Како пример нека ви послужат пророците — Наум
1. Што учиме од библиската книга Наум?
1 Наум рекол дека Јехова им се одмаздува на своите непријатели и дека дури и најсуровите противници не можат да опстанат пред него (Наум 1:2, 6). Урнатините на древна Ниневија го докажуваат токму тоа. Ако подетално го разгледаме пророштвото на Наум ќе извлечеме важни поуки за нашата служба.
2. Зошто може да се каже дека носиме добра вест?
2 Влеј им на другите утеха и надеж: На прв поглед, се чини дека книгата Наум содржи само објава на суд против Ниневија, главниот град на древна Асирија (Наум 1:1; 3:7). Сепак, оваа објава била добра вест за Јеховиниот народ. Наум, чие име значи „Утешител“, ги уверил своите сонародници дека наскоро ќе нема ни трага од нивниот непријател! Тој ги потсетил дека Јехова е „тврдина во ден на неволја“ (Наум 1:7). И ние проповедаме добра вест и ги поттикнуваме другите да побараат засолниште кај Јехова (Наум 1:15).
3. Како можеме и ние да користиме примери и споредби?
3 Користи примери и споредби: Под водство на светиот дух, Наум го споредил крајот на Ниневија со крајот на египетскиот град Теба (Но-Амон), кој порано бил уништен од самите Асирци (Наум 3:8-10). Додека зборуваме со луѓето за крајот на овој злобен свет, можеме да истакнеме некои библиски пророштва кои докажуваат дека Јехова до најситен детаљ го исполнува она што ќе го прорече. На пример, може да спомнеме што се случило кога Вавилонците и Медијците тргнале во поход против Ниневија во 632 год. пр.н.е. Поради обилните дождови, реката Тигар се прелеала од своето корито и ги поткопала непробојните ѕидови на градот. Така Ниневија била брзо освоена, токму како што прорекол Јехова (Наум 1:8; 2:6).
4. Како можеме да зборуваме јасно и разбирливо во службата?
4 Зборувај јасно и разбирливо: Наум користел живописен и драматичен стил на пишување. Било многу јасно што сака да каже (Наум 1:14; 3:1). И ние сакаме да зборуваме на едноставен и разбирлив начин (1. Кор. 14:9). Уште при првиот разговор, објасни му на станарот зошто си дошол кај него. Додека ја проучуваш Библијата со некого, помогни му да стекне вера во Јехова и во неговата Реч и да сфати како информациите можат да му користат лично нему (Рим. 10:14).
5. Каква утеха ни влева пророштвото на Наум?
5 Од книгата на Наум јасно се гледа колку цврсто бил уверен овој пророк дека Јеховината реч ќе се исполни. Додека се приближува крајот на овој Сатански свет, следново ветување ни влева силна утеха: „Неволјата нема да се подигне по втор пат“ (Наум 1:9).