СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 32
ПЕСНА 44 Молитва на потиштениот
Јехова сака „сите да дојдат до покајание“
Јехова не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание (2. ПЕТ. 3:9)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да видиме што значи некој да се покае, зошто сите ние треба да се покаеме и како Јехова им помага на најразлични луѓе да се покаат.
1. Што вклучува покајанието?
КОГА ќе направиме нешто погрешно, многу е важно да се покаеме. Според Библијата, еден човек се кае кога му е жал за грешката што ја направил, престанува да ја прави и е решен повеќе да не ја повторува (Мат. 3:8; Дела 3:19; 2. Пет. 3:9).
2. Зошто сите треба да учиме за покајанието? (Неемија 8:9-11).
2 Секој човек треба да учи за покајанието. Зошто? Бидејќи сите ние грешиме секој ден. Како потомци на Адам и Ева, сите сме наследиле грев и смрт (Рим. 3:23; 5:12). Никој од нас не е исклучок. Дури и луѓе со силна вера, како што бил апостол Павле, се бореле против гревот (Рим. 7:21-24). Дали ова значи дека цело време треба да бидеме обесхрабрени поради нашите гревови? Не. Јехова е милостив и сака да бидеме среќни. Размисли за Евреите кои живееле во времето на Неемија. (Прочитај Неемија 8:9-11.) Јехова не сакал да бидат скршени од тага поради гревовите што ги направиле во минатото, туку сакал радосно да го обожаваат. Тој знае дека покајанието ни помага да бидеме радосни. Затоа нѐ поучува во врска со тоа. Ако се покаеме за нашите гревови, можеме да бидеме уверени дека нашиот милостив Татко ќе ни прости.
3. Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Во оваа статија ќе научиме нешто повеќе за покајанието. Ќе разгледаме три работи. Прво, ќе дознаеме какви поуки им дал Јехова на Израелците за покајанието. Потоа, ќе видиме како Јехова им помогнал на некои што направиле грев да дојдат до покајание. И на крај, ќе видиме што научиле следбениците на Исус во врска со покајанието.
КАКВИ ПОУКИ ИМ ДАЛ ЈЕХОВА НА ИЗРАЕЛЦИТЕ ЗА ПОКАЈАНИЕТО
4. Каква поука им дал Јехова на Израелците за покајанието?
4 Кога ги организирал Израелците како народ, Јехова со нив склучил сојуз, односно формален договор. Тој им ветил дека ќе ги штити и ќе ги благословува ако ги држат неговите заповеди. Во врска со неговите закони, Јехова ги уверил: „Оваа заповед што ти ја давам денес не е претешка за тебе и не е предалеку од тебе“ (5. Мој. 30:11, 16). Но, доколку Израелците повеќе не им биле послушни на неговите заповеди или доколку избереле да им служат на други богови, Јехова повеќе немало да ги штити и ќе трпеле последици. Но, тоа не значело дека немало можност повторно да ја стекнат Божјата милост. Израелците можеле да се вратат кај Јехова, својот Бог, и да го слушаат неговиот глас (5. Мој. 30:1-3, 17-20). Со други зборови, тие можеле да се покаат. Ако го направеле тоа, Јехова повторно ќе бил близок со нив и повторно ќе ги благословувал.
5. Како Јехова покажал дека не се откажал од својот народ? (2. Царевите 17:13, 14).
5 Божјиот избран народ одново и одново се бунел против Јехова. Освен што обожавале други богови, Израелците правеле и други ужасни работи. Како резултат на тоа, тие трпеле последици. Но, Јехова не се откажал од својот тврдоглав народ. Тој секогаш одново праќал пророци за да го поттикне својот народ да се покае и да му се врати. (Прочитај 2. Царевите 17:13, 14.)
6. Како Јехова ги користел своите пророци за да го поучи својот народ колку е важно да се покае? (Види ја и сликата.)
6 Јехова честопати ги користел своите пророци за да го предупреди својот народ и да му помогне да се поправи. На пример, преку Еремија, Бог рекол: „Врати се, одметничке, Израеле!... Нема да се гневи моето лице на вас, зашто јас сум лојален... Нема довека да се гневам. Увиди ја тежината на својот престап, зашто згреши против Јехова“ (Ерем. 3:12, 13). Преку Јоил, Јехова рекол: „Вратете се кај мене со сето свое срце“ (Јоил 2:12, 13). Јехова му рекол на Исаија да објави: „Исчистете се, отстранете ми ја од пред очи злобата на своите дела, престанете да правите зло!“ (Иса. 1:16-19). А преку Езекиел, Јехова прашал: „Зарем мене ми е мило да умре злосторникот... а не да се одврати од своите патишта и да остане жив? Зашто, мене не ми е мила смртта на оној што умира... Затоа, одвратете се и живејте!“ (Езек. 18:23, 32). На Јехова му е многу мило кога гледа дека луѓето се каат за своите гревови бидејќи сака тие да живеат засекогаш! Затоа, Јехова не чека некој да се смени, па дури тогаш да му понуди помош. Да видиме уште неколку примери во врска со ова.
