Помагај им на интересентите со сета душа
1. Како треба да им помагаме на интересентите?
1 За да му помогнеме на некој интересент да му се заветува на Јехова и да се крсти, не е доволно само редовно да проучуваме со него. Апостол Павле опишал каков однос имал со оние што ги поучувал — како мајка која ги храни и ги негува своите деца. И ние сакаме со сета душа да им помагаме на нашите интересенти да напредуваат духовно (1. Сол. 2:7-9).
2. Зошто треба да се интересираме за оние со кои проучуваме, и како можеме да го правиме тоа?
2 Интересирај се за нив: Кога интересентот ќе почне да го применува она што го учи, неговата совест ќе го поттикне да престане да се дружи со оние што не живеат според библиските начела (1. Пет. 4:4). Можеби семејството ќе го отфрли (Мат. 10:34-36). Можеме да му помогнеме да ја пополни емоционалната празнина така што ќе бидеме вистински заинтересирани за него. Еден искусен мисионер препорачува: „Немој веднаш да си одиш откако ќе завршите со проучувањето. Ако е можно, остани малку за да си поразговарате“. Труди се практично да му помагаш. На пример, би можел ли да му се јавиш по телефон или да го посетиш кога е болен? Би можел ли да седиш со него на состаноците и да му помагаш околу децата?
3. Како можеме да му помогнеме на интересентот да го добие охрабрувањето што го дава собранието?
3 Како помага собранието: Ако проповедаш близу до домот на твојот интересент, би можел да поминеш накратко за да го запознаеш со оној со кого си во служба. Ако е соодветно, кога одиш да проучуваш со него, би можел да појдеш со различни објавители, вклучувајќи ги и старешините. Исто така, набрзо откако ќе започнеш некоја студија, поттикни го интересентот да доаѓа на состаноците во Салата на Царството. Така ќе може да се храбри од дружењето со членовите на собранието кои можат да станат негово духовно семејство (Мар. 10:29, 30; Евр. 10:24, 25).
4. Како може да биде награден нашиот труд?
4 Еден родител кој неуморно им помага на своите деца духовно да напредуваат, ќе биде пресреќен кога тие ќе одлучат да му служат на Јехова и да живеат според вистината (3. Јов. 4). И ние можеме да ја почувствуваме истата радост ако им помагаме на нашите интересенти со сета душа.