СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 30
ПЕСНА 36 Да си го чуваме срцето!
Важни поуки од израелските цареви
Повторно ќе ја видите разликата меѓу праведникот и злиот, меѓу оној што му служи на Бог и оној што не му служи (МАЛ. 3:18)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да дознаеме како Јехова проценувал дали некој од израелските цареви е добар или лош, бидејќи тоа ќе ни помогне да сфатиме што очекува Јехова од нас.
1-2. Што ни открива Библијата за некои од израелските цареви?
ВО БИБЛИЈАТА се запишани имиња на повеќе од 40 израелски цареви.a Во неа отворено се зборува за некои работи што тие ги направиле. На пример, дури и добрите цареви направиле некои лоши работи. Да го земеме за пример Давид, кој бил добар цар. Јехова рекол: „Мојот слуга Давид... ми беше оддаден со сето свое срце, правејќи го само она што е право во мои очи“ (1. Цар. 14:8). Сепак, Давид извршил сексуален неморал со мажена жена и сковал план нејзиниот сопруг да биде убиен во битка (2. Сам. 11:4, 14, 15).
2 Од друга страна, многу од царевите кои не му биле верни на Јехова направиле некои добри работи. Да го земеме за пример Ровоам. Во Јеховини очи, тој правел зло (2. Лет. 12:14). Сепак, Ровоам ја послушал Јеховината заповед и им дозволил на 10 племиња да се одделат од неговото царство. Исто така, придонел за доброто на неговиот народ така што ги утврдил градовите во неговото царство (1. Цар. 12:21-24; 2. Лет. 11:5-12).
3. Кое важно прашање се поставува, и што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Имајќи го сето ова на ум, се поставува едно важно прашање. Ако израелските цареви правеле и добри и лоши работи, како Јехова одлучувал дали еден цар е верен во негови очи? Одговорот на ова прашање ќе ни помогне да сфатиме што очекува Јехова од нас. Ќе разгледаме три фактори кои Јехова очигледно ги зел предвид кога проценувал дали израелските цареви биле добри или лоши — дали го сакале со сето срце, дали искрено се каеле и дали му служеле на исправен начин.
ГО САКАЛЕ ЈЕХОВА СО СЕТО СРЦЕ
4. Која била една разлика помеѓу верните и неверните цареви?
4 Царевите кои Јехова ги сметал за добри, му служеле со сето срце.b Добриот цар Јосафат „со сето срце“ го барал Јехова (2. Лет. 22:9). Во врска со Јосија, во Библијата пишува: „Пред него немаше таков цар кој се врати кај Јехова со сето свое срце“ (2. Цар. 23:25). А што може да се каже за Соломон кој, кога остарел, го правел она што е лошо? Во Библијата за него пишува: „Неговото срце повеќе не му беше потполно оддадено на Јехова“ (1. Цар. 11:4). А во врска со Авијам, еден друг неверен цар, во Библијата пишува: „Неговото срце не му беше потполно оддадено на Јехова“ (1. Цар. 15:3).
5. Објасни што значи да му се служи на Јехова со сето срце.
5 Тогаш, што значи да му се служи на Јехова со сето срце? Оној што му служи на Јехова со сето срце не му служи само затоа што знае дека така треба, туку затоа што многу го сака и длабоко го почитува. И тој продолжува да го прави тоа во текот на целиот свој живот.
6. Како можеме да продолжиме да му служиме на Јехова со сето срце? (Изреки 4:23; Матеј 5:29, 30).
6 Како можеме да го следиме примерот на верните цареви кои го сакале Јехова со сето срце? Така што ќе се чуваме од сѐ што може да ни ја ослабне љубовта кон Јехова. На пример, мора да внимаваме каква забава избираме. Исто така, мора да внимаваме со кого се дружиме и да се чуваме од материјализам. Ако забележиме дека од некоја причина нашата љубов кон Јехова почнала да ослабнува, веднаш треба да преземеме нешто. (Прочитај Изреки 4:23; Матеј 5:29, 30.)
7. Зошто е важно да се чуваме од лоши влијанија?
