Најважната одлика на еден добар учител
1. Која е најважната одлика на еден добар учител?
1 Која е најважната одлика за некој добро да поучува за Библијата? Световно образование? Искуство? Природна дарба? Всушност, тоа е истата одлика која е исполнување на Законот, по која се препознаваат учениците на Исус и која е најистакнатата и најпривлечната особина на Јехова (Јован 13:35; Гал. 5:14; 1. Јов. 4:8). Тоа е љубовта. Еден добар учител покажува љубов.
2. Зошто е важно да ги сакаме луѓето?
2 Сакај ги луѓето: Големиот Учител, Исус, покажувал љубов кон луѓето и токму тоа ги поттикнало да го слушаат (Лука 5:12, 13; Јован 13:1; 15:13). Ако луѓето ни се важни, ќе сведочиме во секоја прилика. Пречките, како што се противењето и рамнодушноста, нема да нѐ сопрат. Ќе бидеме вистински заинтересирани за оние на кои им проповедаме и ќе го приспособуваме својот пристап според она што ним им е потребно. Ќе бидеме спремни да им посветиме време на оние со кои проучуваме не само кога сме на студија туку и ќе одвоиме време за да се подготвиме пред да одиме да проучуваме.
3. Како љубовта кон библиските вистини ќе ни помогне во службата?
3 Сакај ги библиските вистини: Исус ги сакал и библиските вистини и ги сметал за нешто многу вредно (Мат. 13:52). Ако ја сакаме вистината, ќе зборуваме со одушевеност, а тоа може да ги заинтересира и оние со кои зборуваме. Таквата љубов ќе ни помогне да се концентрираме на скапоцените информации што ги пренесуваме, а не на тоа дали нѐ бива или не во службата, со што ќе имаме и помалку трема.
4. Што ќе ни помогне да развиваме љубов?
4 Развивај љубов: Што ќе ни помогне да развиваме љубов кон луѓето? Тоа што ќе размислуваме за љубовта што ја покажуваат Јехова и неговиот Син и за бедната духовна состојба во која се наоѓаат луѓето на нашето подрачје (Мар. 6:34; 1. Јов. 4:10, 11). Нашата љубов кон библиските вистини ќе се продлабочи ако редовно проучуваме и размислуваме за тоа што го читаме. Љубовта е еден од плодовите на духот (Гал. 5:22). Значи, можеме да го молиме Јехова да ни дава свет дух и да ни помага нашата љубов да расте (Лука 11:13; 1. Јов. 5:14). Без разлика какво образование имаме, колкаво искуство имаме во вистината или какви природни дарби имаме, можеме делотворно да поучуваме за Библијата со тоа што ќе покажуваме љубов.