Нашата „кутија со алатки“ за поучување
1. Во која смисла христијаните се како мајстори?
1 Мајсторите користат разни алатки. Некои им требаат само повремено за специфични работи, но имаат и основни алатки што често ги користат. Искусните мајстори секогаш си ги имаат основните алатки во својата кутија за алат и многу вешто ги користат. Библијата го поттикнува секој христијанин да дава сѐ од себе во службата и да биде „работник кој нема од што да се срами“ (2. Тим. 2:15). Која е најважната „алатка“ во нашата „кутија со алатки“? Божјата Реч. Таа е главната „алатка“ што ја користиме за ‚да правиме ученици‘ (Мат. 28:19, 20). Затоа, треба да се трудиме вешто и ‚исправно да се служиме со речта на вистината‘. Но, во нашата „кутија со алатки“ има и други публикации што треба да научиме вешто да ги користиме за да ги поучуваме луѓето за вистината (Изр. 22:29).
2. Кои се нашите основни публикации за поучување?
2 Нашите основни „алатки“: Освен Библијата, кои други „алатки“ треба да ги користиме? За да ги поучуваме луѓето за библиските вистини, првенствено ја користиме книгата Што навистина учи Библијата? Откако ќе ја проучиме оваа книга со интересентот, продолжуваме со книгата Зачувај ја Божјата љубов за да го поучиме да ги применува библиските начела во својот живот. Затоа, треба да научиме вешто да ги користиме овие две книги. Во нашата „кутија со алатки“ свое место треба да имаат и некои брошури. Една од основните публикации со кои започнуваме библиски курс е брошурата Добра вест од Бог! Ако на нашето подрачје има луѓе кои не читаат добро или кои зборуваат на јазик на кој имаме малку или воопшто немаме публикации, тогаш може да ги користиме брошурите Запознај го Бог или Запознај го Бог и живеј засекогаш. Основна публикација која ни помага да ги насочиме интересентите кон организацијата е брошурата Кој ја врши Јеховината волја денес? За да правиме ученици, од голема помош се и некои видеоклипови, како што се Зошто да ја проучуваш Библијата?, Како изгледаат состаноците на Јеховините сведоци? и Дали Бог има име? Затоа, да научиме добро да ги користиме.
3. Како ќе ни помогнат статиите од идните броеви на Нашата служба за Царството?
3 Во иднина, во Нашата служба за Царството ќе има статии што ќе ни помогнат вешто да ги користиме основните публикации од нашата „кутија со алатки“. Со тоа што ќе се трудиме умешно да ги користиме овие публикации, ќе го следиме вдахновениот совет: „Добро внимавај како живееш и како поучуваш. Истрај во тоа, зашто, правејќи го тоа ќе се спасиш и себеси и оние што те слушаат“ (1. Тим. 4:16).