што се понизни и што го сакаат, и затоа им ги открива „Божјите длабочини“ (1. Кор. 2:9, 10). Таквото познавање на Јеховините намери им дава јасна слика за иднината и сигурна надеж (Ерем. 29:11). Освен тоа, Јехова покажува посебна милост кон оние што го сакаат (2. Мој. 20:6). Бидејќи и тој многу ги сака, им ја дава и надежта за вечен живот, која тие многу ја ценат (Јован 3:16).
7. Што мислиш за можноста да ги поучуваш другите да го сакаат Јехова?
7 Колку повеќе учиме за нашиот небесен Татко толку повеќе можеме да им кажуваме на другите (Мат. 13:52). Навистина имаме огромна чест да ги поучуваме другите, а особено нашите деца, да го сакаат Јехова! (5. Мој. 6:5-7). Затоа, сите ние, заедно со интересентите, непрестајно да го фалиме Јехова поради неговата голема добрина (Пс. 145:7).