Прашања од читателите
Според 2. Солуњаните 3:14, кога некој од собранието треба да биде обележан, кој ја носи таа одлука — старешините или секој христијанин поединечно?
На христијаните во Солун, апостол Павле им напишал: „Ако некој не го послуша она што го рековме во ова писмо, обележете го“ (2. Сол. 3:14). Претходно сметавме дека овие зборови Павле им ги упатил директно на старешините. Во одредени случаи, кога некој од собранието упорно ги игнорираше библиските начела и покрај тоа што повеќепати беше советуван, старешините ќе одржеа пред собранието еден предупредувачки говор. Потоа, објавителите не се дружеа со тоа лице.
Но, сега треба да направиме една промена. Очигледно советот на Павле се однесува на тоа дека секој христијанин како поединец сам одлучува како ќе постапи во дадените околности. Според тоа, нема потреба старешините да одржат еден таков говор. Зошто ја правиме оваа промена? Да разгледаме во кој контекст го дал Павле советот.
Павле забележал дека некои од тоа собрание „живеат неуредно“. Тие не ги почитувале советите што Павле им ги дал на темел на Божјата Реч. Кога претходно бил во нивното собрание, тој им ја дал следнава заповед: „Ако некој не сака да работи, нека и не јаде!“ И покрај тоа, некои не сакале да работат за да се издржуваат, иако биле способни за тоа. А имало и такви кои се мешале во туѓи работи. Како требало христијаните да се однесуваат со оние што живееле неуредно? (2. Сол. 3:6, 10-12).
За некој што живеел неуредно, Павле рекол: „Обележете го“. Грчкиот збор укажува на тоа да забележиш кога некој живее неуредно и да бидеш свесен дека може лошо да влијае и врз тебе. Павле му го дал тој совет на целото собрание, а не само на старешините (2. Сол. 1:1; 3:6). Затоа, кога еден христијанин ќе забележел дека некој од собранието не е послушен на советите од Божјата Реч, сам одлучувал повеќе да не се дружи со него.
Дали тоа значело дека со таквиот требало да се однесуваат како да е отстранет од собранието? Не, зашто Павле уште рекол: „Опоменувајте го како брат“. Значи, христијаните и понатаму на состаноците и во службата ќе се дружеле со оној што бил обележан, но не и во слободното време. Зошто? „За да се посрами“, напишал Павле. Како резултат на обележувањето, оној што живеел неуредно можеби ќе се посрамел и ќе се поправел (2. Сол. 3:14, 15).
Како може да го примениме овој совет денес? Прво, треба да бидеме сигурни дека некој навистина живее и се однесува неуредно, според зборовите на Павле. Павле не зборувал за оние што се поинакви од нас во врска со работи кои се оставени на совест или на личен избор. А, не мислел ни на оние кои можеби нѐ повредиле со нешто. Павле зборувал конкретно за оние кои намерно избираат да не бидат послушни на јасните библиски совети.
Денес, ако забележиме дека некој сохристијанин упорно одбива да ги послуша советите од Божјата Реч,a сами ќе одлучиме да не се дружиме и да не поминуваме време со него. Бидејќи ова е лична одлука, не треба да зборуваме за неа со другите, освен во кругот на семејството. А со тој брат или сестра ќе продолжиме да се дружиме на состаноците и во службата. Кога ќе видиме дека се поправиле, ќе се дружиме со нив како и порано.
a На пример, еден сохристијанин можеби одбива да работи за да се издржува себеси иако е способен за тоа, можеби инсистира да остане во врска со некој што не е соверник, или можеби зборува против упатствата што ги добиваме, сее сомнежи во врска со библиските учења или оговара (1. Кор. 7:39; 2. Кор. 6:14; 2. Сол. 3:11, 12; 1. Тим. 5:13). Оние што упорно го прават тоа живеат неуредно.