7 Не смееме да дозволиме нашето срце да стане поделено. Ако не сме внимателни, би можеле да се залажуваме дека поради тоа што сме многу зафатени со духовни активности не мора да се чуваме од лоши влијанија. Да наведеме еден пример. Замисли си дека си надвор, во еден многу студен и ветровит ден. Кога се враќаш дома, го вклучуваш греењето. Но, што ќе се случи ако ја оставиш вратата отворена? Ладниот воздух брзо ќе влезе во твојата куќа. Која е поуката? Потребно е да правиме повеќе отколку само да ја земаме духовната храна со која го зајакнуваме нашето пријателство со Јехова. Мора, така да се каже, и да ја затвориме вратата за во нашето срце да не влезе ладниот „воздух“ на овој свет, односно штетните влијанија кои можат да ја ослабнат нашата љубов кон Јехова и да ни го поделат срцето (Еф. 2:2).
СЕ ПОКАЈАЛЕ ЗА СВОИТЕ ГРЕВОВИ
8-9. Како реагирале цар Давид и цар Езекија кога добиле исправка? (Види ја сликата на насловната страница.)
8 Како што беше спомнато претходно, цар Давид направил сериозен грев. Но, кога пророкот Натан му кажал како се чувствува Јехова поради неговиот грев, Давид понизно се покајал (2. Сам. 12:13). Давид не се преправал дека му е жал за она што го сторил со цел да го измами Натан или да избегне казна. Од зборовите што Давид ги запишал во Псалм 51 се гледа дека тој искрено се каел (Пс. 51:3, 4, 17, натпис).
9 И Цар Езекија му згрешил на Јехова. Во Библијата пишува: „Срцето му се возгордеа. Затоа се подигна гнев против него и против Јуда и Ерусалим“ (2. Лет. 32:25). Зошто Езекија се возгордеал? Можеби поради богатството кое го поседувал, поради победата над Асирците или поради тоа што со чудо бил излекуван од една смртоносна болест. Можеби токму гордоста го навела да им го покаже своето богатство на Вавилонците, поради што пророкот Исаија го укорил (2. Цар. 20:12-18). Но, исто како Давид, Езекија понизно се покајал (2. Лет. 32:26). На крајот, како гледал Јехова на Езекија? Тој го сметал за верен цар. Во Библијата за него пишува: „Го правеше она што е исправно во Јеховини очи“ (2. Цар. 18:3).
Цар Давид и цар Езекија понизно се покајале кога им било укажано на нивните гревови (види во пасуси 8-9)
10. Како регирал цар Амазија на исправката што ја добил?
10 За разлика од Давид и Езекија, Амазија —кој бил цар на Јуда — го правел она што е исправно во очите на Јехова, но срцето „не му [било] потполно оддадено нему“ (2. Лет. 25:2). Каде згрешил? Откако Јехова му помогнал да ги порази Едомците, Амазија почнал да им се клања на нивните богови.c Кога Јеховиниот пророк зборувал со него во врска со тоа, царот воопшто не сакал да го слуша и го избркал (2. Лет. 25:14-16).
11. Според 2. Коринќаните 7:9, 11, што мора да правиме за Јехова да ни прости? (Види ги и сликите.)
11 Што учиме од овие примери? Треба да се покаеме за нашите гревови и да правиме сѐ што можеме за да не ги повториме. Што ако добиеме совет од собраниските старешини, дури и за нешто што навидум не е толку сериозно? Не треба да си мислиме дека Јехова не нѐ сака или дека старешините се против нас. Дури и на добрите израелски цареви им биле потребни совети и исправки (Евр. 12:6). Кога ќе добиеме исправка, треба 1) понизно да ја прифатиме, 2) да ги направиме потребните промени и 3) да продолжиме да му служиме на Јехова со сето срце. Ако се покаеме за нашите гревови, Јехова ќе ни прости. (Прочитај 2. Коринќаните 7:9, 11.)
