Како ќе одговориш?
1. Зошто треба да го следиме примерот на Исус кога некој ќе ни постави прашање?
1 До денешен ден, луѓето се воодушевени од начинот на кој Исус одговарал кога некој ќе му поставел прашање. Во службата на проповедање и ние наидуваме на разни прашања, па затоа е добро да го следиме примерот на Исус (1. Пет. 2:21).
2. Што ќе ни помогне делотворно да одговориме на некое прашање?
2 Најпрво слушај: Исус го земал предвид гледиштето на оние што му поставувале прашања. Ова значи дека понекогаш треба да поставуваш прашања за да бидеш сигурен што навистина мисли човекот. На пример, некој што ќе праша: „Дали веруваш во Исус?“, можеби всушност сака да дознае зошто не славиш Божиќ. Ако утврдиш што навистина го интересира човекот, ќе можеш поделотворно да разговараш со него (Лука 10:25-37).
3. Што ќе ни помогне да најдеме задоволувачки библиски одговори?
3 Одговарај со помош на Божјата реч: Обично е најдобро да ја користиме Библијата за да дадеме одговор (2. Тим. 3:16, 17; Евр. 4:12). Книгата Расправљање и додатокот „Библиски теми за разговор“, кој се наоѓа во Светото писмо — превод Нов свет, многу ќе ни помогнат да го дадеме вистинскиот одговор. Дури и ако за оној што прашува Библијата не е авторитет, веројатно ќе можеш тактично да му кажеш што вели Светото писмо. Поттикни го сериозно да размисли за докажаната мудрост што се наоѓа во Библијата. Ако го следиш примерот на Исус, твоите одговори ќе бидат како „златни јаболка во сребрени садови“ — достоинствени, убави и скапоцени (Изр. 25:11).
4. Во кои случаи е најдобро да не одговараме на секое прашање?
4 Дали треба да одговориме на секое прашање? Ако не го знаеш одговорот на некое прашање, не срами се да кажеш: „Не знам, но ќе истражувам во врска со Вашето прашање и следниот пат ќе Ви кажам што сум дознал“. Таквата скромност и личниот интерес можеби ќе го поттикнат станарот да те покани пак да дојдеш. Ако сфатиш дека оној што ти го поставува прашањето е противник кој можеби се обидува да започне расправија, угледај се на Исус со тоа учтиво ќе го завршиш разговорот (Лука 20:1-8). Слично на тоа, ако некој што не е искрено заинтересиран за вистината се обидува да те вовлече во дискусија, љубезно прекини го разговорот и користи го времето за да ги бараш оние што се искрени (Мат. 7:6).
5. Каков пример ни дал Исус за ситуациите кога треба да одговараме на прашања?
5 Исус знаел дека е многу важно да се потпира на Јехова за да ја исполни својата задача да ‚сведочи за вистината‘, во што спаѓало и да им одговара на прашањата на луѓето кои биле искрено заинтересирани (Јован 18:37). За нас е навистина голема чест да го следиме примерот на Исус кога им одговараме на сите што ‚исправно гледаат на вечниот живот‘! (Дела 13:48).