Јехова честопати ги користел своите пророци за да го поттикне својот тврдоглав народ да се покае (види во пасуси 6-7)
7. Каква поука му дал Јехова на својот народ преку извештајот за пророкот Осија и неговата жена?
7 Забележи каква поука му дал Јехова на својот народ преку извештајот за пророкот Осија и неговата жена Гомер. Откако направила прељуба, таа го напуштила Осија поради друг маж. Дали било невозможно таа да се покае? Јехова, кој може да ги чита срцата, му рекол на Осија: „Оди и повторно сакај ја жената која друг ја сака и која врши прељуба, како што Јехова ги сака синовите на Израел, додека тие се свртуваат кон други богови“ (Оси. 3:1; Изр. 16:2). Забележи дека жената на Осија сѐ уште правела тежок грев. Сепак, Јехова му рекол на Осија да оди кај неа, да ѝ даде можност да се помират и да ѝ прости.a Слично на ова, Јехова не се откажал од својот тврдоглав народ. Иако Израелците сѐ уште правеле тешки гревови, тој сѐ уште ги сакал. Тој продолжил да ги праќа своите пророци за да им помогне да се покаат и да се променат. Дали овој пример покажува дека Јехова, оној кој „ги испитува срцата“, ќе се обиде да му помогне некому да се покае иако тоа лице сѐ уште прави тежок грев? (Изр. 17:3). Ајде да видиме.
КАКО ЈЕХОВА ИМ ПОМАГА НА ЛУЃЕТО ДА ДОЈДАТ ДО ПОКАЈАНИЕ
8. Што направил Јехова за да му помогне на Каин да се покае? (1. Мојсеева 4:3-7; види ја и сликата).
8 Каин бил првиот син на Адам и Ева. Тој наследил грев од своите родители. Освен тоа, за него Библијата вели: „Неговите дела беа зли“ (1. Јов. 3:12). Можеби тоа е причината зошто Јехова не погледнал со одобрување на Каин и на неговата жртва. Наместо да го промени своето однесување, „Каин многу се [разгневил], и лицето му се [смуртило]“. Што направил Јехова потоа? Тој зборувал со Каин. (Прочитај 1. Мојсеева 4:3-7.) Забележи дека Јехова љубезно разговарал со Каин, му кажал дека ќе го благослови ако се покае и го предупредил дека е во опасност да направи грев. За жал, Каин не го послушал. Тој не му дозволил на Јехова да му помогне да се покае. Откако Каин ја одбил помошта од Јехова, дали Бог престанал да им помага на луѓето да се покаат за своите гревови? Ни најмалку!
Јехова љубезно зборувал со Каин, му кажал дека ќе го благослови ако се покае и го предупредил дека е во опасност да направи грев (види во пасус 8)
9. Како Јехова му помогнал на Давид да се покае?
9 Јехова многу го сакал цар Давид. Тој дури го нарекол „човек по моето срце“ (Дела 13:22). Но, Давид направил тешки гревови, вклучувајќи прељуба и убиство. Според Мојсеевиот закон, Давид заслужувал смрт (3. Мој. 20:10; 4. Мој. 35:31). Но, Јехова сакал да му помогне на Давид да се покае.b Го испратил својот пророк Натан кај Давид, иако тој сѐ уште не покажал никаков знак на каење. Натан употребил една споредба за да допре до срцето на Давид. Бидејќи сфатил дека многу го повредил Јехова, Давид се покајал (2. Сам. 12:1-14). Тој напишал еден трогателен псалм кој покажува колку му било жал за она што го направил (Пс. 51, натпис). Овој псалм утешил безброј луѓе кои направиле некаков грев и ги поттикнал да се покаат. Многу сме благодарни што Јехова му помогнал на својот сакан слуга Давид да се покае.
10. Како се чувствуваш поради тоа што знаеш дека Јехова е стрплив со нас и ни простува?
10 Јехова мрази секаков грев (Пс. 5:4, 5). Но, тој знае дека сите ние сме грешници и од љубов кон нас одлучува да ни помогне да се бориме против гревот. Јехова секогаш се обидува да им помогне дури и на најголемите грешници да се покаат и да се зближат со него. Колку е утешно што го знаеме ова! Кога размислуваме за стрпливоста на Јехова и за неговата спремност да прости, ние сме решени да му останеме верни и брзо да се покаеме кога ќе згрешиме. Сега да разгледаме што ги поучил Исус своите ученици во врска со покајанието.
ШТО НАУЧИЛЕ СЛЕДБЕНИЦИТЕ НА ИСУС ВО ВРСКА СО ПОКАЈАНИЕТО
11-12. Што ги поучил Исус своите ученици за својот Татко преку една споредба? (Види ја сликата.)
11 Во првиот век од н.е., дошло времето да се појави Месијата. Како што беше спомнато во претходната статија, преку Јован Крстител и Исус Христос, Јехова ги поучил луѓето колку е важно да се покаат (Мат. 3:1, 2; 4:17).
