Нашата служба — одраз на нашата љубов кон Бог
1. На што го мотивирала Исус љубовта кон Бог?
1 Љубовта го мотивирала Исус да ја извршува својата служба. Секој аспект од неговата служба е непобитен доказ за неговата љубов кон Јехова. Исус рекол: „Јас правам така како што ми заповеда Таткото, за да знае светот дека го сакам Таткото“ (Јован 14:31). Како следбеници на Исус, и ние ја имаме честа да покажеме со својата служба колку многу го сакаме Бог (Мат. 22:37; Еф. 5:1, 2).
2. Како влијае љубовта кон Јехова врз нашата служба?
2 „Да се свети името твое“: Кога ревносно ја користиме секоја прилика за да зборуваме со другите за Јехова и за неговото Царство, ние ја покажуваме нашата љубов кон Бог и со тоа придонесуваме да се свети неговото име (Пс. 83:18; Езек. 36:23; Мат. 6:9). Како што било случај со службата на Исус, и ние со нашата служба постојано покажуваме дека искрено сакаме да се свети Јеховиното име и да се врши неговата волја (Мат. 26:39).
3. Како љубовта кон Јехова ни помага да ги надминеме препреките?
3 Љубовта нѐ поттикнува да ги надминеме препреките: Љубовта кон Јехова ги надминува сите препреки (1. Кор. 13:4, 7). Исус доживеал тешки ситуации во животот кои можеле да го спречат да ја врши службата. Но, секогаш кога ќе наишол на препрека, неговата длабока љубов и желбата да ја врши Јеховината волја му помагале да продолжи понатаму (Мар. 3:21; 1. Пет. 2:18-23). И ние доживуваме многу тешкотии, но љубовта кон Бог може да ни помогне да ги надминеме. Ако го следиме примерот на Исус, ќе бидеме посигурни и поодлучни да даваме сѐ од себе за да ја извршиме службата. Точно е дека понекогаш ќе се обесхрабриме поради противењето од роднините, поради здравствените проблеми, староста или рамнодушноста на луѓето. Но, нема да дозволиме тоа да нѐ спречи да ја вршиме службата најдобро што можеме и на тој начин да му покажеме на Јехова дека го сакаме.
4. Каква можност ни дава нашата љубов кон Јехова?
4 Љубовта има голема моќ, и за нас е вистинска чест што можеме да ја покажеме нашата длабока љубов кон Бог во службата (1. Кор. 13:13). Бидејќи времето кога Јеховиното име ќе биде посветено еднаш засекогаш е сѐ поблизу, да се трудиме нашата „љубов сѐ повеќе и повеќе да расте“ (Фил. 1:9; Мат. 22:36-38).