СТАТИЈА ЗА ПРОУЧУВАЊЕ 33
ПЕСНА 130 Спремно да простуваме
Како собранието го одразува ставот на Јехова во случај на тежок грев
Ако некој направи грев, имаме помошник (1. ЈОВ. 2:1)
ЦЕЛ НА СТАТИЈАТА
Да извлечеме поуки од тоа како собранието во Коринт во првиот век се справило со еден случај на тежок грев.
1. Што им посакува Јехова на сите луѓе?
ЈЕХОВА ги создал луѓето со слободна волја. Секојпат кога носиме некоја одлука, ние го користиме тој дар. Најважната одлука што едно лице може да ја донесе е одлуката да му го заветува својот живот на Јехова и да стане дел од неговото семејство. Јехова сака секој да го направи тоа. Зошто? Бидејќи ги сака луѓето и сака тие да бидат среќни. Тој сака да му бидат пријатели и да живеат засекогаш (5. Мој. 30:19, 20; Гал. 6:7, 8).
2. Како гледа Јехова на некој што прави грев и не се кае? (1. Јованово 2:1).
2 Сепак, Јехова никого не присилува да му служи. Тој му дозволува на секој поединец да одлучи што ќе прави. Но што ако еден крстен христијанин го крши Божјиот закон со тоа што прави тежок грев? Ако не се кае, тој мора да биде отстранет од собранието (1. Кор. 5:13). Сепак, дури и кога ќе дојде до тоа, Јехова со сето срце се надева дека оној што згрешил ќе се врати кај него. Всушност, тоа е една важна причина зошто Јехова ја обезбедил откупнината — за да може да им прости на оние што се каат за своите гревови. (Прочитај 1. Јованово 2:1.) Нашиот Бог кој е полн со љубов срдечно ги поттикнува оние што згрешиле да се покаат (Зах. 1:3; Рим. 2:4; Јак. 4:8).
3. Што ќе разгледаме во оваа статија?
3 Јехова сака да го усвоиме неговиот став во врска со грешното постапување и во врска со оние што грешат. Во оваа статија ќе разгледаме како можеме да го направиме тоа. Додека ја читаш оваа статија, обрни внимание на тоа 1) како постапило собранието во првиот век во Коринт кога еден христијанин правел тежок грев, 2) какви упатства дал апостол Павле кога тој човек се покајал и 3) што ни открива овој библиски извештај во врска со ставот што го има Јехова кон христијаните кои прават тежок грев.
КАКО СОБРАНИЕТО ВО КОРИНТ СЕ СПРАВИЛО СО СЛУЧАЈ НА ТЕЖОК ГРЕВ
4. Каква ситуација се појавила во собранието во Коринт во првиот век? (1. Коринќаните 5:1, 2).
4 Прочитај 1. Коринќаните 5:1, 2. За време на своето трето мисионерско патување, Павле слушнал вознемирувачки вести за новоформираното собрание во Коринт. Еден брат од тоа собрание имал сексуални односи со својата маќеа. Таквото однесување било навистина вознемирувачко и го немало дури ни меѓу незнабошците. Собранието не само што го толерирало неговото однесување туку можеби и се гордеело со тоа. Можеби некои во собранието мислеле дека на тој начин се милостиви како што Јехова е милостив кон несовршените луѓе. Но Јехова не одобрува кога некој од неговиот народ прави грев. Со таквото дрско однесување, овој човек сигурно го нарушувал угледот на собранието. Исто така, можеби влијаел и врз другите христијани кои се дружеле со него. Затоа, какви упатства му дал Павле на собранието?
5. Какви упатства му дал Павле на собранието, и зошто? (1. Коринќаните 5:13; види ја и сликата).
5 Прочитај 1. Коринќаните 5:13. Под водство на светиот дух, Павле напишал писмо во кое дал упатство христијанинот кој правел грев и не се каел да биде отстранет од собранието. Како требало да се однесуваат верните христијани со него? Павле им рекол да престанат да се дружат со овој човек. Тој им кажал дури и да не јадат со него (1. Кор. 5:11). Зошто? Затоа што ако јадеме заедно со некого, лесно би можеле да почнеме да поминуваме повеќе време со него. Како ќе му користело на собранието ако престанело да се дружи со овој христијанин? Ова ќе го штитело собранието од лошо влијание (1. Кор. 5:5-7). Исто така, тоа што немало да се дружат со него можело да му помогне да сфати дека направил нешто многу лошо во Јеховини очи и, како резултат на тоа, можеби да почувствува срам и да биде поттикнат да се покае.
