Јехова ќе се погрижи да му се оддава слава на неговото име во сета вечност
Прашања од читателите
Како статијата „Да се свети името твое“, која излезе во Стражарска кула од јуни 2020 год., го појасни нашето верување во врска со Божјето име и правото на Јехова да владее?
Во оваа статија дознавме дека всушност има само едно спорно прашање што ги засега сите суштества обдарени со разум — посветувањето на Јеховиното величествено име. Еден важен аспект од ова важно спорно прашање е правото на Јехова да владее, односно дали Јехова владее на најдобар можен начин. Уште еден аспект на оваа важно спорно прашање е дали ќе има луѓе кои ќе му останат верни на Јехова.
Зошто сега нагласуваме дека спорното прашање пред сѐ е поврзано со Јеховиното име и неговото посветување? Да разгледаме три причини.
Сатана му нанесува срам на Божјето име уште од побуната во еденската градина
Како прво, во рајската градина, Сатана го оцрнил Јеховиното име, односно неговиот углед. Со своето лукаво прашање, Сатана сакал да ја наведе Ева да помисли дека Јехова не е дарежлив Бог и дека наметнува неразумни ограничувања. Потоа, Сатана кажал нешто сосема спротивно на она што го кажал Јехова, и со тоа, всушност, рекол дека Бог е лажливец. Значи, Сатана го оцрнил Јеховиното име. Така тој станал Ѓавол, што значи клеветник (Јован 8:44). Бидејќи поверувала во лагите на Сатана, Ева му станала непослушна на Бог со што покажала дека не сака тој да биде нејзин Владетел (1. Мој. 3:1-6). До ден денес, Сатана го клевети Јеховиното име така што шири лаги во врска со тоа каква личност е Јехова. Ако некој поверува во таквите лаги, поголема е веројатноста дека ќе му биде непослушен на Јехова. Затоа, за Божјите слуги, клеветата што е нанесена врз Јеховиното свето име е најголемата неправда. Всушност, токму тоа е причината за сето страдање и за сета злоба во овој свет.
Како второ, за доброто на сите суштества обдарени со разум, Јехова е решен да го посвети своето име, односно да го очисти од срамот што му е нанесен. Тоа му е најважно на Јехова. Затоа тој рекол: „Ќе го посветам своето велико име“ (Езек. 36:23). Исто така, Исус јасно кажал која е најважната работа за која треба да се молат сите верни слуги на Јехова кога рекол: „Да се свети името твое“ (Мат. 6:9). На многу места во Библијата е нагласено колку е важно да се слави Јеховиното име. Да спомнеме само неколку примери: „Оддајте му ја на Јехова славата достојна на неговото име“ (1. Лет. 16:29; Пс. 96:8). „Фалете го со песна неговото славно име“ (Пс. 66:2). „Ќе го славам твоето име довека“ (Пс. 86:12). Една од приликите кога Јехова лично зборувал од небото била во храмот во Ерусалим, каде што Исус рекол: „Татко прослави го своето име!“, а Јехова му одговорил: „Го прославив и пак ќе го прославам!“ (Јован 12:28).a
Како трето, Јеховината намера секогаш ќе биде поврзана со неговото име, односно со неговиот углед. Размисли за важноста на Јеховиното име по конечниот испит на крајот од Христовото илјадагодишно владеење. Дали суштествата обдарени со разум и понатаму ќе бидат поделени во однос на важното спорно прашање — посветувањето на Јеховиното име? За да го дознаеме одговорот, да се потсетиме на двата аспекта кои се поврзани со спорното прашање — верноста на луѓето и правото на Јехова да владее. Дали луѓето кои докажале дека му се верни на Бог и понатаму ќе треба да ја докажуваат својата верност? Не. Тие ќе бидат совршени и потполно испитани. Ќе бидат наградени со вечен живот. Дали правото на Бог да владее сѐ уште ќе биде предмет на дискусии, па дури и поделби меѓу суштествата обдарени со разум? Не. Никогаш повеќе нема да има потреба да се докажува дека Јехова владее на најдобар можен начин. Но, што ќе биде со Јеховиното име?
Дотогаш, Јеховиното име ќе биде потполно посветено, потполно исчистено од срамот што му бил нанесен. Сепак, Јеховиното име и понатаму ќе биде најважното нешто за сите негови слуги на небото и на Земјата. Зошто? Затоа што тие ќе гледаат како Јехова и понатаму прави извонредни работи. Размисли за следново: Бидејќи Исус понизно ќе му ја предаде сета власт на Јехова, Бог ќе „им биде сѐ на сите“ (1. Кор. 15:28). А потоа, луѓето на Земјата ќе ја добијат „славната слобода на Божјите деца“ (Рим. 8:21). Така Јехова потполно ќе ја оствари својата намера неговите деца и на небото и на Земјата да бидат едно големо обединето семејство (Еф. 1:10).
Како тие настани ќе влијаат врз Јеховиното семејство на небото и на Земјата? Без сомнение, ние и понатаму ќе имаме силна желба да го славиме Божјето прекрасно име. Псалмистот Давид бил поттикнат да напише: „Да е благословен Јехова Бог... И да е благословено неговото славно име довека“ (Пс. 72:18, 19). Во сета вечност, ние ќе наоѓаме нови и возбудливи причини за да го правиме тоа.
Всушност, името на Јехова ја претставува неговата личност. Кога мислиме на неговото име, тоа главно нѐ потсетува на неговата љубов (1. Јов. 4:8). Ние секогаш ќе имаме на ум што веќе направил Јехова за нас — дека нѐ создал од љубов, дека ја обезбедил откупната жртва поттикнат од љубов и дека владее праведно и со љубов. Освен тоа, ние постојано ќе гледаме како Јехова и понатаму нѐ опсипува со љубов. Во сета вечност ќе бидеме поттикнати да стануваме сѐ поблиски со нашиот небесен Татко и да пееме фалби во чест на неговото славно име (Пс. 73:28).