12 Во текот на неговата служба на Земјата, Исус ги поучувал луѓето колку многу е спремен неговиот Татко да ни прости кога грешиме. Исус го направил тоа на впечатлив начин кога ја кажал споредбата за загубениот син. Тој млад човек одлучил да си замине од дома и правел многу лоши работи. Но, по некое време, тој се вразумил и се вратил дома. Како реагирал татко му? Исус рекол дека, додека синот уште бил далеку, неговиот татко го здогледал и се сожалил, па притрчал, го прегрнал и го избакнал. Синот не очекувал таткото да му прости и затоа го прашал дали може да работи како еден од неговите слуги во куќата. Но, таткото спремно му простил, го нарекол „мој син“ и го примил назад во семејството. Таткото рекол: „Овој мој син... беше загубен и се најде!“ (Лука 15:11-32). Кога живеел на небото пред да дојде на Земјата, Исус сигурно видел како неговиот Татко покажува такво сочувство кон безброј грешници кои се каеле. Оваа споредба што ја раскажал Исус, многу нѐ теши и ни покажува колку е милостив нашиот Татко Јехова!
Таткото од споредбата на Исус за загубениот син притрчува да го прегрне својот бунтовен син кој се вратил дома (види во пасуси 11-12)
13-14. Што научил апостол Петар за покајанието, и што ги поучил другите во врска со тоа? (Види ја и сликата.)
13 Апостол Петар научил важни поуки од Исус за тоа како Јехова им простува на оние што се каат. Петар често грешел, а Исус великодушно му простувал. На пример, откако три пати се одрекол од својот Господар, Петар бил скршен од болка поради вината што ја чувствувал (Мат. 26:34, 35, 69-75). Но, откако воскреснал, Исус му се појавил на Петар насамо за да зборува со него (Лука 24:33, 34; 1. Кор. 15:3-5). Без сомнение, Исус знаел дека Петар се кае и сакал да го увери дека му простил.
14 Благодарение на тоа, Петар од лично искуство можел да ги поучува другите за покајанието и за простувањето. Некое време по празникот Педесетница, Петар одржал говор пред мноштво Евреи во кој објаснил дека тие го убиле Месијата. Сепак, љубезно ги поттикнал: „Покајте се и обратете се за да ви бидат избришани гревовите, за да дојдат времиња на закрепнување од лицето на Јехова“ (Дела 3:14, 15, 17, 19). Значи, со ова Петар покажал дека покајанието го поттикнува грешникот да се обрати, односно да го промени својот погрешен начин на размислување и постапување и да почне да го прави она што го радува Бог. Исто така, апостолот им рекол на тие Евреи дека Јехова ќе ги избрише нивните гревови, односно дека потполно ќе им ги прости, како никогаш да не постоеле. Многу години подоцна, Петар ги уверил христијаните: „Јехова... е стрплив со вас бидејќи не сака никој да биде уништен, туку сите да дојдат до покајание“ (2. Пет. 3:9). Многу е утешно тоа што знаеме дека Јехова потполно ќе ни прости ако се покаеме за нашите гревови, дури и ако тие се многу големи!
Исус знаел дека Петар се кае и сакал да го увери дека му простил (види во пасуси 13-14)
15-16. а) Како апостол Павле научил во колкава мера простува Јехова? (1. Тимотеј 1:12-15). б) Што ќе разгледаме во следната статија?
15 Савле од Тарс бил човек кој направил многу лоши работи. Тој сурово ги прогонувал Христовите следбеници. Повеќето христијани веројатно мислеле дека тој нема никогаш да се промени и да се покае. Но, Исусовото размислување било далеку повозвишено од таквото несовршено човечко размислување. Исус и неговиот Татко виделе убави особини кај Савле. Исус рекол: „Овој човек ми е избран сад“ (Дела 9:15). Тој дури употребил чудо за да му помогне на Савле да се покае (Дела 7:58 — 8:3; 9:1-9, 17-20). Откако станал христијанин, Савле — подоцна познат како апостол Павле — честопати кажувал колку е благодарен за начинот на кој Јехова и Исус му покажале милосрдност и добрина. (Прочитај 1. Тимотеј 1:12-15.) Павле им кажал на браќата и сестрите: „Божјата добрина сака да [ве] доведе до покајание“ (Рим. 2:4).
16 Во една прилика, Павле чул дека собранието во Коринт му дозволило на еден човек што правел сексуален неморал да остане во собранието. Што им рекол Павле на тамошните христијани да направат? Од она што го рекол, можеме да научиме дека Јехова покажува љубов кога ги укорува своите слуги и дека покажува милост кога тие ќе се покаат. Исто така, можеме да научиме како да го следиме неговиот пример. Во следната статија подетално ќе разгледаме што се случило во собранието во Коринт.
ПЕСНА 33 Фрли му ги грижите на Јехова!
a Ова бил посебен случај. Денес, Јехова не бара од невиниот брачен другар да остане во брак со сопружникот кој направил прељуба. Всушност, Јехова го водел својот Син да објасни дека еден маж или една жена, доколку сака, може да се разведе од својот брачен другар кој направил прељуба (Мат. 5:32; 19:9).
b Види ја статијата „Јехова е спремен да прости — што значи тоа за тебе?“ во Стражарска кула од 15 ноември 2012, стр. 21-23, пас. 3-10.