Под водство на светиот дух, Павле напишал писмо во кое дал упатство христијанинот кој не се каел за својот грев да биде отстранет од собранието (види во пасус 5)
6. Какво влијание имало писмото на Павле врз собранието и врз оној што вршел тежок грев?
6 Откако им го испратил писмото на христијаните во Коринт, Павле почнал да се прашува како тие ќе реагираат на неговите зборови. Конечно, Тит му донел вест од Коринт која многу го израдувала. Собранието реагирало позитивно на писмото од Павле (2. Кор. 7:6, 7). Тие христијани ги послушале неговите упатства. Освен тоа, кратко откако го примиле писмото на Павле, човекот што правел тежок грев се покајал. Тој престанал да постапува погрешно, го сменил својот став и почнал да се држи за Јеховините праведни мерила (2. Кор. 7:8-11). Што следно му кажал Павле на собранието?
КАКО ТРЕБАЛО ДА ПОСТАПИ СОБРАНИЕТО СО ЧОВЕКОТ КОЈ СЕ КАЕЛ ЗА СВОЈОТ ГРЕВ
7. Каков бил резултатот од тоа што човекот кој правел грев бил отстранет од собранието? (2. Коринќаните 2:5-8).
7 Прочитај 2. Коринќаните 2:5-8. Павле рекол дека „на таквиот му е доволно што [бил] укорен од повеќето“. Со други зборови, укорот ја исполнил својата цел. Која цел? Да му помогне да се покае (Евр. 12:11).
8. Што следно Павле му кажал на собранието?
8 Затоа, во врска со братот кој направил грев, Павле му рекол на собранието: „Спремно простете му и утешете го... покажете му дека го сакате“. Забележи дека Павле сакал собранието да направи нешто повеќе отколку само да му дозволи на овој човек да биде повторно меѓу Јеховиниот народ. Павле сакал тие да го уверат со своите зборови, постапки и однесување дека навистина му простиле и дека го сакаат. Така јасно ќе му покажеле дека се радуваат што се вратил во собранието.
9. Зошто на некои можеби им било тешко да му простат на братот кој се каел за својот грев?
9 На почетокот, некои христијани можеби не биле радосни кога слушнале дека човекот кој се каел за својот грев повторно е дел од собранието. Зошто го велиме ова? Тој со своите постапки му нанел штета на целото собрание, а можеби им нанел и срам на одредени поединци. Некои од собранието кои давале сѐ од себе да останат чисти во морален поглед можеби сметале дека не е фер тој да биде срдечно примен во собранието. (Спореди со Лука 15:28-30.) Зошто, сепак, било важно собранието да покаже дека навистина го сака својот брат кој се вратил?
10-11. Што можело да се случи доколку старешините не му простеле на човекот што се каел?
10 Замисли си што можело да се случи доколку старешините не му дозволеле на човекот кој вистински се каел да се врати во собранието или доколку, откако се вратил, собранието не сакало да му покаже љубов. Тој можел да биде скршен од „преголемата жалост“. Лесно можел да си помисли дека неговата ситуација е безнадежна. Тој дури можел да престане да се труди да го обнови своето пријателство со Бог.
11 Што е уште полошо, доколку не му простеле на грешникот кој се каел, браќата и сестрите би го довеле во опасност своето пријателство со Јехова. Зошто? Бидејќи на тој начин не би го следеле примерот на Јехова, кој им простува на оние кои се каат за своите гревови, туку би го следеле примерот на Сатана, кој е суров и безмилосен. Тие, всушност, би станале алатки во рацете на Ѓаволот кои тој можел да ги искористи за овој човек да престане да му служи на Јехова (2. Кор. 2:10, 11; Еф. 4:27).
12. Како можело собранието да го следи примерот на Јехова?
