Да го делиме нашето скапоцено богатство со другите
1 Божјата реч изобилува со скапоцени духовни поуки што ни се многу драги (Пс. 12:6; 119:11, 14). Во една прилика, Исус кажал неколку споредби за да опише различни аспекти на Царството, а потоа ги прашал своите ученици: „Дали го разбравте сето ова?“ Откако му одговориле дека го разбрале, тој им рекол: „Затоа, секој учител, кога е поучен за царството небесно, е како човек, домаќин, кој од својата ризница изнесува ново и старо“ (Мат. 13:1-52).
2 Библиските вистини што ги научивме кога почнавме да проучуваме можеме да ги споредиме со старо богатство. Но, со редовното лично проучување на подлабоките работи од Божјата реч, наоѓаме други библиски вистини кои за нас се како новооткриено богатство (1. Кор. 2:7). Освен тоа, „верниот и разборит роб“ ни помага да ги разбереме новите скапоцени информации (Мат. 24:45).
3 Многу го цениме ова духовно богатство — како новото така и старото. Затоа се трудиме да станеме уште повешти и поискусни како учители на Божјата реч, за да можеме несебично да им ги пренесуваме на другите луѓе скапоцените работи што сме ги научиле.
4 Каков пример дал Исус: Исус покажал колку го цени ова богатство со тоа што многу се трудел да им го пренесува на другите. Тоа го правел дури и кога бил уморен (Јован 4:6-14).
5 Од љубов кон оние што биле во лоша духовна состојба, Исус им ги пренесувал животодавните скапоцени поуки од Бог (Пс. 72:13). Му било жал за духовно гладните и затоа бил поттикнат да ги „поучува за многу работи“ (Мар. 6:34).
6 Следи го примерот на Исус: Ако и ние многу го цениме богатството што го имаме, тогаш, по примерот на Исус, едвај ќе чекаме да им ги покажеме духовните бисери на луѓето, и тоа директно од Библијата (Изр. 2:1-5). Иако понекогаш сме уморни, сепак ќе се трудиме да зборуваме со голем жар за библиските вистини (Мар. 6:34). Длабокото ценење за богатството што го имаме ќе нѐ поттикне да даваме сѐ од себе во службата и секогаш да се трудиме да правиме уште повеќе.