Кога ќе добиеме исправка, треба 1) понизно да ја прифатиме, 2) да ги направиме потребните промени и 3) да продолжиме да му служиме на Јехова со сето срце (види во пасус 11)f
МУ СЛУЖЕЛЕ НА ЈЕХОВА НА ИСПРАВЕН НАЧИН
12. По што особено се разликувале верните цареви од неверните?
12 Царевите кои Јехова ги сметал за верни му служеле на исправен начин, а го поттикнувале и Јеховиниот народ да го прави истото. Се разбира, како што видовме, тие правеле грешки. Но, му биле оддадени само на Јехова и вложувале голем труд за да ја исчистат земјата од идолопоклонство.d
13. Зошто Јехова го сметал цар Ахав за неверен?
13 Што може да се каже за царевите кои Јехова ги сметал за неверни? Без сомнение, тие не правеле само лоши работи. На пример, дури и злобниот цар Ахав покажал извесна мера на понизност и каење кога слушнал дека Навутеј бил убиен поради него (1. Цар. 21:27-29). Тој исто така изградил градови и извојувал победи за Израел (1. Цар. 20:21, 29; 22:39). Но, Ахав бил познат по тоа што ширел идолопоклонство под влијание на неговата жена. Тој никогаш не се покајал за тоа (1. Цар. 21:25, 26).
14. а) Зошто Јехова го сметал цар Ровоам за неверен? б) Што им било заедничко на повеќето од царевите кои биле неверни?
14 Да го разгледаме примерот на Ровоам — еден друг цар кој му бил неверен на Јехова. Како што беше спомнато претходно, тој направил многу добри работи за време на неговото владеење. Но кога ја зацврстил својата царска власт, престанал да се држи за Јеховиниот закон и почнал да обожава лажни богови (2. Лет. 12:1). Оттогаш натаму, тој понекогаш му служел на Јехова, а понекогаш обожавал лажни богови (1. Цар. 14:21-24). Ровоам и Ахав не биле единствените цареви кои престанале да му служат на Јехова на исправен начин. Всушност, повеќето од неверните цареви обожавале лажни богови и ги поттикнувале и другите да го прават истото. Јасно е дека, кога Јехова одлучувал дали некој цар бил добар или лош, една од најважните работи која ја земал предвид била дали тој му служел на исправен начин.
15. Зошто на Јехова му е важно неговиот народ да му служи на исправен начин?
15 Зошто на Јехова му било многу важно царевите да му служат на исправен начин? Една причина било тоа што тие имале одговорност да му помагаат на народот да му служи на Јехова на исправен начин. Исто така, кога луѓето обожаваат лажни богови, тоа ги наведува да прават и други сериозни гревови и да постапуваат лошо со другите (Оси. 4:1, 2). Освен тоа, израелските цареви и израелскиот народ му биле заветувани на Јехова. Затоа, кога тие му биле неверни на Јехова и обожавале лажни богови, Библијата го споредува тоа со прељуба (Ерем. 3:8, 9). Кога некој ќе направи прељуба, му греши на својот брачен партнер и му го крши срцето. Слично на тоа, кога некој заветуван слуга на Јехова почнува да им служи на лажни богови, му греши на Јехова и длабоко го повредуваe (5. Мој. 4:23, 24).
16. По што особено се разликува една добра од една лоша личност во Јеховини очи?
16 Што можеме да научиме? Се разбира, мора да бидеме решени да избегнуваме сѐ што е поврзано со лажната религија. Но, исто така, мора секогаш да го обожаваме Јехова онака како што сака тој и да останеме зафатени во службата за него. Пророкот Малахија јасно кажал по што се разликува една добра од една лоша личност во Јеховини очи. Тој напишал: „Повторно ќе ја видите разликата меѓу праведникот и злиот, меѓу оној што му служи на Бог и оној што не му служи“ (Мал. 3:18). Затоа, не смееме да дозволиме ништо — па дури ни нашите несовршености и грешки — да нѐ обесхрабри до тој степен што ќе престанеме да му служиме на Бог. Кога некој ќе престане да му служи на Јехова, прави сериозен грев.
17. Зошто мора да внимаваме при изборот на брачен другар?