12 Како, тогаш, собранието во Коринт можело да го следи примерот на Јехова, а не на Сатана? Така што ќе постапувало со оние кои се каат за своите гревови исто како што би постапил Јехова. Забележи што напишале за Јехова некои писатели на Библијата. Цар Давид напишал: „Ти, Јехова, си добар и спремен да простиш“ (Пс. 86:5). Михеј напишал: „Кој Бог е како тебе, кој ги простува грешките и преминува преку престапот?“ (Мих. 7:18). А Исаија рекол: „Злосторникот нека го остави својот пат и злобниот нека ги остави своите мисли, и нека се врати кај Јехова, кој ќе му се смилува, кај нашиот Бог, зашто тој ќе му прости великодушно!“ (Иса. 55:7).
13. Зошто било соодветно човекот повторно да биде примен во собранието? (Види ја рамката „Кога бил повторно примен човекот од Коринт?“)
13 За да го следат примерот на Јехова, браќата и сестрите во собранието во Коринт требало да го уверат овој христијанин дека го сакаат и да му покажат дека се среќни што се вратил. Со тоа што го послушале упатството на Павле и му простиле, христијаните од ова собрание покажале дека се „послушни во сѐ“ (2. Кор. 2:9). Иако поминале само неколку месеци откако бил отстранет од собранието, овој човек се покајал благодарение на укорот што го добил. Затоа, штом било јасно дека се покајал, немало потреба уште да се чека за повторно да биде примен во собранието.
ДА ПОКАЖУВАМЕ ПРАВДА И МИЛОСТ КАКО ЈЕХОВА
14-15. Што учиме од она што се случило во собранието во Коринт? (2. Петрово 3:9; види ја и сликата).
14 Извештајот за начинот на кој собранието во древниот Коринт постапило во овој случај бил запишан и зачуван „за наша поука“ (Рим. 15:4). Од овој извештај учиме дека Јехова не дозволува некој што прави тежок грев да остане во собранието. Некои можеби си мислат дека поради тоа што е милостив, Јехова би дозволил некој што не се кае да остане во собранието. Но тоа не е начинот на кој Јехова покажува милост. Јехова е милостив, но не е попустлив; ниту пак ги спушта своите мерила (Јуда 4). Всушност, ако би дозволувал непокајничките грешници да останат во собранието, Јехова воопшто не би бил милостив, бидејќи така би го довел во опасност целото собрание (Изр. 13:20; 1. Кор. 15:33).
15 Сепак, учиме и дека Јехова не сака никој да биде уништен. Тој сака, секогаш кога е можно, да им помогне на луѓето да се спасат. Бог им покажува милост на оние кои го промениле својот начин на размислување и постапување и кои сакаат повторно да бидат пријатели со него (Езек. 33:11; прочитај 2. Петрово 3:9). Затоа, кога човекот во Коринт се покајал и престанал да постапува погрешно, Јехова го употребил Павле за да му објасни на собранието дека треба да му биде простено и дека треба срдечно да биде примен назад.
Одразувајќи ги Јеховината љубов и милост, собранието им изразува срдечно добредојде на оние што се повторно примени (види во пасуси 14-15)
16. Какви чувства се будат кај тебе за Јехова по ова што го разгледавме во врска со случајот во Коринт?
16 Тоа што разгледавме на кој начин собранието во Коринт постапило во овој случај, ни помага да видиме дека Јехова е полн со љубов и дека е праведен (Пс. 33:5). Зарем не си поттикнат да му оддаваш уште поголема слава на нашиот Бог? Всушност, сите ние грешиме — секој од нас — и потребно ни е неговото простување. Сите ние имаме причина да му бидеме благодарни на Јехова за откупнината, која е темел за да ни бидат простени гревовите. Колку е утешно тоа што знаеме дека Јехова навистина ги сака своите слуги и дека сака да бидат среќни засекогаш!
17. За што ќе се зборува во следните статии?
17 Ако некој денес направи тежок грев, како може собраниските старешини да го следат примерот на Јехова и со љубов да му помогнат на лицето да се покае? Како треба собранието да постапи кога старешините ќе одлучат некој да биде отстранет или повторно примен? За овие прашања ќе се зборува во следните статии.
ПЕСНА 109 Да се сакаме силно и од срце!