Како пример нека ви послужат пророците — Софонија
1. Во какви околности Софонија служел како пророк, и зошто тој е добар пример за нас?
1 Во средината на седмиот век пр.н.е., Евреите во Јуда отворено го обожавале Ваал. Откако злобниот цар Амон бил убиен, младиот Јосија го наследил престолот (2. Лет. 33:21—34:1). Во текот на тој период, Јехова го испратил пророкот Софонија да ја објави Неговата осуда. Иако можеби бил член на царското семејство во Јуда, Софонија не ја ублажил Јеховината порака на осуда против јудејските водачи (Соф. 1:1; 3:1-4). Слично на овој пророк, и ние се трудиме да бидеме храбри и не дозволуваме семејните врски да нѐ спречат верно да му служиме на Јехова (Мат. 10:34-37). Што содржела пораката која ја објавувал Софонија, и каков бил исходот?
2. Што мораме да правиме за да бидеме заштитени во денот на Јеховиниот гнев?
2 Барајте го Јехова: Само Јехова може да ги спаси луѓето во денот на својот гнев. Од таа причина, Софонија ги поттикнувал жителите на Јуда да го бараат Јехова, да ја бараат праведноста и да ја бараат кроткоста додека сѐ уште имало време (Соф. 2:2, 3). Истото важи и денес. По примерот на Софонија, и ние ги поттикнуваме луѓето да го бараат Бог. Но, мораме и самите да бидеме решени никогаш да не ‚отстапиме од Јехова‘ (Соф. 1:6). Напротив, го бараме Јехова така што внимателно ја проучуваме неговата Реч и го молиме за водство. Ја бараме праведноста со тоа што водиме морално чист живот. А ја бараме кроткоста така што сме подложни и спремно ги прифаќаме упатствата од Јеховината организација.
3. Зошто треба да задржиме позитивен став додека проповедаме?
3 Добри резултати: Пораката на осуда што ја објавувал Софонија наишла на одѕив барем кај некои жители на Јуда. Но, веројатно најмногу го погодила младиот Јосија, кој почнал да го бара Јехова додека сѐ уште бил дете. Подоцна, овој цар презел решителни мерки за да го искорени идолопоклонството од земјата (2. Лет. 34:2-5). Во денешно време, дел од семето на вистината за Царството паѓа покрај патот, на каменито место или меѓу трње, но дел од него паѓа и на добра земја и раѓа плод (Мат. 13:18-23). Ние сме уверени дека Јехова и понатаму ќе го благословува трудот што го вложуваме за да ја шириме пораката за Царството (Пс. 126:6).
4. Зошто треба ‚да го чекаме Јехова‘?
4 Некои луѓе во Јуда мислеле дека Јехова никогаш нема да дејствува. Но, тој им ставил до знаење на сите дека неговиот голем ден е близу (Соф. 1:12, 14). Бог ќе ги спасел само оние што ќе побарале засолниште кај него (Соф. 3:12, 17). Додека ‚го чекаме Јехова‘, нашиот величествен Бог, радосно да му служиме заедно со нашите соверници (Соф. 3:8, 9).