Како пример нека ви послужат пророците — Авакум
1. Зошто можеме да разбереме како се чувствувал пророкот Авакум?
1 Бидејќи светот станува сѐ порасипан, можеби се чувствуваме како Авакум, кој го прашал Бог: „Зошто ме тераш да гледам зло и зошто гледаш неволја?“ (Авак. 1:3; 2. Тим. 3:1, 13). Ако размислуваме за пораката на Авакум и за неговата верност, тоа ќе ни помогне да останеме цврсти додека го чекаме Јеховиниот ден на суд (2. Пет. 3:7).
2. Како ќе покажеме дека имаме вера?
2 Имај вера: Наместо да дозволи тешките околности да го скршат, Авакум останал духовно буден и активен (Авак. 2:1). Јехова го уверил овој пророк дека Неговата Реч ќе се исполни навреме и дека „праведникот ќе живее поради верата“ (Гал. 3:11; Авак. 2:2-4). Што значи ова за христијаните кои живеат длабоко во времето на крајот? Не е најважно да знаеме кога ќе дојде крајот, туку да бидеме уверени дека навистина ќе дојде. Верата нѐ поттикнува да останеме будни и службата да ни биде една од најважните работи во животот (Евр. 10:38, 39).
3. Зошто мора да продолжиме со радост да му служиме на Јехова?
3 Радувај се поради Јехова: Нашата вера ќе биде испитана кога Гог од Магог ќе го нападне Јеховиниот народ (Езек. 38:2, 10-12). Војните им носат страдања на сите, па дури и на оние што на крајот ќе победат. Во војна може да дојде до недостиг на храна, до губење на имотот и до пад на животниот стандард. Како ќе реагираме кога ќе дојде до таква ситуација? Авакум очекувал неволји и затоа решил да продолжи со радост да му служи на Јехова (Авак. 3:16-19). „Јеховината радост“ ќе ни помогне и нам да ги издржиме неволјите што ни претстојат (Неем. 8:10; Евр. 12:2).
4. На што може да се радуваме сега и во иднина?
4 Оние што Јехова ќе ги поштеди во претстојниот ден на суд ќе продолжат да учат за Бог (Авак. 2:14). И воскреснатите ќе учат за Јехова. Уште сега да ја користиме секоја можност да зборуваме за Јехова и за неговите чудесни дела! (Пс. 34:1; 71:17).