Личното и семејното проучување се многу важни!
1. За што особено се грижи Водечкото тело денес, и зошто?
1 Како што било случај и во првиот век, Водечкото тело прави сѐ што може за да се грижи за благосостојбата на Јеховиниот народ (Дела 15:6, 28). Темните облаци на големата неволја брзо се приближуваат, па затоа е многу важно секој објавител на Царството да има цврсто пријателство со Јехова. Како ќе го користиш времето што претходно беше одредено за Собраниското проучување на книга? Сите сме поттикнати тоа време да го посветиме на Јехова. Ако мудро го користиме ова време, ќе можеме да копаме подлабоко во Божјата вдахновена реч и да црпиме од нејзините води што значат живот (Пс. 1:1-3; Рим. 11:33, 34).
2. Како можеме да ја користиме семејната вечер посветена на Јехова?
2 Семејна вечер посветена на Јехова: Семејните поглавари имаат одговорност пред Јехова редовно и квалитетно да ја проучуваат Библијата со семејството (5. Мој. 6:6, 7). Браќата и сестрите што не се во брак и немаат семејни одговорности ќе можат да го користат ова време за лично проучување на Библијата и за истражување. Многу е важно секој од нас ‚да си откупува време‘ за проучување и длабоко размислување за да останеме духовно јаки во овие ‚зли денови‘ (Еф. 5:15, 16).
3, 4. Што би можеле да проучуваме, и со каква цел?
3 Што може да се проучува: Со помош на Индексот на публикации на Јеховините сведоци или Библиотеката на CD-ROM, можете да најдете информации што ќе ви помогнат да уживате во проучувањето на Библијата. Семејствата можат да користат статии од Стражарска кула, како што се рубриките: „Тајни на семејната среќа“, „Поучете ги своите деца“ и „Катче за младите“. Исто така, во Разбудете се! излегува рубриката „Младите прашуваат“ и многу интересни статии во врска со чудата на создавањето.
4 Ако семејството ја чита заедно Библијата без брзање, сите членови на семејството ќе можат да ги запомнат и да ги применуваат Божјите начела (Евр. 4:12). Понекогаш би можеле да гледате и да дискутирате за некоја од видео-касетите или ДВД-јата од нашата организација. Значи имате голем избор што и како да проучувате. Можете да ги прашате членовите на семејството што би сакале тие да проучуваат.
5. Зошто е толку важно за нас денес личното и семејното проучување на Библијата?
5 Зошто проучувањето е важно во ова време: Ако го зајакнеме нашето пријателство со Јехова, ќе бидеме подготвени да ‚стоиме цврсто и да го гледаме спасението од Јехова‘ (2. Мој. 14:13). На родителите им треба водство од Бог за да ги воспитуваат децата „среде еден расипан и изопачен род“ (Фил. 2:15). На децата им треба помош успешно да се справат со расипаниот морал што денес преовладува во училиштата (Изр. 22:3, 6). Брачните парови треба да си го зајакнат ‚трикратното јаже‘ со Јехова (Проп. 4:12). Затоа, мудро да го користиме времето што преостанува за да се изградуваме врз нашата „најсвета вера“ (Јуда 20).