17 Ако си самец и размислуваш да стапиш во брак, зборовите на Малахија можат да ти помогнат при изборот на брачен другар. Размисли за следново: Некој може да има некои убави особини, но ако не му служи на вистинскиот Бог, дали во моментот тој е праведен во Јеховини очи? (2. Кор. 6:14). Ако стапиш во брак со него, дали тој ќе ти помогне да му останеш верен на Јехова? Размисли: Жените на цар Соломон можеби имале некои добри особини. Но, тие не му служеле на Јехова и постепено го навеле и Соломон да почне да обожава лажни богови (1. Цар. 11:1, 4).
18. За што треба родителите да ги поучуваат своите деца?
18 Родители, вие можете да ги користите примерите на царевите во Библијата за да им помогнете на вашите деца да развијат желба да му служат на Јехова. Помогнете им да сфатат дека Јехова ги сметал за добри оние цареви кои му служеле нему и кои го поттикнувале и народот да го прави истото. Поучувајте ги вашите деца со зборови и со пример дека духовните работи — како што се проучувањето на Библијата, присуството на состаноците и учеството во службата на проповедање — треба да заземаат најважно место во животот (Мат. 6:33). Во спротивно, вашите деца можат да почнат да му служат на Јехова само затоа што вие сте Јеховини сведоци. Како резултат на тоа, обожавањето на Јехова нема да им биде на прво место, па дури можеби и ќе престанат да му служат.
19. Каква надеж има за оние кои престанале да му служат на Јехова? (Види ја и рамката „Ти можеш да му се вратиш на Јехова!“)
19 Ако некој престане да му служи на Јехова, дали за него повеќе нема надеж? Не, бидејќи може да се покае и повторно да почне да му служи на Јехова. За да го направи тоа, тој можеби ќе треба да ја проголта својата гордост и да прифати помош од собраниските старешини (Јак. 5:14). Вреди сиот труд што треба да го вложи бидејќи така ќе може повторно да биде пријател со Јехова!
20. Ако го следиме примерот на верните цареви, како ќе гледа Јехова на нас?
20 Што научивме од израелските цареви? Можеме да бидеме како верните цареви ако продолжиме да му служиме на Јехова со сето срце. Да учиме од нашите грешки, да се покаеме и да ги правиме потребните промени. Исто така, да не заборавиме колку е важно да продолжиме да му служиме на единствениот и вистински Бог. Ако му останеш верен на Јехова, тој ќе гледа на тебе како на некој што го прави она што е исправно во негови очи.
ПЕСНА 45 Размислувањето на моето срце
a Во оваа статија, изразот „израелските цареви“ се однесува на сите цареви кои владееле со Јеховиниот народ, без разлика дали владееле со двоплеменското царство Јуда, со десетплеменското царство Израел или со сите 12 племиња.
b ПОЈАСНУВАЊЕ: Библијата честопати го користи зборот „срце“ за да ја опише целокупната личност на човекот, односно каков е тој однатре, вклучувајќи ги неговите желби, мисли, склоности, ставови, способности, мотиви и цели.
c Очигледно, било обичај паганските цареви да ги обожаваат боговите на народите кои ќе ги потчинеле.
d Цар Аса направил тешки гревови (2. Лет. 16:7, 10). Но, Библијата вели дека тој го правел она што е исправно во Јеховини очи. Кога Јеховиниот пророк го укорил, Аса на почетокот не го послушал советот, но можно е дека подоцна се покајал. Општо земено, тој имал повеќе добри особини отколку лоши. Значајно е тоа што Аса му служел само на Јехова и вложил голем труд за да го отстрани идолопоклонството од неговото царство (1. Цар. 15:11-13; 2. Лет. 14:2-5).
e Првите две заповеди од Мојсеевиот закон забранувале да се обожава кого и да било или што и да било освен Јехова. Оттука гледаме дека на Јехова му е многу важно да му служиме на исправен начин (2. Мој. 20:1-6).
f ОПИС НА СЛИКАТА: Еден млад старешина му кажува на еден друг брат дека е загрижен за неговите навики на пиење. Братот понизно го прифаќа советот, ги прави потребните промени и продолжува верно да му служи на Јехова.