Полињата се зрели за жетва
1. Кое важно дело се врши сега?
1 Откако ѝ посведочил на една Самарјанка, Исус им рекол на своите ученици: „Подигнете ги очите и погледнете ги полињата, зрели се за жетва!“ (Јован 4:35, 36). Во ек била една духовна жетва, а Исус можел да види какви ќе бидат резултатите од ова дело во светски рамки. Иако сега е на небото, Исус и понатаму е вклучен во жетвата (Мат. 28:19, 20). Додека оваа жетва се приближува кон својот крај, што покажува дека проповедањето зема сѐ поголем замав?
2. Што покажува дека жетвата се забрзува низ целиот свет?
2 Жетвата низ целиот свет: Во текот на 2009 службена година, низ целиот свет имаше пораст од 3,2 отсто во бројот на објавители. Во земјите во кои делото е забрането имаше 14 отсто пораст. Секој месец беа известени над 7.619.000 библиски студии, што е повеќе од вкупниот број на објавители и речиси за половина милион повеќе од бројот на библиски студии минатата година. Поради брзиот пораст во многу региони, има сѐ поголема потреба од мисионери обучени на Школата Гилеад. Во многу земји, голем плод даваат и подрачјата на странски јазик. Очигледно е дека Јехова го забрзува делото додека жетвата се привршува (Иса. 60:22). Дали имаш позитивен став за „полињата“ на твоето подрачје?
3. Што можеби сметаат некои во врска со жетвата на нивното подрачје?
3 Жетвата на вашето подрачје: Некои можеби велат: „На моето подрачје нема некој голем интерес“. Точно е дека некои подрачја не даваат плод како други подрачја или како што давале порано. Затоа, некои Сведоци можеби сметаат дека на тие места поголемиот дел од жетвата е собран и сега треба само да се дособерат уште малкумината преостанати. Дали навистина е така?
4. Каков став треба да имаме кон нашата служба, и зошто?
4 Од почеток па до крај, жетвата е време на зголемена активност. Следниве зборови на Исус покажуваат колку е итно да се врши жетвата: „Жетвата е голема, а работници има малку. Затоа, молете го Господарот на жетвата да испрати работници на својата жетва“ (Мат. 9:37, 38). Јехова, Господарот на жетвата, е одговорен за тоа кога и каде ќе има род (Јован 6:44; 1. Кор. 3:6-8). Која е нашата задача? Библијата го дава одговорот: „Наутро сеј го семето свое и до вечерта нека не ти почива раката“ (Проп. 11:4-6). Денес, кога жетвата е во најголем ек, не е време да ни почиваат рацете!
5. Зошто треба да продолжиме ревносно да проповедаме на подрачје на кое ни се чини дека нема голем интерес?
5 Продолжи да жнееш: Дури и ако нашето подрачје често се обработува и ни се чини дека нема голем интерес, имаме добра причина да проповедаме ревносно и со чувство на итност (2. Тим. 4:2). Поради превирањата во светот луѓето го менуваат својот став и посериозно размислуваат за иднината. Како што младите созреваат, можеби чувствуваат потреба од сигурност и внатрешен мир. На други можеби ќе им остави впечаток нашата истрајност. Да, оние што порано не биле заинтересирани, можеби ќе се заинтересираат подоцна. Треба да бидат предупредени дури и оние што намерно ја одбиваат нашата порака (Езек. 2:4, 5; 3:19).
6. Што ќе ни помогне да останеме ревносни ако имаме тешко подрачје?
6 Што ќе ни помогне да останеме ревносни ако имаме тешко подрачје? Освен во службата од куќа до куќа, би можеле да учествуваме и во други гранки од службата, на пример, сведочење на деловно подрачје или преку телефон. Исто така, би можеле да користиме различни презентации. Друга можност е да правиме промени во својот распоред и да проповедаме навечер или во друго време кога луѓето се најчесто дома. Освен тоа, би можеле да научиме нов јазик за да им проповедаме на повеќе луѓе. Би можеле да ја зголемиме службата така што ќе станеме општи пионери. Или би можеле да се преселиме во место каде што има помалку објавители. Ако имаме исправен став кон жетвата, ќе се трудиме да учествуваме во ова важно дело колку што е можно повеќе.
7. До кога треба да продолжиме со жетвата?
7 Жетварите имаат ограничено време за да го соберат родот, па затоа не се одмораат или не се опуштаат додека не заврши работата. И духовната жетва мораме да ја вршиме со чувство на итност. До кога треба да продолжиме со ова дело? Треба да проповедаме во текот на „свршетокот на овој поредок“ и сѐ до „крајот“ (Мат. 24:14; 28:20). По примерот на најистакнатиот Слуга на Јехова, и ние сакаме да го довршиме делото што ни е доверено (Јован 4:34; 17:4). Затоа, да продолжиме да ја извршуваме нашата служба со ревност, со радост и со позитивен став до самиот крај (Мат. 24:13). Жетвата не е завршена!
[Истакната мисла на страница 2]
Од почеток па до крај, жетвата е време на зголемена активност